Наскоро интегриран веб-портал за зајакнување на конкурентноста на македонската економија

Министерот за економија Ваљон Сарачини и директорот на проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот Александар Шахов денеска потпишаа Меморандум за разбирање за подготовка на веб-портал КонкурентностМК.

Меморандумот предвидува во наредните неколку месеци да се изготви интегриран веб-портал наменет за зајакнување на конкурентноста на македонската економија на кој на едно место ќе можат да се најдат сите проекти, активности, мерки и начини на аплицирање и користење на средствата кои ги нудат надлежните институции.

- Со изработката на веб-порталот претставниците на деловната заедница ќе имаат лесно достапна информација за проектите со што ќе можат на полесен и поефикасен начин да дојдат до непоходните податоци. Проектот ќе се реализира во соработка меѓу министерствата за економија, за информатичко општество и администрација, за образование и наука, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и други институции и организации, рече Сарачини.

Заменик министерот за информатичко општество и админстрација Марта Арсовска Томовска посочи дека порталот КонкурентностМК ќе му овозможи на бизнис секторот подобра информираност за политиките и програмите на инститциите, но и модерен начин на двонасочна комуникација.

- Ја поздравувам и ја поттикувам примената на информатичко-комуникациските технологии во рамките на јавниот сектор зашто на тој начин се зголемува тренспрентноста на процесите и се подобрува квалитетот на работата на институциите, порача Арсовска Томовска.

Шахов нагласи дека порталот ќе овозможи пристап до сите програми кои Владата преку министерствата и агенциите  ги предвидува за помош на приватниот сектор од аспект на имплементација на индустриската политика.