Наскоро нова категоризација на сместувачките капацитети во Македонија

Министерството за економија подготвува нов построг Правилник за категоризација на угостителските објекти и хотелите. Следнава недела траба да се одржи јавна расправа со туристичките работници за новиот Правилник по што официјално ќе биде усвоен.

- Целта на новиот Правилник е да се направи транспарентна категоризација на хотелите и да се подигнат на повисок степен стандардите  на сместувачките капацитети. На хотелиерите ќе им биде оставен рок од две години за да ги прилагодат објектите на новиот Правилник, а дотогаш во соработка со Државниот пазарен инспекторат ќе се спроведат низа контроли за да се види како се спроведува категоризацијата, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

Тој појасни дека со измените на Правилникот хотелите со една и две ѕвездички треба да имаат најмалку 10 соби, оние со три ѕвездички 15, а хотелите со четири или пет ѕвездички најмалку 20 соби. Во сите хотели треба да има можност да се плаќа со кредитни картички.

- Хотелите со четири ѕвездички како дополнителна содржина треба да имаат базен, а со пет ѕвездички задолжително е да имаат базен, фитнес и спа центар. Зголемена е и квадратурата на собите на 14 метри квадратни за еднокреветна соба за хотел со пет ѕвездички, 12 метри квадратни за  хотел со четири ѕвездички, ..., рече Сарачини.

Се предвидува, нагласи, зголемување и на бројот на соби за инвалидизирани лица и наместо на секои 50 соби една да е за инвалид сега е предвидено на секои 30 соби една да биде за инвалид.

- Задолжително е и познавањето на по еден светски јазик за менаџерот и персоналот кој комуницира со гостите и за хотелите со две ѕвездички, додаде Сарачини.

Директорката на Државниот пазарен инспекторат Елизабета Чингаровска појасни дека во Правилникот е предвидено зголемување на казните за непочитување на категоризацијата.

- Досега при контролите само укажувавме доколку категоризацијата на угостителскиот објект не беше истакната  и дававме рок да се прилагоди што во многу случаи беше злоупотребувано. Со измените ни се дава можност да изречеме забрана за вршење дејност во рок од 30 дена, а доколку нема доказ за извршено усогласување да изречеме казни од 1.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 200 евра за одговорното лице, рече Чингаровска.

Лани, додаде, Инспекторатот изврши вкупно 30.000 контроли од кои 15 отсто во областа на туризмот. Според Законот за угостителска дејност, извршени се 3.735 контроли од кои произлегле 332 вонредни надзори по укажување.

- Најчестите поплаки од туристите се однесуваат на аранжманите во странство и на туристичките агенции, а нема ниту една поплака за категоризацијата на хотелите, рече Чингаровска и додаде дека проблемот со категоризацијата најчесто е во брошурите со кои се рекламираат хотелите каде се претставуваат со повеќе ѕвездички отколку што има објектот. 

Во Македонија има околу 200 сместувачки објекти од кои 190 се категоризирани, а од нив 11 се хотели со пет ѕвездички. Спроведените анкети кај странските туристи покажуваат дека категоризацијата на сместувачките објекти во Македонија е истакната како најголем проблем со кој се соочуваат при престојот во земјава.

Министерот за економија не очекува последниве случувања со напади на лица и меѓуетнички тензии да предизвикаат намалување на бројот на странски туристи.

- Ги преземаме сите неопходни мерки и напорно работиме на подобрување на условите за престој во земјава. Ситуацијата не е таква како што некој сака да ја претстави и очекувам бројот на туристите да се зголемува бидејќи веќе има такви најави од странство. Потврда за тоа е и за 25 отсто зголемениот број на туристи во јануари година во однос на истиот период лани, рече Сарачини во одговор на новинарско прашање.