Груевски: Растот во индустријата покажува дека економијата е во добар залет

Растот на прометот во индустријата покажува дека остваруваме добри резултати и оти економијата е во добар залет кој и понатаму ќе добие поддршка од Владата, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

Според него, статистичките податоци за порастот на прометот во индустријата за 20,5 проценти во септември годинава во однос на септември лани, како и зголемувањето на прометот кон странство за 27,7 проценти, е висок и респектабилен пораст.

- Тоа покажува дека остваруваме добри резултати, дека економијата е во добар залет, што треба да се поддржи и понатаму од Владата која тоа и ќе го прави и оти мерките што ги преземаме даваат резултати, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето 13 години од основање на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.

Македонија, нагласи, годинава постигна втор највисок раст во Европа. Овие податоци укажуваат дека извозот оди добро, дека индустријата оди одлично и оти треба да се концентрираме овој тренд да потрае што е можно подолго затоа што сето тоа помага во отворање нови работни места што е крајна цел на нашите економски политики.