Одржлив развој на рударскиот сектор и повеќе инвестиции, цели на новиот закон за минерални суровини

Создавање услови за одржлив развој на рударскиот сектор, забрзување, поедноставување и скратување на постапките за добивање концесија, како и зголемување на инвестициите, се основните цели на новиот Предлог закон за минерални суровини што го изготви Министерството за економија во соработка со експертите и бизнис заедницата.

Текстот во кој, како што рече денеска министерот Ваљон Сарачини, се вметнати поголем дел од барањата и сугестиите на стопанствениците, доби поддршка од Владата и наскоро треба да влезе во собраниска процедура.

- Имајќи го предвид фактот дека Република Македонија има голем потенцијал за искористување на природните ресурси, изработивме сосема нов закон со кој значително се подобруваат условите за инвестирање во деталните геолошки истражувања и во експлоатирањето на минералните суровини, истакна Сарачини на прес-конференција.

Согласно Предлог законот, се укинува вршењето детални геолошки истражувања при добивањето дозвола за експлоатација со што се олеснува постапката, но и се скратува досегашниот период од една година. Новина е и тоа што за сите видови минерални суровини ќе се бара само едно мислење од ресорните министерства, пред почнување на постапката за доделување концесија за детални геолошки истражувања, освен за енергетските и металичните минерални суровина за кои ќе се бараат мислења и пред почнување на постапката за доделување концесија за експлоатација. Притоа, рокот за добивање мислење се скратува, од 30 на 15 дена.

- При распределбата на концесискиот надоместок, 78 проценти од средствата ќе одат на сметка на општините, а 22 отсто во државниот Буџет што ќе придонесе за позабрзан локален и регионален развој. Во законот е вметнато и начелото „молчењето е одобрување“, изборот на најповолен понудувач ќе биде максимално транспарентен, по електронски пат, нагласи министерот.

Во новото законско решение е предвидено основните геолошки истражувања, како дејност од јавен интерес, да ги извршува Геолошкиот завод. Воведени се и научни истражувања со цел собирање основни податоци за составот, градбата и структурата на земјата.

Се посветува и големо внимание на заштитата на животната средина, концесионерот ќе мора да издвојува процент за рекултивација. Решен е и рударскиот отпад, со издавањето дозвола за експлоатација, од концесионерот ќе се бара план за негово управување.

За непочитување на Законот и каква било злоупотреба на природните ресурси се пропишани казни од 10.000 до 500.000 евра. - Фирмите мора да научат дека законот постои за да се почитува. Ќе бидеме немилосрдни доколку се наруши животната средина и тоа се одрази, односно има последици врз животот на граѓаните, потенцира Сарачини.

Бизнис заедницата го поздрави новото законско решение и изрази благодарност за соработката со Министерството за економија.

- Конечно, по осум-девет години, добивме подобрен, пречистен Предлог закон за минерални суровини од кој сите еднакво ќе читаме и ќе се разбираме, истакна Николајчо Николов, извршен директор во „Бучим“.

Според Љупчо Јачев од „Ренова“, новото законско решение ќе создаде услови за нови инвестиции и ќе се подобри целокупната клима за дејствување во оваа сфера.

Стопанствениците за 10-ина дена треба да достават нови предлози и мислења за подобрување на текстот кои, како амандмани, ќе бидат разгледани и усвоени во Парламентот. Една од нивните сугестии е казните да не бидат толку ригорозни, туку да се даде период во кој концесионерот ќе може да ги поправи и елиминира евентуалните неправилности во работењето на кои ќе му укажат надлежните. Рокот на концесии се предлага да биде 30 години, како што е сега, но со можност за продолжување уште толку, а не само една деценија.