Пешевски: Проекцијата на СБ е на дневна основа, ние немаме можност за правење дневни промени

За најновите проекции на Светска банка за растот за наредната година од 2,5 проценти, наспроти проектираниот од Владата на 4,5 проценти, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека Владата не може да ги менува проекциите на дневна основа бидејќи, сепак, станува збор за закон кој го предлага Владата, а го носи Собранието.

- Како што кажаа и од Светска банка тие прават промени на дневна основа бидејќи динамиката на светската криза се менува во зависност од тоа што се случува на политички план во земјите што се зафатени од кризата, а ние го немаме тој луксуз да ги менуваме проекциите на дневна основа, изјави Пешевски одговарајќи на новинарски прашања пред средбата во Занаетчиската комора на Скопје.

Во предложениот буџет за наредната година, според него, има флексибилност и доколку има потреба тој ќе биде соодветно приспособен во текот на годината, но рече дека засега Владата останува на она што е дадено како проекција во предложениот буџет.

Во врска со најавени измени на Законот за јавните набавки, истакна дека ќе се направи комплексен сет на измени, но оти суштината на законот останува како и досега. - Се дава простор за постигнување уште пониска цена. Од следната година стапува на сила правилото за 100 проценти од набавките да се одвиваат по електронски пат со јавна аукција, дури и за малите набавки, но има и простор за зголемена конкуренција во делот на дефинирањето на критериумите. Очекувам добитници од овие измени да бидат и граѓаните и државата, преку поедноставување на постапките, спречување на можниот простор на малверзации од страна на некои компании и постигнување пониски цени и заштеда во буџетот, рече вицепремиерот Пешевски.

За проблемот со трговијата со Косово изрази уверување дека ќе се најде решение бидејќи на последната седница на Владата е утврден став до крајот на месецот да се укине мерката за забрана за увоз на брашно и пченица и оти нема да има основ за реципроцитет во размената каков што се најавува.

За случајот со „Топлификација“ и доставеното барање за враќање на лиценцата, Пешевски потенцира дека таа лиценца не ја враќа до Владата, Регулаторната комисија за енергетика, но оти Владата доколку се случи тоа  нема да стои на страна туку ќе преземе мерки во рамки на нејзините надлежности, односно да се овозможи граѓаните на Скопје и натаму да се снабдуваат со топлинска енергија.

- Во контакт сме со „Топлификација“, свесни сме за проблемите, рече Пешевски додавајќи дека Владата ќе ја разгледа можноста евентуално со стоковите резерви дали може да помогнат со мазут, но оти нема заземено никаков конечен став.