Нов начин на издавање резултати од радиодијагностиката, најави министерот Тодоров

Министерството за здравство во консултација со експерти одлучи да пристапи кон нов начин на издавање на резултатите од радиодијагностиката. Сите јавни здравствени установи каде има ваква дигитална опрема имаат рок до 15 февруари да ги извршат последните подготовки за обезбедување на услови за дигитализација на процесот и да почнат комплетно издавање на снимките на ЦД.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција посочи дека со овој проект покрај Клиниката за радиологија ќе бидат опфатени и клиничките болници во Битола и Штип и сите јавни здравствени установи во кои овие кабинети се дигитални или дигитализирани, во најголем дел каде е инсталирана нова медицинска опрема од овој тип, како што се магнетната резонанца и компјутерската томографија.

- Целта е овој процес да се воспостави во цела држава и околу 85 до 90 проценти од снимките да се издаваат на ЦД, иако досегашното снимање на филм нема да се избегнува по секоја цена. Главниот збор ќе го има лекарот кој ќе одлучува каква снимка ќе биде потребна. Бенефитот од новиот начин на издавање на снимките на ЦД и во хард копи ќе се издава само на принтана хартија ќе го има целиот здравствен систем, а очекуваната заштеда од оваа нова мерка е околу половина милион евра годишно или 30 милиони денари, рече Тодоров.

На пример, укажа тој, за снимање на мозок со магнетна резонанца се трошат најмалку четири ласерски филма.

- Со оглед на тоа што еден ласерски филм чини 250 денари за едно снимање ќе бидат потребни 1.000 денари. Со новиот концепт за тоа ќе бидат потребни помалку средства затоа што ќе биде потребно да се набави само едно ЦД и да се испринтаат еден или четири пет листа. На тој начин трошокот нема да биде повеќе од 30-40 денари, истакна Тодоров.

Тој потенцира дека експертите од оваа област информираат оти пациентите кои бараат 3Д обработка особено кога станува збор за 3Д компјутерска визуелизација на крвните садови добиваат и колор принтови на хартија кои многу ја подобруваат истата. Со тоа, ќе се добие многу подобра визуелизација на она што се добива на ласерски филм. 

- Во пилот фазата што ја спроведовме со посетата на Клиничката болница во Штип констатиравме дека заштедата таму ќе биде 100.000 евра (600 милиони денари), додаде Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата проф.доктор Миодраг Врчаковски од Клиниката за радиологија рече дека подобрувањата се прават бидејќи до пред месец-два 70 проценти од пациентите упатени за магнетна резонанца биле со нормален наод и само 30 проценти биле со некаков наод кој можел да го оправда снимањето.

- Триесет и три магнетни резонанци беа обработени денеска, бројот на пациенти без наод сега е 20 проценти. Значи селективноста е далеку поголема бидејќи ги упатува специјалист, а не матичен доктор. Овој систем што се предлага е попозитивен и мерките што се во функција повеќе ја зголемуваат реалноста. Сега работам во тотално релаксирана атмосфера. Пред Нова година имав минумим 60 пациенти на магнетна резонанца, а денешната бројка е 33 пациенти, истакна Врчаковски.

Во Градската општа болница „8 Септември“, посочи тој, сега има 70 проценти неселектирани пациенти со нормални наоди, а на Клиниката процентот е 20.

- Значи ударниот бран сега се префрла во Градската општа болница „8 Септември“, во болниците во Битола и Штип. На тој начин ние ќе работиме пософистицирано, ќе ги применуваме најсовремените методи. Малку време ќе помине и ќе видите какви спектакуларни наоди ќе добивате од Институтот од апаратот за магнетна резонанца и компјутеризирана томографија, додаде Врчаковски.