Поликлиниката Букурешт целосно реновирана

Комплетно e завршенa реконструкција на Поликлиниката „Букурешт“, во вредност од над 24 милиони денари, изведена во рамки на Проектот на Владата и Министерството за здравство за реконструкција и реновирање на јавните здравствени установи.

Поликлиниката денеска, по тој повод, ја посетија премиерот Никола Груевски придружуван од министерот за здравство Никола Тодоров.

Тодоров изјави дека станува збор за комплетна реконструкција која се случува на 50-годишнината од пуштањето во употреба на овој објект кој е донација од Романија по повод катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Објектот, кој бил ставен во употреба една година по земјотресот, досега нема претрпено некоја посериозна реконструкција. Работите, пак, на реконструкцијата се завршени во предвидениот рок од пет месеци.

- Ова е темелна реконструкција на целата внатрешност на објектот со сите чекални, сите ординации, ходниците, електриката, тоалетите. Прозорите се веќе претходно реновирани така што станува збор за реконструкција на целиот ентериер. Набавен е и нов мебел за докторите, во чекалните за пациентите имајќи предвид дека и мебелот во болницата во најголем дел е стар 50 години и во еден добар дел сериозно руиниран.  Исто така, комплетно е сменета и надворешноста на објектот, односно дворот. Тој е со голема површина на која се поставени 28 канделабри за комплетно осветлување на целиот простор. Поставени се и клупи, жардињери и холтикултурно е уреден целиот двор, рече Тодоров.

Со оглед дека голем број пациенти кои доаѓаат во болницата се повозрасни, Тодоров најави дека во консултација со менаџментот на Поликлиниката одлучено е да се инсталира лифт од надворешната страна, кој треба да биде готов до крајот на годинава.

Тој изрази благодарност до целиот персонал во Поликлиниката, како и до пациентите коишто не пружија отпор кон оваа реконструкција имајќи предвид дека за цело време на одвивањето на работите таа требаше редовно да функционира.

Директорката на Поликлиниката, др. Татјана Баевска Вучковиќ истакна дека овој здравствен објект е од големо значење за граѓаните на Скопје бидејќи од 1964 година секојдневно дава здравствени услуги на примарно ниво, на секундарно ниво и ги има сите служби на секундарна специјалистичка консултативна здравствена заштита. Таа посочи дека потребата од реконструкција се наметнала од фактот што само минатата година во болницата се реализирани 74.000 специјалистички прегледи и дадени се 7.000 дози на вакцини. Информира дека постојано ги следат потребите на граѓаните и она што е ново во медицината така што минатите години набавиле нова опрема.

- Оваа година Кабинетот за уво, нос и грло е опремен со нов софистициран видео риноларингоскоп, а во тек е постапка за набавка на опрема на Кабинетот за физикална терапија којшто е прв од ваков вид формиран во Здравствен дом Скопје. Апаратурата во кабинетот ќе биде целосно заменета со нова современа опрема, а по првпат набавуваме апарат за аналгетски третман и разбивање на калцификат. Во Поликлиниката има и неколку кабинети коишто се единствени на ниво на град Скопје на секундарно ниво на здравствена заштита, рече Баевска Вучковиќ..

Со преземањето на специјалисти од приватните здравствени установи, таа додаде дека успеале да ги зајакнат постоечките ресурси. Доктор офталмолог имаат пратено на обука во Словенија кој заедно со апаратот од есен ќе почне да работи во Кабинетот за стребизам, којшто повеќе од 10 години не работеше.