Отворено писмо до Владата на Република МакедонијаМакедонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската верска заедница, недвосмислено и со целосна взаемна поддршка изградија единствен став по прашањето за Веронауката и, по тој повод, до одговорните фактори во државата и нејзините релевантни институции, до меѓународните претставници и до јавноста, го упатија ова
ОТВОРЕНО ПИСМО
Еднодушно, и овојпат, ја изразуваме нашата најсрдечна благодарност за воведувањето на Веронауката во образовниот систем во Република Македонија и нејзиното изучување во петто одделение, во учебната 2008/2009 година. Тоа го цениме како значаен придонес во демократските процеси кај нас и голема придобивка на демократијата што ја ползуваат младиве генерации, а за која чезнеевме ние, повозрасните, во едно минато време. Со тоа ќе ја вратиме кај децата радоста во душата, насмевката на лицата и моралноста во срцата. Ќе им помогнеме најпрво ним во усвојувањето на духовните богатства, во изградувањето на основниот систем на моралните вредности и во осознавањето на својот верски и национален бит, како и почитта кон другите кои припаѓаат на друга вера и нација, бидејќи ќе учат и за нив и ќе знаат, та да не се плашат од предрасудите и од непознатото. Ќе им помогнеме и на нивните родители кои сакаат да имаат добри деца со изградени карактерни особини и склони кон доброто во животот. Ќе и помогнеме на државата, изградувајќи личности кои ќе бидат цврсти столбови на демократијата и чувари на верата и татковината, знаејќи ги нивните богатства и значајности. Ќе им помогнеме и на другите во пошироката заедница на Стариот континент, претставувајќи ги нашите придонеси за човештвото, од далечното минато до нашава сегашност, градејќи светла иднина. И најпосле, тоа ќе ни донесе радост на сите, оти правиме добро пред Бога, Кој ќе го благослови со добар плод и со благопријатност до сите.
|

















