Едукативен центар за физиотерапија во училиштето за деца со оштетен вид

Во државното средно училиште за  деца со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода е отворен едукативен центар за физиотерапија, дониран од Лајонс-клубот „Свети Пантелејмон“ од Скопје.

- Центарот е исклучителен исчекор во функционирањето на ова посебно училиште затоа што во него ќа работат ученици. Покрај теоретскиот дел, учениците со оштетен вид ќе можат и практичниот дел да го извршуваат во училиштето, во рамки на специјализиран и посебно подготвен центар за физиотерапија, рече заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

МОН ќе ги помогне идните активности на центарот зашто, нагласи тој, определба на Владата е да се отвораат центри во средните стручни училишта кои ќе ја зголемат практичната работа, но и ќе прераснат во реални компании кои ќе може да ги комерцијализираат своите услуги. 

- Така ќе обезбедат дополнителни средства, а учениците покрај практичниот дел ќе се вклучат во почетоците на бизнисот за по завршување на училиштето многу поедноставно да се вклучат во реалниот пазар на труд, додаде Ристовски.

Претседателот на Лајонс-клубот „Св. Пантелејмон“ Александар Ивчевски изјави дека проектот е изработен со финансиска помош на Лајонс-клуб интернешнл од Чикаго и со лајонс-клубови од Скопје и Битола. 

- Цела инвестиција е околу 40.000 долари, од кои поголем дел ги обезбеди Лајонс-клуб „Св. Пантелејмон“. Идејата беше на децата да им отвориме можност во овој центар  да се обучат за својата професија во иднина, за да можат корисно да се вклучат во нашата заедница, додаде Ивчевски.

Директорот на училиштето „Димитар Влахов“ Горанчо Јакимов соопшти дека имаат шест ученици кои би можеле да работат во центарот, но дека се уште не го испланирале капацитетот на пациенти што ќе го користат центарот. 

- Ќе видиме колкава ќе биде заинтересираноста и потребата  на граѓаните. Се надевам дека услугите што ќе ги нуди центарот за масажа ќе ги задоволи потребите, не само на граѓаните на Кисела Вода, туку и пошироко на територијата на градот Скопје, рече Јакимов.