Македонија ќе добие слободни здравствени зони

Здравствен туризам, привлекување на странски капитал за воведување на нови здравствени методи и постапки, трансфер на нова технологија, зголемување на конкурентноста, вработувањето и квалитетот на високобразовната понуда од областа на медицината, се дел од придобивките што се очекуваат од формирањето на слободните здравствени зони.

Ова денеска на прес-конференција го кажа министерот за здравство Никола Тодоров на која го презентираше концептот за Предлог законот за Слободни здравствени зони (СЗЗ) кој, како што посочи, е проект ветен во програмата на Владата на Република Македонија.

- Целиот концепт е замислен да се оформи една здравствена зона на поголема територија која најверојатно би била во Скопје на 15-20 хектари во која ќе бидат сместени болници основани и изградени од странски компании. Компаниите треба да имаат точно определени ниво на искуство и исполнуваат определени услови. Во однос на бенефитите ќе ја истакнам државната помош која се доделува во облик на регионална помош и изнесува најмногу до 50 отсто од оправданите инвестициски трошоци или од трошоците за плата на новоотворените работни места за период од две години, рече Тодоров.

За корисниците на СЗЗ, информира министерот, односно болниците, се предвидуваат даночни и царински ослободувања. Предвидено е ослободување на данок на добивка во период од десет години и персонален данок на доход на примање по основ на плата на вработени лица за период од десет години од денот на започнување на вршење на здравствената дејност во зоната.

- Болниците ќе бидат ослободени од данок на додадена вредност и царински ослободувања при увоз на медицинска опрема, увоз на лекови, медицински потрошен материјал, медицински помагала, при увоз на добрата применети за изградба на објект, електрична енергија, при увоз на возила за итна медицинска помош. Споменатите услови ќе важат доколку наведените добра се увезени од страна на корисникот на зоната заради вршење на здравствена дејност, посочи Тодоров.

Целта е, нагласи министерот, во СЗЗ да се поттикне вршење на високо образование од областа на медицинските науки паралелно со вршење на здравствената дејност. За таа цел корисникот на зоната подлежи ослободување и враќање на данок на додадена вредност за увозни давачки и акцизи за период од 15 години доколку во зоната врши и здравствена и високо образовна дејност.

На корисникот на зоната за нови вработувања предвидено е одредување на помош за обука во висина до 60 проценти од оправданите трошоци. Министерот потенцира дека за корисниците во зоната предвидени се и поволности за уредување на градежното земјиште со тоа што ќе бидат ослободени од комуналии, а Владата на РМ ќе може да учествува во трошоците за изградба на градежен објект на корисниците во зоната во висина од 500.000 евра.

- Корисниците како услов за користење на државна помош се обврзуваат да воведат нови здравствени методи или постапки за превенција, дијагностика и лекување на болестите кои дотогаш не се користеле во Република Македонија. Исто така, доколку корисникот го раскине договорот за користење на зоната пред истекот на периодот од 10 години, ќе ги плати данокот на добивка, персонален данок на доход на примањата по основ на платите на вработените лица, данокот на додадена вредност, увозните давачки и акцизата за кои остварил право на даночно ослободување, појасни Тодоров.

Напомена дека здравствените услуги во зоната нема да бидат достапни за граѓаните на Република Македонија и на Косово, во првите 10 години од отворањето на здравствената установа, за да не се предизвика нелојална конкуренција, особено во однос на веќе отворените приватни здравствени установи во Македонија.

- Корисникот на зоната ќе мора да има склучено најмалку еден договор со фонд за здравствено осигурување од државата во која се наоѓа неговото седиште или од друга држава членка на ЕУ или ОЕЦД, кој овозможува обезбедување на здравствени услуги во Република Македонија за државјаните на државите со чиј фонд е склучен договорот. Во приватните здравствени установи во зоната, здравствената дејност ја вршат доктори на медицина кои се странски државјани и државјани на Република Македонија. Докторите на медицина кои се странски државјани треба да имаат најмалку пет години непрекинато работно искуство како специјалисти во една од земјите членки на Европската Унија од групата ЕУ-15 или во земја членка на ОЕЦД и нивниот број не е помал од 30% од вкупниот број на доктори на медицина кои ја вршат здравствената дејност во приватната здравствена установа, нагласи Тодоров.

Појасни дека корисникот на зоната мора да склучи меморандум за соработка со Владата на Република Македонија со кој ќе овозможи висината на средствата за партиципација на студентите чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија да изнесува 50 проценти од најниската цена што ја наплаќа високообразовната установа основана во зоната. Најдобрите десет студенти чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија, а кои завршиле високо образование на високообразованата установа во зоната, имаат право на вработување во јавното здравство.

- Наставата на високообразовната установа да ја изведуваат професори од кои најмалку половина предаваат на еден од 100-те највисоко рангирани факултети во делот на медицината, а според наставната програма и учебниците, од еден од универзитетите што се рангирани меѓу првите 10 во делот на медицината, истакна Тодоров.

За поквалитетно уредување на Предлог законот за СЗЗ министерот најави и јавна расправа за што граѓаните ќе можат своите забелешки да ги остават на веб страната или на меил адресата на Министерството за здравство. Предлог законот ќе биде отворен за сугестии и забелешки од стручната и пошироката јавност во наредните 10 работни дена.

- Овој концепт на слободни здравствени зони ќе го промовираме со организирање посети во повеќе земји низ светот, и тоа: САД, Канада, Англија, скандинавските држави, земјите од Блискиот Исток, Турција, Швајцарија, Германија,... Ова е концепт кој веќе се применува во Дубаи, во еден сегмент и во Јужна Кореја, а сега започнува да се применува и во Турција, истакна Тодоров.

Отворањето на првата слободна здравствена зона е предвидено во текот на 2017 година.