Министерот Никола Попоски се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, кој престојува во дводневна посета на Република Македонија.

Попоски и Заниер, како што соопшти МНР, разменија мислења за прашањата од интерес на Организацијата, вклучувајќи ги реформските активности на генералниот секретар во правец на  зголемена ефикасност на ОБСЕ во справување со предизвиците и имплементација на приоритетите на Организацијата.

Министерот Попоски се заблагодари за поддршката на Организацијата и нејзината мисија во Република Македонија кон реформските активности на македонската Влада, посебно во сферата на владеење на правото,  унапредување на меѓуетничките односи, образованието и судството. Ја истакна и добрата соработка со институциите на ОБСЕ, вклучително и со Високиот комесар за националните малцинства, Претставникот за слобода на медиумите и ОДИХР. Ја подвлече посветеноста на Владата кон имплементација на препораките на овие институции во сферата на образованието, состојбите во медиумите и изборната легислатива. 

Во однос на идното делување на Мисијата на ОБСЕ во земјава, истакна дека Македонија очекува да продолжи процесот на нејзино намалување, согласно напредокот постигнат во сферите на мандатот на Мисијата, со натамошно фокусирање на активностите во поддршка на процесот на нашата европска и евро-атлантска интеграција. 

Во однос на насилните инциденти  кои се случуваа последните неколку денови, министерот Попоски укажа дека  тие во никој случај не треба да се третираат како реален индикатор за состојбите во државата, подвлекувајќи дека, како во секоја демократска држава, сторителите мора да бидат соодветно казнети, согласно законот.

Генералниот секретар Заниер го поздрави напредокот на Република Македонија во сите сфери од интерес на ОБСЕ, изразувајќи уверување дека тоа ќе биде рефлектирано и во одредувањето на идните активности на Организацијата и нејзината Мисија во земјава.