Груевски: Проектот за испраќање деца од социјални категории на годишен одмор добива завршница

Проектот на Владата за испраќање 3.000 деца на годишен одмор веќе влегува во својата подлабока фаза, односно добива и една завршница. Премиерот Никола Груевски денеска одговрајќи на новинарски прашања рече дека конкурсот е објавен и оти родителите на децата кои ги исполнуваат условите веќе почнале да доставуваат апликации.  

- И тоа што го ветивме ќе го исполниме, во тек е пријавувањето. Со ова се надеваме дека на поголем број семејства приматели на социјална помош, семејства што се со еден родител или други ранливи категории на деца кои се дел од овој проект да добијат една мала помош за време на овие тешки времиња на европска должничка криза, на европска рецесија која се рефлектира и во Македонија и воопшто една мала помош во однос на ситуацијата која ја имаат нивните родители, изјави  премиерот одговрајќи на новинарски прашања по промоција на нова опрема на Детската клиника во Скопје. 

Тој додаде дека се планира од вкупно 3.000, 2.000 деца да го искористат правото  во текот на ова лето. А околу илјада деца тоа да го сторат за време на зимскиот одмор.

Според премиерот Груевски така ќе има деца што ќе одат на одмор и лете и зиме.