Државата ќе формира геолошки завод за развој на рударството и за повеќе инвестиции

Државата ќе формира геолошки завод што треба да почне да функционира од први јануари следната година, предвидува  Предлог законот  чијшто текст го утврди  Владата на последната седница.

Причина за формирање  на геолошкиот завод е значително зголемениот  број на инвеститори во делот на минералните суровини, како и големиот  потенцијал на државата во оваа област, што за жал е недоволно искористен затоа што нема стручни податоци,  образложи денеска на прес-конференција министерот за економија Ваљон Сарачини.

Заводот ќе врши основни геолошки истражувања за изработка на основни геолошки карти коишто, посочи Сарачини, досега или ги немавме или беа со многу стари податоци, а се значајни за натамошно истражување на наоѓалишта на минерални суровини. Ќе изработува и  хидрогеолошки и геохемиски карти.

Геолошки  заводи има во речисии сите држави од Европската унија, а се надеваме дека отворањето на ваков државен орган во Македонија ќе придонесе за зголемување на бројот на инвестиции, истакна министерот за економија, посочувајќи дека овие активности се значајни за развој на рударството.

Предлог законот за геолошки завод е заеднички проект на министерствата за економија и за животна средина и просторно планирање. Придобивките од новиот државен орган, според министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми ќе бидат повеќекратни. Покрај геолошки  истражувања за основни геолошки карти, работењето на заводот е значајно и за решавање на проблеми од областа на водоснабдувањето, геотехниката и за потребите на просторното планирање.

- Заводот ќе ги подготвува геолошките подлоги за просторно планирање, градежништво,  водоснабдување, земјоделство, шумарство, урбанизација и изградба на инфраструктурни објекти. Ќе учествува и во изработка на стратегија за геолошки истражувања, одржливо искористување и експолоатација на минералните суровини, а ќе има и други надлежности, појасни Адеми. Создавањето услови за формирање и функционирање на геолошкиот завод, посочи, е неопходно  за овозможување стратешки одржлив пристап при управување со минералните суровини како  необновливи природни извори.