Македонија се враќа на нивото на економски раст од пред кризата

Македонскиот премиер Никола Груевски во ексклузивно интервју за “Капитал“, зборува за владината политика против економската криза, капиталните инвестиции во 2012, новите странски инвестиции, решавањето на проблемот со името...
„Во првото полугодие од 2011 година остварена е стапка на раст од 5,2%, што упатува дека Македонија се враќа на нивото на економски раст остварено пред кризата. Секогаш може повеќе и подобро, но доколку објективно се погледне врз реалноста, ние треба да бидеме задоволни од сработеното. Со политиките и посветеноста на реализација на проектите што сме ги ветиле пред граѓаните ќе продолжиме независно од наметнатиот проблем со името“, вели премиерот Груевски во ексклузивното интервју за „Капитал“.

Капитал: Претседателе поминаа 100 дена од работата на последниот владин состав. Но, и безмалку 2.000 дена откако Вие ја водите Владата на Република Македонија. Во изминатите пет години направивте многу промени! Суштински и помалку суштински. Но, фактите денеска говорат дека сепак Македонија не бележи економски раст како што Вие и Вашиот економски тим во владата предвидувате од година на година! Од друга страна Македонија не е ни блиску до преговори со ЕУ поради проблемот со името, наметнат од Грција! Дали во вакви околности сте задоволни од сработеното?

Груевски: Можеби најдобро би било да се фокусираме на овие 100 дена од новата Влада. Nајмногу заради фактот што според многумина оваа Влада во 100 дена има завршено повеќе работи од некои други влади во целиот мандат.

Да потсетам, пред само четири месеци граѓаните дадоа оценка за тие пет години. Но, дури и да го прескокнеме фактот дека граѓаните на избори дадоа доверба на владините политики од изминатите пет години, и со тоа дадоа оценка на сработеното, значи дури и ако се говори за изминатите пет години, како што тоа сака да го направи опозицијата, да не натера да заборавиме дека имаше избори неодамна, мојот одговор на вашето прашање би бил - Да, во изминатите пет години се направија многу суштински промени, но во ова интервју верувам дека нема да имате простор да говориме за сето сработено.

Сепак, кога зборуваме за фактите, не треба да се заборава дека во изминатите години Македонија го оствари највисокиот годишен раст на БДП во поновата историја, вториот најголем раст во историјата и највисокиот раст на БДП по глава на жител, оствари највисоко ниво на СДИ (странски директни инвестиции) иако во овој период се случи најголемата светска економска криза во последните 80 години, а сериозни ризици и закани од ескалација на должничката криза во Европа се се уште присутни во европски и светски рамки.

Во периодот кој го споменувате Македонија го реализираше и најголемиот раст на извозот, а пред почетокот на светската криза, намалувајќи ја невработеноста за цели пет процентни поени, од околу 37% на околу 32%, се оствари и најголемото намалување на невработеноста што се случило за кои било последователни две години во нашата економска историја.

За жал, ова беше и период кога Владата, покрај со светската криза, претходно се соочи и со најголемиот нафтен шок и најголемото светско покачување на цените на нафтата и на храната, со кои светот не се соочил во поледните 40 години.

Во изминатиот период Владата соодветно одговори на кризата со цел минимизирање на нејзините последици, заштита на македонските граѓани и бизнис секторот.

Здравата економска политика на земјата придонесе и во 2009 година македонската економија да оствари трет најдобар резултат во Европа и да ја задржи социјалната стабилност, што не беше случај со земјите во регионот и пошироко. Во првото полугодие од 2011 година остварена е стапка на раст од 5,2% што упатува дека Македонија се враќа на нивото на економски раст остварено пред кризата.

Знаете, секогаш може повеќе и подобро, но доколку објективно се погледне врз реалноста ние треба да бидеме задоволни од сработеното. Со политиките и посветеноста на реализација на проектите што сме ги ветиле пред граѓаните ќе продолжиме независно од наметнатиот проблем со името, а тоа неминовно ќе придонесе за повисоки стапки на раст и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани.

Капитал: Реформите и економскиот раст беа главните чинители на програмата - Преродба во сто чекори, и Pрограмите кои потоа произлeгуваа од неа. Во експертската јавност сите партиски програм беа оценети како добри. Првата во 2006 беше оценета како одлична. Но, вашите елаборации навестуваа и обврзуваа на нов економски модел за развој на македонската економија. Тој модел се уште не го гледаме во целост. Денеска резултатот е: Фалат инвестиции, домашни и странски, ефикасни институции, и јавна администрација, бизнис клима која ќе создава услови за отворање нови компании, работни места. Зошто нема вакви резултати?

Груевски: Кога зборуваме за нов модел на економски развој, мислиме на ниски даноци, и трошоци за работа на фирмите, пријателско бизнис окружување и засилена промоција на земјата како атрактивна бизнис – дестинација, за да растат инвестициите, да расте вработеноста и животниот стандард. Бројните реформи кои ги спроведовме како: воведување и задржување на најниски даноци во Европа, намалувањето на социјалните придонеси, четирите пакети на антикризни мерки, проектот „Регулаторна гилотиња” со кој значително се олеснија постапките за вршење бизнис, реформите во Катастарот, упростувањето на процедурите за градежни дозволи и други даваат резултати.

Значи, резултатите се тука и истите се потврдени не само од нас, туку и од реномирани институции како Светска банка во чиј Извештај ”Doing Business”, Македонија оствари извонреден напредок на општата ранг листа и во конкуренција на 183 држави според условите за водење бизнис рангирана е на високото 22-ро место во светот, во друштво на земји со високо развиена економска и пазарна структура.

Македонија повеќе години наназад е лидер во регионот на Југоисточна Европа, но со последниот извештај зад нас се и 19 земји членки на ЕУ и многу други високо развиени земји.

Дека резултатите се тука, говори и податокот за СДИ во првите седум месеци од 2011, согласно кој истите достигнаа износ од 167 милиони евра, што е повеќе од вкупниот износ на СДИ во 2010 година, кога истите изнесуваа 159 милиони евра.

Само последниве три месеци имавме отпочнување со реализација на 5-6 крупни гринфилд инвестиции на американски, индиски, руски и италјански фирми во слободните економски зони, кои ќе донесат зголемено производство, извоз и илјадници работни места. Значи резултати од реформите има во практика. Во иднина очекуваме пријателското бизнис окружување во Македонија да биде препознаено од се поголем број на инвеститори и истите во него да ги реализираат сопствените бизнис планови. Убедени сме дека во практика резултатот од ваквите реформи ќе е извесен и позитивен.

Секако ова не значи дека сакам да кажам дека се е одлично или идеално, или дека нема многу проблеми, но факт е дека има крупен напредок во многу прашања во економијата, направен во исклучително вонредни околности во свeтската економија.

И има многу аргументи кои укажуваат дека новите економски политики кои вие ги нарекувате нов модел, не само што се спроведоа, туку и даваат резултати, повторно ќе кажам во меќународно економско опкружување и шокови кои не се случиле 40 или 80 години.

Секогаш кога се оценува некој период од минатото, независно дали е поврзано со економија, или политика, или нешто друго, мора да се земе во обзир историскиот контекст на околности во кои се влечеле одредени чекори и се постигнуваеле некои резултати.

Капитал: Пред две години најавивте инвестиции од 8 милијарди евра во инфраструктура и други капитални објекти. Капиталните инвестиции се уште се незначителни, со исклучок на проектот „Скопје 2014”. Зошто парите од Буџетот не одат за капитални инвестиции, кои имаат додадена вредност и обезбедуваат економски раст, туку во плати за јавната администрација, пензии и во неефективни субвенции за земјодлеците, кои на крај продуцираат само поголема лична потрошувачка, а со тоа и поголем увоз!

Груевски: Да, пред две години објавив план за инвестиции, приватни, јавни, концесии, се заедно во износ од 7 милијарди евра за наредните 8 години.

Не би можел да се согласам со констатацијата дека парите од Буџетот не се наменети за капитални инвестиции. Доколку ја погледнете структурата на Буџетот во изминатите години ќе забележите дека Владата постојано го зголемува делот наменет за капитални инвестиции. Така во 2011 година за капитални расходи се предвидени за повеќе од 30% средства во однос на претходната година. Во изминатиот период, Владата започна крупен инвестициски циклус, со кој конечно посериозно се инвестира во изградба на локални и регионални патишта, водоводи, канализации, амбуланти, училишта и проекти од областа на културата. Ангажираноста на градежните компании на реализацијата на инфраструктурните проекти придонесе за пораст на градежништвото во првото полугодие од 24,2%.

Независно што Европа ја зафаќа нова рецесија, и секоја земја прави корекции кон намалување на проекциите во економијата, јас сеуште се надевам и ќе направам се што е во моја моќ до истекот на овој период да го достигнеме ова проектирано ниво на инвестиции, или барем приближно до него.

Што се однесува на субвенциите за земјоделците не можам да се согласам дека тие се непродуктивни и неефикасни, затоа што тие даваат резултат- континуирано се зголемува обемот на обработливи површини, а извозот на земјоделски производи порасна околу 20% во првите осум месеци од 2011 година, во однос на истиот период во 2010-та гoдина, а големи растови имаше и во претходните години. Ние како Влада сме убедени дека субвенциите во земјоделствоto ќе имаат исклучително позитивни импликации во профилирањето на Македонија како земја со конкурентно земјоделско производство.

Капитал: Дали сте задоволни со економскиот модел на Македонија кој продуцира годишен раст од максимум 2%, 3%, 4%, а не од минимум 8-9%, колку што треба за да се почувствува подобрување на севкупниот економски амбиент?

Груевски: Ако постоеше економски модел кој продуцира стапки на економски раст од 8%-9% Република Македонија ќе го применеше. Да постоеше модел кој продуцира стапки и над овие 8%-9% секако дека ќе имаше предност пред првиот. За жал економијата не функционира на принцип на едноставно аплицирање на однапред познати модели, туку стапката на економски раст е производ на различни инпути и многу меѓусебно условени врски, таа е производ на домашниот, но е условена и од надворешниот сектор.

Во 2007 година започна исклучително поволен циклус на економски раст, при што БДП реализира стапка на раст од 6,1%, како и во првите три квартали од 2008 кога економскиот раст достигна 6,9%, но под ударот од светската економска криза истиот беше прекинат во четвртиот квартал на 2008-та година, и севкупно во 2008 година беше остварена стапка на раст од 5%.

Јасно е дека ако не се случеше светската криза денес ќе можевме да кажеме дека новите економски политики не само што во 2007-та godina овозможија да се случи највисокиот економски раст од 6,1%, туку ќе имавме и околу 7% раст во 2008-та.

Влијанието на светската економска криза значително го ограничи потенцијалот за раст на македонската економија, и го запреа трендот кој водеше кон стапки на раст од типот на оние кои вие ги посакувате во вашето прашање, и се разбираа сите ние.

Охрабруваат податоците за 2011 година. Како што кажав и претходно, секогаш може повеќе и подобро, но со оглед на севкупните состојби сметам дека правиме максимални напори за да ја придвижиме економијата напред. Фактот што во првиот момент кога почна да олабавува светската криза, а тоа е крајот на 2010-та и почетокот на 2011-та, веднаш почнаа повторно стапки на висок раст од 5,2% во првите 6 месеци од 2011.

Само што се израдувавме на овој раст кој беше и поголем од нашите проекции, должничката криза во Европа доби свое ново поглавје со проследено со нова рецесија.

Одлуката на грчкиот премиер за одење на референдум околу спасувачкиот пакет објавен деновиве дополнително ја комплицира ситуацијата, што во најмала рака ќе го забави опоравувањето, и се плашам дека повторно нашите економски политики повеќе ќе ни користат да ги ублажуваат овие нови шокови, отколку да се во функција на високиот раст. Но, секои здрави политики и континуирани реформи и подобрувања се од корист, независно какви се околностите.

Капитал: Бизнисмените бараат нов економски модел, кој значи свртеност на државата кон домашниот бизнис, поттикнување на извозот (МБПР, субвенции, гаранции), поддршка на домашната индустрија, намалување на финансиското оптоварување на стопанството за сметка на гломазната и неефикасна јавна администрација. Дали сте подготвени за вакви промени?

Груевски: Владата во изминатиот период гради партнерски однос со приватниот сектор, преку блиска комуникација со стопанствениците и нивните претставници, и предлозите и мерките кои доаѓаа од страна на приватниот сектор сериозно беа разгледувани и во најголем дел прифаќани од страна на Владата. Нивото на доверба помеѓу државата и приватниот сектор никогаш досега не било подобро, како што никогаш досега приватниот сектор немал попартнерски и пријателски кон бизнисот настроена влада. Всушност тоа тие самите секојдневно јавно го говорат, а извештајот на светската банка само го потврдува истото.

Ние сме свесни дека државата функционира благодарение на приватниот сектор и даноците кои тој ги издвојува. Оттаму, од исклучително значење е тој да биде моќен и во добра кондиција, бидејќи на него почива целата држава. Што се однесува до финансиското оптоварување можам да кажам дека благодарение на реформите во минатите години Македонија е меѓу земјите со најниски даноци во Европа, што секако оди во прилог на бизнисот. За илустрација фискалното оптоварување во Република Македонија изнесува 33% од БДП, а просечно во земјите во ЕУ тоа изнесува 44%. Тоа е вистинската слика и прецизниот стручен одговор за тоа какво даночно оптоварување има во Македонија.

Има многу други факти со кои можам да ја поткрепан тезата за влада која најмногу помогнала на приватниот бизнис. Никогаш досега не се случило без да биде повикана владата во една година да тропне самата на врата на над 150 фирми за да ги праша дали имаат проблеми кои може да им ги реши и уште на над 40 фирми кои имаат имотно правни проблеми на чии врати испратила неповикани преставници од институциите со цел да им ги решаваат проблемите, и поединечно но и системски врз база на искуствата од слушнатите проблеми.

Никогаш досега немало проект регулаторна гилотина спроведен главно со повик до компаниите да дадат идеи што треба да се подобри во регулативата и бирократијата, и над 90% од тоа е реализирано. Ниту пак премиер кој имал толку многу поединечни средби на негова иницијатива со менаџери за да слушне и да помогне да се решат нивните проблеми. Ниедна влада досега не овозможи решавање на прашањето на градежно изградено земјиште како оваа влада со моделот и цените кои ги понуди. Нема влада која досега така силно ги намалила давачките за комуналии на индустриски објекти, хотели, земјоделски откупни центри и слично како што ние го направивме тоа со можноста за само едно евро од квадрат.

Или пак упростувањето за добивање градежни дозволи, модернизацијата на царибната и УЈП во однос на давање на услугите на компаниите, или пак укинувањето на данокот на добивка за секоја фирма која нема да ја распредели добивката.

Листата е долга, не е случајно што Светската банка не само што не прогласи за трета земја по реформи за создавање добра бизнис клима за минатите 12 месеци, и на генералната листа za 4-5 години стигнавме од 96-то на 22-то место во светот, туку во овој извештај не издвои како случај од кој треба другите земји да учат искуства и да ги преминуваат, од земја, како што велат е 6 години постојано, без прекин во крупни економски реформи и подобрувања. Бидејки има земји и влади кои во овие извештаи ќе блеснат една година со постигнување висока позиција за таа година, и потоа со години ги нема меѓу топ реформаторите. Единствено Mакедонија континуирано е во врвот на топ реформаторите. Но, иако во Република Македонија постојат добри услови за водење бизнис, тоа нема да значи дека и во иднина нема да останеме силно фокусирани на ова прашање.

Капитал: Најголем проблем и товар на Буџетот е јавната администрација, која секојдневно расте, што со рамковни, што со партиски вработувања. Буџетот веќе стана заложник на вработувањата во јавната администрација. Таквата политика е неодржлива на среден и долг рок. Во еден момент ќе треба или да отпуштате, или да зголемувате даноци, или да се задолжувате! Дали има волја во Владата да се реши овој проблем или сепак партиските интереси се пред се?

Груевски: Немаме намера да зголемуваме даноци, туку напротив да ги намалуваме онаму каде што тоа е можно. Само во последниве неколку месеци ги намаливме ДДВ-то за туристички услуги, ДДВ-то за суровото масло за јадење, го укинавме данокот за фирми кои на годишно ниво остваруваат обрт до 3 милиони денари, за фирмите со обрт од 3 до 6 милиони денари предвидовме избор на даночен модел, ги намаливме и царините за шеќерот, пулпата за сокови, спортските реквизити.

Во изминатиот период Владата стави акцент на реформите во областа на јавната администрација, при што се изменија законите за државните и јавни службеници со кои во голема мерка се стесни просторот за било какви влијанија во процесот на селекција и избор на службеници.

Вo администрацијата ќе се вработуваат луѓе со висок стручен и морален интегритет.

Понатаму, преземени се реформи за скратување на постапките и роковите за добивање на услуги од јавната администрација, а воведени се и нови електронски апликации за поднесување и размена на документи со кои дополнително се подобрува ефикасноста на јавната администрација.

Во однос на обемноста на администрацијата можам да кажам дека внимателно ја следиме состојбата при што се одобруваат вработувања таму каде што е најнеопходно, а истовремно се врши и прераспределба на постојните вработени за поефикасно искористување на капацитетот. Треба да имате во вид и дека во администрацијата има постојани флуктуации на луѓе кои или се пензионираат или, пак се вклучуваат во приватниот сектор.

Дел од вработувањата произлегуваат и од обврските превземени со Рамковниот договор.

Не би се согласил со констатацијата дека Буџетот е заложник на вработувањата во јавната администрација бидејќи сведоци сме на вложување на средства од Буџетот во повеќе области и сегменти без притоа да има било какви проблеми во навременото сервисирање на обврските за исплата на плати во јавниот сектор.

Со реформите кои ќе се спроведат, и со прераснувањето на администрацијата во вистински сервис на граѓаните, забелешките во однос на неа ќе исчезнат.

Кога граѓаните и трговските субјекти ќе ги добиваат услугите брзо, ефикасно и ефтино, а тој процес е веќе започнат, тогаш и нивната своевидна нетрпеливост, која што повеќе е стереотипна, ќе исчезне во целост. Најновите мерки за санкционирање на административците, но и на министрите и директорите во случаите на молчење на администрацијата, со екстремно високи парични казни и можност за затворска казна, не само што се најригидни во цела Европа, туку веќе даваат и резултати. Внимателно ја следиме нивната примена, и реагираме веднаш на обиди да не се применува. Чекорот да се формира министерство за информатичко општеsтвo, и администрација се покажа за вистински.

Проектот за интероперабиилност, во кој се помалку граѓаните ќе одат од шалтер на шалтер, е проект кој веќе дава резултати кои може да се квантифицираат. Tочно знаеме колку илјади помалку одења на шалтери се остварени откако се воведе овој закон во последните неколку месеци и одкако 5 институции - УЈП, Царина, Kатастерот, Cентралниот регистер и од неодамна МВР, се поврза межусебно во системот на интероперабилност. Но, се согласувам дека има уште многу работа.

Капитал: Најавено е ново задолжување на меѓународниот пазар од 130 милиони евра. Дали е паметно Македонија да се задолжува за покривање на плати, пензии и субвенции, а не за капитални инвестиции? Како ќе се враќаат кредитите ако парите не се оплодуваат?

Груевски: Секоја влада во Европа проектира буџетски дефицит, кој ако е до 3 осто и од БДП не е дискутабилен, дури корисен е, поттикнувачки за развојот и согласно правилата на ЕУ, чии земји членки за жал во кризниот период не го почитуваа ова.

Нашиот буџетски дефицит е 2,5% и е еден од најниските во Европа, ако не и најнизок. Секој буџетски дефицит се покрива со позајмување.

Со оглед на моменталната состојба на пазарот на капитал, Владата на Република Македонија е во преговори со странски комерцијални банки за обезбедување на финансиски средства во износ од 130 милиони евра, но под многу поволни услови.

Се работи за новиот инструмент за гаранција во лимитиран период (Policis Based Guarantee) на Светска Банка, преку кој Владата ќе ги обезбеди овие средства за финансирање, а позади целата трансакција стои Светска Банка со својата гаранција. Овие средства ќе бидат наменети за финансирање на буџетските потреби што значи и за капитални инвестиции.

Со други зборови заемот со кој ќе се покрие буџетскиот дефицит ќе се користи за капитални инвестиции, како водоводи, канализациони мрежи, патишта, и други инвестиции.

Македонија, според сите меѓународни статистики, е со ниско до умерено ниво на задолженост и во делот на државниот долг и во делот на надворешниот долг. Во делот на државниот долг, остануваме земја со ниско ниво на задолженост од 26,2% од БДП заклучно со последниот податок за третиот квартал од 2011 година и тоа е најниско ниво на државен долг во регионот и едно од трите најниски во Европа. Значи Македонија гледано стручно, како економист, а не политички, согласно стручните меѓународно прифатени методологии е земја која е меѓу трите најмалку задолжени земји во Европа.

Капитал: Владата и многу државни институции се особено активни во трошењето пари за реклами и промотивни кампањи. Колку пари се потрошени за оваа намена и кои се ефектите? Која е целта на овие кампањи?

Груевски: На јавните информативни кампањи кои ги спроведува Владата на Република Македонија, како и останати институции треба да се гледа во поширок контекст. И тоа е пракса секаде во светот, и тука нема некој баук.

Кампањите не се наменети за промоција на Владата, ниту на поединечните институции, туку дел од нив се насочени кон информирање на граѓаните за одредени можности кои им стојат на располагање, прeку одредени проекти, значи дел од нив се од информациски карактер, додека останатите се спроведуваат со цел подигнување на свеста за одреден проблем, значи имаат едукативен карактер.

Оттаму, неблагодарно е да се зборува за ефекти, особено на краток рок, бидејќи истите се потешко мерливи. Поделувањето на одредена информација со граѓаните може да им заштеди време и средства, а бројните кампањи за зголемување на етиката и свеста на поединците и општествените групи, пред се на младата популација, придонесува кон градење на одговорни и општествено свесни индивидуи, од кои полза има целата држава.

Направете анализа и ќе видите дека многу европски земји, Британија, Германија, па и САД и Австралија спроведуваат вакви кампањи, и тоа е нормално и се смета за општествена придобивка секаде во светот.

Сепак, има и кампањи кои се донекаде мерливи. На пример кампањата за образование значително помогна за менување на свеста особено кај помладите во однос на одење на повисоко ниво на образование. Македонија е земја каде 99 осто од основците се запишуваат во средно, и 99 осто од матурантите се запишуваат на универзитет. Се разбира секој од нив не успева да го заврши факултетот, но огромен процент кои почнале успеваат.

Или кампањата купувајте македонски производи која само во првите една година за 20 осто го зголеми прометот на македонски производи.

Добро е да се спомене дека во најголем дел од случаите, онаму каде тоа е потребно, кампањите одат во пакет со мерки на владата во поедина сфера, или нови закон, реформи кои во пракса го стимулирааат и поткрепуваат она што кампањата го објаснува.

Во изминатите години имавме критики и за кампањите на меѓународните медиуми за привлекување туристи и инвеститори. Но кога оваа година ефектите започнаа да доаѓаат, да доаѓаат поголем број туристи, што е и очигледно и има прецизна статистика, а и да почнуваат да се градат нови фабрики од странски инвеститори, од кои некои од нив јавно објавија дека рекламата за Македонија ги поттикнала да ја стават Македонија во комбинација за нивната следна инвестиција, а подоцна и да ја изберат, критиките почнаа да опаѓаат.

Еве сега започна кампањата за поттикнување на претприемничкиот дух. Ефектите од оваа кампања ќе доаѓаат постепено во следните години, но сигурно ќе ја менуваат свеста во овој сегмент. Македонија евидентно се менува!

Капитал: Ако ги прашате бизнисмените за искрен одговор, ќе Ви кажат дека имаат огромни финансиски проблеми, немаат ликвидни средства, тешко доаѓаат до кредит, тешко наплаќаат од државата. Дали и како работите на решавање на овој проблем?

Груевски: Државата неможе да ги реши сите проблеми на бизнисмените и неможе да решава индивидуални проблеми на поединечни бизнисмени кои зависат од нивната лична способност за правење бизнис, но може да постави рамка и да овозможи услови кои ќе им ги пообрат значително можностите на бизнисмените, и ќе решат добар дел од нивните потешкотии, и ние како влада тоа го правиме.

Не велам дека одредени економски субјекти не се соочуваат со финансиски потешкотии, но убеден сум дека генералната слика за македонскиот бизнис сектор не е таква. Со цел надминување на финансиските потешкотии на претпријатијата и обезбедување на полесен пристап до капитал во изминатиот период Владата обезбеди 100 милиони евра за поддршка на претпријатијата преку кредити со субвенционирани каматни стапки.

Во моментов ќе започне реализацијата на нова кредитна линија од свежи 150 милиони евра од надвор кои под поволни каматни стапки од 5,5% ќе им бидат ставени на располагање на домашните фирми. И овие мерки беа силно поздравени од бизнис заедницата.

Тука би сакаl да повторам дека Владата и бизнис заедницата имаат редовен дијалог и соработка, редовна размена и уважување на предлози и мислења, и мислам дека таа сораотка вродува со плод, особено во вакви драматични времиња за светската економија која се соочува со кризи од различен вид.

Воведувањето на новиот инструмент задолжница, секако ќе помогне во проблемите со неплаќање на долговите меѓусебно.

И конечно, многу зависи со кои бизнисмени разговарате.

Оние на кои им оди бизнисот, најчесто не се оние кои имаат премногу забелешки, како и оние на кои не им оди бизнисот најчесто алибито за сопствениот неуспех, или неисправни и лоши деловни одлуки, ги заменуваат со префрлање на вината кон владата и владините економски политики. Ако расчепкате подлабоко, ќе видите дека најголем дел од аргументите, ако воопшто ви ги набројат, не држат.

Јас минатата есен, некаде од септември, па се до изборите, воведов практика најмалку еднаш неделно да имам работен ручек со најмалку 4 бизнисмени на масата, и плус неколку министри со мене. Плус, повремено ги канев на средби стопанските комори, поединечно или групно!

Нема проблем кој не сум го чул, нема аргумент кој не сум го анализирал, нема барање кое не сум се обидел да го решам, па макар и да е поединечно за некоја фирма, а не системско. На тие средби нема политики и партии, се канат бизнисмени од различни политички, етнички, верски и било какви провиниенции.

Едно лице од мојот кабинет од секоја таква средба независно во кој облик е секогаш води записник кој се поствавува на првата наредна владина седница, со предлог заклучоци со кои ги задолжувам министрите да се осврнат на проблемот и во точно утврден рок да ми дадат отчет за сработеното.

Морам да ви кажам дека реакцијата на најмалку половина од бизнисмените е дека не им се верува тоа што го гледаат, таквиот пристап на работа на премиерот и владата. Најмногу шокирани се најчесто бизнисмените за кои јавно се знае дека се блиски до опозицијата, кои се јавно експонирани во тој поглед. Тие го добиваат истиот третман како и другите, и по неколку дена слушам одгласи како раскажуваат по луѓе дека сеуште не им се верува за она што се случило. Само така Македонија ќе оди напред. Реформите имаат смисла само ако тие бидат разбрани и спроведени, но и почуствувани во секоја компанија.

Капитал: Последните податоци покажуваат пад во индустријата. Кризата од еврозоната многу брзо се прелеа во македонската економија. Како Владата ќе се справува со новата епизода од глобалната економска криза, која очигледно ќе ја гледаме до крајот на оваа и почетокот на идната година?

Груевски: Индустриското производство заклучно со септември има кумулативен раст од 6,3% што е во рамки на проекциите на Владата. Факт е дека растот на индустриското производство слабее во однос на почетокот од годината што во најголема мера се должи на случувањата во Европската Унија, која да не заборавиме и да не потцениме дека се соочува со голем предизвик по однос на долгот на поедини нејзини членки кој силно ја притиска европската економија и нејзината ликвидност.

Живееме во необично време кога не само банки или компании, имаме земји кои банкrотираат, а на некои им е одбројано во денови кога ќе им се случи тоа, особено ако не добијат некој спасувачки пакет. Македонската економија е поврзана и зависна пред се од движењето на пазарите во Европа бидејќи околу 60% од извозот е концентриран во земјите на Европската унија, што претставува значаен канал преку кој кризата може да се прелее. Умерен оптимист сум во однос на економските случувања во Европа, пред се поради јасната определба на европските лидери за опстанок на монетарната унија.

Македонија не може да влијае на случувањата во Европа, но Владата будно ги следи случувања и е подготвена во секој момент да ги преземе неопходните мерки со цел да се амортизира негативното влијание. Впрочем Владата и во изминатиот период демонстрираше капацитет дека може да се справи во кризни ситуации преку дизајнирање и имплементација на соодветни економски политики, пред се тука мислам на четирите пакети на антикризни мерки, со чија помош македонската економија успешно ги надмина предизвиците на Светската економска криза.

Капитал: Зошто кај привлекувањето странски инвестиции работите се одвиваат бавно и се сведуваат на многу меморандуми, најави, интереси, роуд шоуа и министри за странски инвестиции. Кога ќе можеме да мериме обем на инвестиции со кој ќе се рамниме со Србија и Бугарија, или Албанија, па и Црна Гора на пример, кои ни се сериозни конкуренти во регионот?

Груевски: Во последниот период од неколку месеци имаме мини инвестициски бум, 8 компании, меѓу кои Кромберг и Шуберт, Протек груп, Мадерсон груп, Кемет Електроникс,  Агрокор, втората фабрика на Џонсон контролс... се решија, донесоа одлука  да инвестираат во свои капацитети во Македонија, или пак ја стартуваа инвестицијата, при што со тие инвестиции ќе се отворат околу 10 000 нови работни места во идниот период, тргнувајки постепено од средината на следната година. Во преговори сме со друга група вакви компании кои треба да одберат земја за следната нивна фабрика за производство.

Во периодот пак од 2006 до 2010 година и покрај тоа што три години беше присутно влијанието на светската економска криза, странските директни инвестиции надминаа 1,6 милијарди евра, што е многу повеќе во однос на претходни периоди.

Тоа што процесот можеби изгледа дека се одвива бавно е затоа што Владата има сериозен и сеопфатен пристап во привлекувањето на странски инвестиции, за што говори и фактот што во нашиот мандат реномирани светски компании покажаа интерес односно инвестираа во земјава. Воедно, би сакал да истакнам дека кога се прават споредби со други земји особено од регионот, не треба да се заборава на апсорбциониот капацитет на земјата во однос на странските директни инвестиции, во смисла на тоа дали се работи за странски капитал наменет за приватизација на некоја компанија, или се работи за целосно нова инвестиција, т.е. гринфилд инвестиции.

Во Македонија процесот на приватизација е веќе завршен, така што ние сме фокусирани на привлекување на странски капитал наменет за отварање на нови претпријатија, инвестирање во фиксни средства и создавање на нови работни места, и тука работите одат многу потешко и побавно отколку да имаш крупни државни компании за приватизација, како што имаше Македонија во деведесетите, и неповратно ја прокоцка шансата нивната приватизација. Namesto армија невработени, да значи нов инвестиционен циклус. И во идниот период ќе продолжиме со засилено темпо на привлекување на инвестиции. И сметам дека имаме добар концепт, сеопфатен, не само во презентација на поволностите и намалувањето на даноците или, пак државната пoмош на странски инвестиции, туку и инвестициите во образованието имаат силна улога во подобрувањето на сликата за Македонија како поволна дестинација за водење бизнис.

Капитал: ќе преземе ли Владата нешто за решавање на проблемот со блокадата на македонско-грчката граница. Таа ги уништува македонските извозници, кои губат по стотици илјади евра месечно?

Груевски: Ова прашање неодамна го отворивме на економскиот совет и долго го дискутиравме, при што освен од институциите на државата побаравме мислење и од повеќе професори на правниот факултет во Скопје, кои беа поканети на седницата и дадоа стручно гледиште од аспект на меѓународните правила и можности.

Заедничко мислење е дека компаниите и земјата располагаат со многу малку инструменти, да не речам воопшто не располагаат, во смисла на решение на овој проблем. Направивме темелна анализа, и ќе продолжиме да останеме фoкусирани на ова прашање, внимателно следејки ја состојбата и повремено отварајки го ова прашање на редовните седници на економскиот совет кој се одржува секоја недела, најчесто во понеделниците, што е уште еден нов модел на поголема фокусираност на економијата од страна на владата и државните институции.

Капитал: Последната информација од Владата е дека односите Македонија-Грција се заладени. Тоа значи дека претходно биле затоплени? Зошто тогаш не го решивте спорот за името?

Груевски: Прашањето со спорот кој нашиот јужен сосед го има со нашето име е сериозен и комплексен, и затоа не дозволува произволни толкувања изречени со ваква леснотија како во вашето прашање. Се работи за прашање на кое максимално посветено и одговорно му пристапуваме и како држава и како државно раководство. Фактите говорат дека и покрај нашата искрена намера и волја за надминување на овој предизвик, во моментов од страна на јужниот сосед не постои интерес за осврнување на истиот.

Донекаде тоа и го разбирам, тие се соочуваат со огромни проблеми, финансиска криза, штрајкови, државен банкрот, приватни банкроти на илјадници граѓани и фирми, немири, ситуацијата е многу напната на овие теми. Она што не е коректно и што не можам да го разберам е обвинувањата од нивна страна дека Македонија не се труди доволно за да го надмине предизвикот. Тоа е неточно, тоа е непринципиелно, и не помага во градењето на довербата, исто како и притисоците кои се прават на структури во Европската Унија за и Унијата да презема чекори кои наидуваат на револт кај нашето население. Мислам дека со еден поголем ентузијазам, со рационалност и со одважност да се надминат стереотипите, и да се работи на добрососедските односи, како и со уважување на аргументите на меѓународното право кои се на наша страна, Грција би можела да го надмине овој спор, во интерес на двете земји и во интерес на регионот. 

Во историјата на ЕУ, поголемиот дел земји кои и се приклучувале на унијата имале проблем со некоја земја членка, но во сите случаи било овозможено паралелно да се одбвиваат преговорите за решение на тој проблем и преговорите за зачленување во ЕУ. Тој пристап во сите ситуации дал позитивен резултат, и успешно завршиле двата процеси. За жал од случајот со Македонија пристапот на ЕУ, под притисок на Грција е променет, и обратно од она што се случувало во минатото, оневозможен е прогресот во двете паралелни ленти. Сепак, ние ќе продолжиме да вложуваме максимални напори за изнаоѓање на решение, иако секојдневно се соочууваме со видливи неправди и некоректности.

Капитал: Со секое оддалечување од спорот за името Македонија се оддалечува од евроатланските интеграции. Токму ваква атмосфера се чувствува во моментот. Дали сметате дека Македонија има алтернатива на ЕУ и НАТО? Србија и Црна Гора брзаат напред! Има ли Македонија друго сценарио освен ЕУ?

Груевски: Стратешка определба на Владата е членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО. Ние со дела и факти сме докажале дека таа стратегија е на највисоко ниво на нашите приоритети, доказ за тоа се реформите кои ги спроведуваме, а најмногу европските вредности во кои веруваме и кои ги споделуваме, и верувајте тие не зависат од примесите на бирократизмот на некоја структура. Тие вредности им припаѓаат на сите граѓани на Европа, и на македонските граѓани вклучително.

Не ја разбирам оваа подметнувачка теза, дека наводно Македонија бара некои алтернативи, некакви вртења. Да беше така, ние ќе излезевме и тоа јасно ќе го кажевме, во наш стил, и ќе го аргументиравме нашиот став.

Ако пак тезата ја влечете од мојата реакција во однос на изоставувањето  атрибутот “македонски” од Извештајот, но и од некоректната изјава на комесарот Филе во однос на повеќе други прашања, и затоа сте створиле таков впечаток, кој е неточен, тогаш повторно тезата за наводните алтернативи е неточна.
Mojaта реакција е на линија на одбрана на достоинството на нацијата, на националните чувства, на државниот и национален интерес, и колку што гледам и следам таа реакција е на исто ниво како и реакцијата на целокупното македонско општество, што значи дека е исправна и е поддржана.

И ако внатре во самата ЕУ секојдневно има различни мислења, меѓусебни критики и отворен дијалог за скоро секое прашање и област, малку ми е чудна реакцијата кај некои структури во Mакедонија, кои секое различно искажано гледиште, незадоволство или критика на нечии изјави, веднаш го преточуваат во нова политика на државата, или нов стратешки план или слични формулации кои создаваат некаков ,,ерес,, ако се има различно мислење со некој службеник или политичар од ЕУ, или со некоја политика или одлука на ЕУ. Па зарем и тие не можат да згрешат нешто, зарем таму не работат луѓе, или тие се беспрекорно функционални роботи. Не. Сето тоа упатува на табу теми, на ограничување на искажување на сопствен став и на тотална некреативност, што се одлики на едно друго време кое се надевам дека помина со доаѓањето на демократијата и мултипартизмот. За жал социјализмот помина, но неговиот дух сеуште е длабоко во многумина од нас.

Можеби не дотолку во овој, но во еден поширок контекст, има и такви кои живеат со максимата позната во Македонија уште од времето на осмалинскиот период, преточена и во народната поговорка која вели: наведната глава, сабја не ја сече. Тој дух, кој исто така преовладува кај многумина, е исто така ограничувачки фактор за севкупниот развој на земјата, создава кочници, непотребни оtкажувања, фрустрации, општествени конфликти...

Јас на пример мислам дека наведната глава сабја ЈА сече.

Капитал: Пропаѓањето на пописот покажа дека односите ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ во владината коалиција не се целосно испеглани. Што се случи, зошто се појави курцшлус на веќе „договорената” работа, како што претходно ветуваа двете партии?

Груевски: Тезата од прашањето е сосема погрешна. Одлуката за прекин на пописот дојде како резултат на препорака на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика, и таа препорака за прекин на пописот беше донесена едногласно од сите членови на владејачката коалиција, од сите партии и сите етнички заедници. И ние, и ДУИ, и Ромите, Турците, Србите, Бошњаците од коалцијата сметавме дека е подобро, поисправно и поцелисходно да се спроведе попис кој ќе биде објективен и реален, па и по цена да се прекине постоечкиот попис за кои имаше сериозни забелешки по однос на примена на методологијата за попишување од лицата на терен. Ние бевме свесни за импликациите на прекинот, и нивното искористување во функција на политичката агенда на опозицијата. Видете, нереален попис не му користи на никого. Погрешни податоци може да доведат до грешни одлуки во врска со развојот, инвестициите, со модернизацијата. Тоа не е добро, и токму тоа беше спречено.

Капитал: Дали не сметате дека е неодржливо една земја да не може законски и технички да спроведе една важна статистичка операција како што е пописот?

Груевски: Дали ќе беше подобро да се дозволеше нереален попис? Сигурно не, во еден таков случај ќе бевме соочени со лавина на аргументирани критики. Ако го погледнете регионот ќе видите дека во половина од земјите во кои беше спроведен пописот се констатирани големи забелешки и има несогласувања помеѓу различните општествени чинители. Добар дел од земјите на ЕУ, не прават попис по структура и методологијата типична за овие простори. Не се работи за капацитетите, за перфорамнсите, институциите имаат капацитет кој во случајот на пописот е потврден и од страна на Еуростат, мислам дека балканизацијата на статистичката операција попис и нејзиното набљудување со преголема примеса на политизација е она што е предизвик кој треба регионално да го надминеме.

Прекинот на оваа операција може да се гледа и од еден друг аспект. Охридскиот рамковен договор има многу предности и добри решенија. Сепак има и по некоја слабост. Кога во еден устав ќе ставите дека се зависи од процентот на застапеност на етничките заедници, неможете да очекувате дека пописот ќе помине без проблеми. Желбата за повеќе можности кои ги даваат процентите на етничка застапеност по автоматизам создаваат тензија, особено во места како Балканот, но и не само Балканот. Погледнете ја на пример Белгија која 30 години неможе да спроведе попис.

Капитал: Пописот и барањата на Вашиот коалиционен партнер укажуваат на една слабост во позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во владината коалиција. Како функционирате со Ахмети?

Груевски: Со г-дин Ахмети засега имаме коректен однос, базиран на принципи, би рекол однос на фер плеј. Според досегашната соработка тој ги поддржува и се залага за основните правци на работа за подигнување на економскиот стандард, стандардот на граѓаните, за нови инвестиции, подобро здравство, образование, зачленување во ЕУ и НАТО. Како во секој соработка, можеби некогаш има и по некој момент на различни мислења, ставови, приоритети, но со дијалог, со аргументација истите сме ги надминувале, и мислам дека тоа е добро, да има дебата и конструктивност.

Двете партии ја добиле довербата на народот да ги управуваат процесите за да ги задоволат потребите на народот, да ги остварат целите кои граѓаните ги поставиле, и тоа е врвен приоритет околу кој нема разногласие. Не би коментирал перцепции за нечија наводна слабост, или јакост, бидејќи во сите односи, и со партиите од Коалицијата За подобра Македонија, и во коалицијата со ДУИ влегуваме со почит, со меѓусебно уважување и соработуваме на принципиелни основи.

Извор: Магазин "Капитал"