Запленета марихуана, приведени три лица, од кои двајца полицајци

Министерството за внатрешни работи пресече меѓународен канал за транспорт на марихуана од Албанија, при што приведе тројца македонски државјани, од кои двајца полицајци и заплени околу 300 килограми мариухана.

Како што информира на денешната прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, марихуаната со висок квалитет, според досегашните сомненија потекнува од Албанија и со кајче била илегално внесена во Македонија. Запленетата дрога би достигнала цена помеѓу еден и два милиони долари на нарко пазарот во западна Европа, за каде што и била наменета.

Таа посочи дека марихуаната требало за паричен надомест од 9 илјади евра да биде транспортирана прво до Кавадарци.

Јанкулоска подвелече дека вчера на местото викано Ледиње во близина на струшкото село Радожда полициски службеници привеле две лица од Кичево на возраст од 33 и 42 години. Од нив, едниот е полициски службеник во Полициската станица за обезбедување на државната граница „Стрезимир“, кој добил инструкции од друг полициски службеник од граничниот премин. 

- Полициските службеници подоцна забележале патничко моторно возило со кичевски регистарски таблици и две лица кои почнале да товараат 9 полни патнички торби во возилото. Торбите биле полни со 206 пакувања марихуана, појасни Јанкулоска.

По целосно расчистување на случајот од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога, истакна Јанкулоска, ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.