МОН и МАНУ ќе ја интензивираат соработката

Потесна соработка на Министерството за образование и наука со  Македонската академија на науките и уметностите и  дефинирање на идните приоритети, беше главна тема на денешната работна средба на ресорниот министер Абдилаќим Адеми со претседателот на МАНУ Владо Камбовски и членовите на Управниот одбор на Академијата. 

- Од претседателот и претставниците на МАНУ беше побарано да имаме почести средби, да учествуваат во подготовка на националните стратегии за развој на науката и иновациите, за повеќе ресурси кои треба во иднина да се вработат, а беа поздравени и чекорите за стипендирање на млади научници, за инвестирање во лабораториите, за преводот на стручни книги и за другите проекти во оваа област. Драго ми е што пристапот на МАНУ и на академиите во регионот веќе се менува и повеќе работат на истражување и иновации. Мислам дека тоа е иднината на академиите и на државите затоа што науката е двигател на развојот на државите, изјави Адеми по едночасовната средба во МАНУ.

Претседателот на Академијата Камбовски средбата ја оцени како многу корисна, посебно поради тоа што, како што рече, од министерот бил информиран дека има  реални планови да се зајакне секторот за наука во МОН што е во согласност со барањата на ЕУ за вклучување на науката и високото образование во единствениот простор на образование, наука и истражување во ЕУ.

- Задоволни сме што имаме целосна согласност околу неколку значајни работи - дека до крајот на оваа година ќе биде усвоена програмата за развој на високото образование, науката и истражувањето, која предвидува подобрување на науката и истражувањето од година во година, зголемување на средствата за наука и истражување, и тоа не само од буџетот на државата, туку и во соработка со бинис-заедницата и меѓународни проекти. Треба да се подготви среднорочна, па и долгорочна стратегија за развој на научно-истражувачката дејност што, исто така, ќе биде огромна задача. Важен сегмент на стратегијата е зајакнување на научната инфраструктура, тоа значи опрема и научен кадар, кој сега многу ни недостига, истакна Камбовски. 

Во врска со заложбите да се искористат што повеќе меѓународните фондови за истражувачка дејност кои и се достапни на Македонија, особено тие од Европската унија, Адеми соопшти дека МОН веќе формирало единица надлежна за спроведување на програмата „Хоризонт 2020“. 

Во соработка со Делегацијата на ЕУ во Скопје, соопшти Адеми, вчера и денеска се организираат работилници за лица и институции за да знаат како да аплицираат и да подготвуваат проекти за да ги искористат средствата што се на располагање.