Со претфинансирање на земјоделците до поголемо повлекување средства од ИПАРД

Македонија ќе ги искористи искуствата од спроведувањето на ИПАРД-1 Програмата за успешно реализирање на следната, ИПАРД-2. Со цел максимално повлекување европски пари во периодот 2014–2020 година, меѓу останатите мерки се предвидува и формирање фонд за претфинансирање кој би ги помогнал земјоделците.

Како што изјави ресорниот министер Михаил Цветков пред денешната седница на Агросоветот, главни причини за слабата искористеност на ЕУ-фондовите се уште се токму недоволната финансиска моќ на нашите производители и критериумите што ги поставува Европската комисија.

- Имајќи ги предвид искуствата од спроведувањето на ИПАРД-1 Програмата која досега е искористена само 11 отсто, работиме на мерки кои ќе помогнат ситуацијата значително да се подобри и Македонија да успее да извлече максимум средства кои се и тоа како добредојдени за агробизнисот и развојот на руралната економија, истакна Цветков.

ИПАРД-2 е проектирана на вкупно 106 милиони евра од кои 60 се наменети за кофинансирање инвестиции во земјоделството, прехранбената индустрија и руралната економија, а останатите 56 првенствено ќе се вложат во изградба на мали системи за наводнување, за изградба на пристапни патишта до обработливите површини и електрификација на полињата.

- Како член на Комитетот за следење на ИПАРД, до Директоратот на ЕУ доставивме прашање – зошто не се прифаќаат нашите предлози за овие пари побрзо да стигнат до земјоделците. Одговорот беше – тој што ги дава парите, ги диктира и условите како ќе се вложат тие средства и за кои намени, нагласи Вељо Тантаров, член на Агросоветот.

Во последните шест месеци Министерството за земјоделство со земјоделските здруженија, стопанските комори и приватниот сектор изработи нацрт-документ за новата ИПАРД-2 Програма. Документот е основа за користење на ЕУ-средствата.

За разлика од ИПАРД-1 каде соодносот на финансирање беше 50:50, во ИПАРД-2 стапката на кофинансирање инвестиции на земјоделски стопанства е зголемена и изнесува 65 отсто за млади земјоделци и 70 проценти за земјоделски стопанства на над 700 метри надморска висина. Стапката на кофинансирање е зголемена на 65 отсто и за инвестиции за основање и модернизација на мали претпријатија и занаетчиски дејности во руралните средини, како и за инвестирање во капацитети за рурален туризам.