Нов спортски полигон во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров денеска доби спортски полигон изграден по светски стандарди со вградена посебна акрилна подлога. На пуштањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и градоначаникот Сокол Митровски.

Спорсткиот полигон, како што истакна премиерот Груевски, може да се користи за фудбал, кошарка, ракомет, сервис и повеќе други спортови. 

- Игралиштето е изградено по светски стандарди со вградена посебна акрилна подлога која на игралиштата им дава посебна убавина, посебна вредност и долг век на траење. Поставени се и рефлектори со што ќе се овозможи да се користи од раните утрински часови па се до доцна навечер, рече Груевски.

Инвестицијата чини околу 6,6 милиони денари. - Со оваа инвестиција, нагласи премиерот, се изгради едно ново збиралиште за младите какво што недостасуваше долго време во оваа населба. Тука ќе може да се рекреираат, да тренираат, да го унапредуваат својот спортски дух и карактер, ќе можат да се задржат на вистинските вредности кои ги нуди спортот и да го оттргнат своето внимание од пороците на модерното време. Конечно, ова место ќе биде расадник за сите млади спортски таленти од населбата, рече Груевски. 

Владата, потенцираше тој, ќе продолжи и во иднина да поддржува вакви проекти, што ќе придонесе во континуиран напредок на македонскиот спорт

Директорот на  Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески рече дека успехот во спортот, недвосмислено е поврзан и со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура и оти токму во таа насока се и капиталните проекти кои Владата преку Агенцијата ги реализира низ целата држава.

- Континуираната изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски спортски игралишта и 120 тениски терени во секоја општина ја потенцираат определбата на Владата за развој на спортот и здравиот начин на живеење. Практично и да не постои населено место во нашата држава, кое не е опфатено со капиталните проекти за развој на спортската инфраструктура, рече Спасески.

Во Ѓорче Петров Владата преку Агенцијата за млади и спорт досега инвестираше и изгради две спортски сали, две фудбалски игралишта, еден двоен тениски терен, едно повеќенаменско игралиште, а во употреба е предаден и спортскиот полигон.

- Полигонот се простира на површина од 1.100 квадратни метри, опфаќа две единечни игралишта - едно повеќенаменско и едно кошаркарско игралиште. Теренот е изграден по светски стандарди со вградена акрилна подлога, која за прв пат ја применуваме на повеќенаменските терени, а игралиштата се осветлени со рефлектори и ќе можат да се користат и во доцните вечерни часови за играње мал фудбал, кошарка, ракомет, серва и други игри, информираше Спасески.

Сите инвестици во спортската инфраструктура, според него, се со единствена цел, а тоа е да се поттикнат развојот на спортот и здравите навики кај младите.