Средба на вицепремиерот Пешевски со евроамбасадорот Орав

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска се сретна со новиот шеф  на Мисијата на Европска унија во Македонија, Аиво Орав.

На средбата е разговарано за проектите и активностите што Владата ги презема на полето на економијата со цел подобрувањето на конкурентноста, деловната клима и привлекувањето странски инвестиции, како и соработката на ова поле помеѓу Република Македонија и државите од Европската Унија. Воедно од страна на амбасадорот беше поздравен напредокот на Република Македонија во полето на економските критериумите за полноправно членство во ЕУ.

Вицепремиерот истакна дека Република Македонија, како и до сега, ќе продолжи со динамично спроведување на економските реформи со цел подобрување на бизнис климата и зајакнување на конкурентноста на македонската економија. Непречената економска соработка меѓу Република Македонија и Европската Унија овозможуваат развој на националната економија согласно приоритетите и стандардите на Унијата. Токму затоа, Владата силно го поддржува партнерскиот однос на државата со ЕУ и за таа цел континуирано се залага за споделување на најдобрите искуства и практики во областа на економија кое ќе овозможи полесно и побрзо интегрирање на државата кон пазарот на ЕУ.