Министерот Бесими во Пентагон и Стејт департментот

Билатералната соработка во областа на одбраната, начините за нејзино идно унапредување и заедничкото учество во мировни мисии, како важен сегмент на стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и САД, беа тема на средбата во Пентагон меѓу министерот за одбрана Фатмир Бесими и Џозеф МекМилан, вршителот помошник-секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања.

Министерот Бесими на средбата истакнал дека Република Македонија ќе продолжи со реформскиот процес во одбраната кој континуирано тече, а потврдени беа и македонските заложби за членство во НАТО. Исто така, министерот Бесими на состанокот информирал за учеството на Република Македонија во мировните мисии, односно во ИСАФ.

- Во тој контекст истакна дека Македонија ќе ги следи чекорите на земјите-членки на НАТО и одлуките кои НАТО ќе ги донесе, и оти во моментот останува истата бројка на нашите припадници кои се дел од ИСАФ. Министерот Бесими нагласи дека, ќе се зголеми бројот на припадниците на Армијата на Република Македонија, во однос на обуките на воената полиција во Авганистан, проект кој се реализира со земјите од регионот во рамките на А5-форматот.

Помошник-секретарот МекМилан  изразил благодарност за досегашната американско-македонска соработка и ја нагласил поддршката на САД на Македонија во насока на реализација на крајната цел – полноправно членство во Алијансата. Во тој контекст, МекМилан го поздрави долгогодишниот ангажман и високиот професионализам на македонските мировници во меѓународните мисии.

По посетата на Пентагон, министерот Бесими, во Стејт департментот, имаше средби и со Филип Рикер, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, како и со повеќе сенатори и конгресмени на кои се разговарало за членството на Република Македонија во НАТО.