Брисел, 30 октомври
Референдум за името ќе има и за мене тоа е затворено прашање.Без референдум, без граѓаните да се изјаснат за евентуален предлог-решение не постои можност да се реши проблемот со името, истакнува премиерот Никола Груевски.

Груевски во интервјуто се осврнува и на реакциите на бугарскиот претседател Георги Правнов во врска со неговата изјава во Австралија за обединување на егејските, пиринските и вардарските Македонци, како и за актуелизираното прашање за пензии за припадниците на поранешната ОНА.
Деновиве од повеќе страни добивате пораки да се откажете од намерата за референдум. Ќе ги прифатите ли овие укажувања?
- За мене тоа е затворено прашање. Без референдум, без граѓаните да се изјаснат за евентуален предлог-решение не постои можност да се реши проблемот со името. Тоа е предизборно ветување, дел е од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, а тоа можете да го прочитате на стр. 146 од Програмата која е објавена и достапна на Интернет, и длабоко сум убеден дека вака крупно прашање во историјата на еден народ не може да се реши без консултација со сите граѓани. Името на државата е наследено. Тоа беше составен дел од прашањето за референдумот на 8 септември 1991 година. За името на оваа држава не може да одлучуваат сами грст политичари или поедини интелектуалци, НВО или поединци. Тоа е така крупно историско прашање за кое може да одлучи само народот. Политичарите за ова прашање можат да го дадат само своето мислење, но не и сами да одлучат.
Имаше реакција од претседателот на Бугарија Георги Прванов за Вашата изјава во Австралија поврзано со егејските, вардарските и пиринските Македонци. Ве обвинија за територијални претензии, кој е Вашиот коментар?
- Немаме никакви територијални претензии кон никого, ниту кон Бугарија, ниту кон која било друга соседна земја. Изјавата е извадена од контекст. Со оглед на состојбите во македонската заедница во Австралија, во моето обраќање ги повикав Македонците во Австралија да имаат поголема слога, да не се делат по ниедна основа, како што се црковните поделби, во смисла за и против администраторот на МПЦ или, пак, на потеклото на раѓање, на што имплицирате и во Вашето прашање. Кажав дека таму во Австралија сите тие живеат во иста држава, мислејќи на Австралија, и треба меѓусебно да се почитуваат. Притоа додадов дека и на Балканот кога сите земји ќе станат членки на ЕУ ќе се урнат границите и сите народи на Балканот ќе живееме во Европа без граници, како што во Австралија живеат во една држава етнички Македонци независно каде се родени, Хрвати, Грци, Албанци итн. од различни држави. Додадов и тоа дека човечки е да се скараш, но христијански е да се прости. Повикав на слога, единство и простување.
Не само што нема територијални претензии во мојата изјава, туку има обединувачки и проевропски дух и намера.
Македонското прашање не смее да се користи како прашање за раздор, туку како прашање за помирување и обединување. Жалам ако некој погрешно ме разбрал или ако несоодветно му било пренесено. Јас сум конзистентен во изјавите, тоа што го говорам дома, го говорам и надвор и обратно.
Дали сте конзистентен и во ставовите за барањето пензии за борците на ОНА, во однос на она што го говоревте пред неколку години, а имајќи го предвид актуелизирањето на ова прашање?
- Апсолутно да. Пред неколку години се бараше специјален закон за борците на т.н. ОНА, со специјални привилегии за нив, дури се бараше изедначување на нивните права со правата на бранителите. Се укажуваше дека тие луѓе се соочуваат со проблеми кои треба да се решат со специјален закон. За некои се тврдеше дека се инвалиди, некои дека имаат здравствени проблеми и слично. Тогаш не прифатив таква идеја, и кажав дека нивните проблеми може да се решаваат само преку постоечките закони, и ништо повеќе од тоа. Истото го гледам и денес, а колку што разбрав истото го изјавува и ДУИ. Се друго е шпекулација, неконзистентност и неприфатливо според нас.