Средба на Јолевски со поранешните министри за одбрана и началници на ГШ на АРМ

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал - потполковник Горанчо Котески, денеска традиционално имаа средба со поранешните министри за обрана, началници на генералштабот на АРМ и пензионирани генерали на АРМ.

На средбата, како што изјави министерот Јолевски, ќе се расправа за активностите кои се релизирани оваа година и за плановите за идната година.

Според него, ваквите средби се мошне значајни бидејќи искуството што го имаат нашите претходници, рече тој, е многу битно и е значаен начин за размена на мислења.

- Приоритет на Република Македонија и на МО и АРМ е интеграцијата во НАТО. Ќе продолжиме во овој правец да работиме со натамошни реформи, ќе продолжиме и со активностите за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ и во таа насока најавивиме прием на нови 250 професионални војници. Ќе продолжиме и со модернизацијата на опремата на АРМ, изјави министерот Јолевски.

Првиот министер за одбрана во независна Република Македонија, Трајан Гоцевски смета дека оваа средба може да се разменат искуства кои се битни за раководството на МО и ГШ на АРМ. Тој потенцира дека има работи кои може да се прочитаат, но, подвлече, и работи коишто искуството ги нуди како исклучително добри решенија.

- МО имаше исклучително дорба програма која во целост е реализирана. Во делот на Армијата имаме доста добри работи, особено во делот на меѓународните мисии, а тоа е придонес не само на АРМ, туку и на РМ. Тоа е на некој начин нашиот легитимитет дека ги исполнуваме стандардите кои ги имаат земјите-членки на НАТО и на ЕУ. Тоа покажува дека Македонија како држава рамноправно може да ги споделува тие вредности, изјави Гоцевски, додавајќи оти 2015 година ќе биде нов предизвик. Тој изрази надеж дека луѓето во одбраната се посветени на работите, нашите задачи, истакна, ќе ги завршиме, а тоа што не зависи од нас, треба да се обработи на високи политичко ниво и од дипломатијата.

Генералот во пензија Митре Арсовски, првиот началник на ГШ на АРМ потсети дека првата ваква средба е одржана 1992 година и оттогаш секоја година на средба поранешните министри за одбрана и началници на ГШ на АРМ се сретнуваат и се запознаваат со новите работи кои се случуваат во АРМ.

- Не треба да бидеме ниту слепи, ниту глуви за тоа што се случува со Армијата односно со одбраната. Верувам дека ќе добиеме податоци кои нам ни се потребни за да можеме ние како ветерани да работиме, изјави генералот во пензија Арсовски и претседател на Здружението на ветераните во одбраната.