ВИДЕО: Новогодишно обраќање

Новогодишно обраќање на Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија

Почитувани граѓани,

Зад нас е 2014-та година, пред нас 2015-та. 2014-та беше година на многу предизвици, проблеми, но и успеси. Сите ние со ентузијазам влегуваме во 2015-та, со мисла за подобар и посреќен живот. Секој еден човек има право да се бори за подобар живот, за посреќни денови, за помалку проблеми и повеќе успеси. Освен сите ние како луѓе и индивидуи, сите ние имаме и заеднички, колективен, општествен, државен интерес, проблеми, напредоци, успеси и неуспеси. Многу често колективниот успех на државата директно или индректно влијае на индивидуалните успеси и поквалитетен живот. Нашата задача, нашата мисија, обврска, посветеност и одговорност како политичари кои ја добија довербата од мнозинството граѓани на изборите во април 2014-та, и тоа со најголем број гласови кои сме ги добиле досега, ја зациментира нашата одговорност пред Вас  на највисокото можно скалило. Да се добие таква доверба, по 8 години практикување власт во оваа земја со многу проблеми, но и по такви тешки времиња на светска, а по неа и европска должничка криза, за мене е таква доверба, што кога размислувам за тоа, чувството на одговорност ме остава без здив. Чувствувам далеку поголема обврска одколку во 2006-та, кон сите Вас, Македонци, Албанци,  Турци, Роми, Срби, Бошњаци,  Власи,  христијани, муслимани и останати. Тоа е посебно чувство заради кое беспоштедно работам и јас и мојот тим, да го испорачаме најмалку она што сме Ви го ветиле на изборите и во програмата, а ако можеме и нешто повеќе од тоа.

Од тој аспект 2014-та беше година кога се случија многу нешта. 2014-та е година во која Македонија во првите три квартали имаше трет највисок раст на економијата во Европа, веднаш зад Англија и Ирска. Тука веќе имаме и континуитет, бидејќи и претходната 2013-та, имавме трет највисок раст на економијата во Европа.

Носители на растот беа извозот кој имаше огромен раст од речиси 20 отсто споредено со 2013-та, градежништвото кое, покрај со градба и реконструкција на локални и регионални патишта, доби на динамика и со градбата на три автопати, градба на железничката пруга кон Бугарија, како и реконструкција на пругата од границата со Србија до Границата со Грција, но делумно на растот влијаеше и зголемувањето на потрошувачката чиј генератор беа зголемувањата пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор.

Сите овие фактори и показатели очекуваме да продолжат и во 2015-та. Донесувањето на странските компании, иако на почетокот критикувано од опозицијата, се покажа како полн погодок. Тие дадоа нов импулс на нашата економија, но и на многу постоечки македонски компании кои станаа нивни партнери или добавувачи. Тоа ме чинеше многу труд, време, енергија, напорни патувања, и мене и мојот тим за привлекување инвестиции, но се исплатеше. Се исплатеше и големата посветеност да се создаде добра бизнис клима во земјата, која е предуслов да дојдат странските фирми. Не останавме должни и кон домашните фирми. Не само што сите поволности важат и за нив, целата таа подобрена атмосфера на бизнис ја користат и тие, тукуза нив излеговме и со нова кредитна линија со најниски можни камати во земјата од 5,5 отсто, што беше сериозно гориво во моторите на домашната економија.

Фактот што светската банка не сврстува во 30-те најдобри земји во светот според условите за водење бизнис, ни гарантира успех и за 2015-та, а досега стекнатото искуство, ми дава за право, ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015-та ќе го направат истото. Да, во 2014-та одлуки за отворање свои капацити донесоа и објавија, а дел од нив почнаа и со градба и првични вработувања, германската ОДВ Електрик во Охридско-струшкиот регион која почна да вработува и планира да вработи вкупно 1000 невработени лица, а во истиот регион истото го објави и германската Костал исто така со 1000 вработувања. Германската Ки Сејфти системс веќе почна да регрутира вработени, а планира да вработи над 1000 лица во Кичево, а германската Маркард веќе ја гради фабриката кај Велес во која почна веќе да ги селектира дел од 600-те планирани вработувања. Германскиот Техникал текстаил, кој веќе гради во штипската зона, ќе отвори нови 600 работни места. Две компании објавија свои инвестиции во Прилеп, едната е американската Етанол Јуроп Рињујабле која планира вработување на 1000 лица, а втората германската Гентерм, која планира вработување на 2000 невработени.

Веибо груп од Турција веќе донесе механизација во Ранковце и почна да го подготвува теренот за градба на неколку фабрики во кои планираат да вработат најмалку 5.600 лица. Тие ќе понудат работа за цел регион каде се Крива Паланка, Кратово, Пробиштип и Куманово. На истокот, во регионот Кочани-Виница, американската коорпорација Анфенол почна да вработува и планира да достигне до најмалку 2000 лица,  како и холандската Антура, која го гради својот капацитет во кој планира да вработи 200 невработени.

Пред две недели американската Капкон објави изградба на фабрика кај Скопје за 400 невработени. Во скопската зона веќе гради фабрика Диатек од Италија каде ќе се вработат најмалку 200 лица, а во истата зона се определија и објавија одлука Монтанте од Италија и фирмата Енергија од Украина. Британската Еуро БПО веќе почна со работа во Скопје, а планира да достигне до 350 лица, британската компанија Ендава  објави вработување на најмалку 450 информатички инжињери во Скопје, а на листата се и Менсан од Турција, бугарската Филкаб, ИТЕК од Италија, кој почна да гради во Тетово, Гришко од Русија кој ја најави втората фаза во Демир Хисар со 200 нови вработувања, Истем медикал од Турција, турските про лајн и мач груп и повеќе други.

Она што посебно ме радува е што тимот за привлекување инвестиции, каде се петте министри за инвестиции, директорот на зоните, заменик министерот за економија, заменикот директор на Агенцијата за странски инвестиции, мојот советник за странски инвестиции, новиот сектор во мојот кабинет за привлекување инвестиции, разгранетата мрежа на промотори во над 30 индустриски центри низ светот, како и амбасадорите и генералните конзули, сите се во моментот, заедно со вработените кај нив, заедно со мене, со потпретседателите на Владата, и целата Влада, со поддршка на дијаспората, и сособено на организацијата Македонија 2025 предводена од Мајк Зафировски, една силно забревтана машина, добро организирана, со големо искуство и многу посветена на привлекувањето нови компании кои ќе отворат нови работни места за невработените во Македонија. Паралелно на ова, остануваме многу посветени и на домашните компании, како во правец да им помогнеме за нивниот развој, така и во правец да ги поврзиме со странските кои доаѓаат, да станат нивни партнери и преку тоа да заработат и да отворат нови работни места.

И не е случајно што невработеноста во 2014та континуирано се намалуваше, и достигна 27,9, што се уште е високо, но многу пониско од 38-те отсто кои ги наследивме. И не е случајно што индустриското производство расте 15 месеци по ред и со раст од 5,2 имаме петти највисок раст во Европа на индустриското производство, а државниот долг остана низок до умерен со околу 39 отсто. Покрај новите компании, растот на извозот и иградежништвото имаше и ќе има многу работа и во 2015-та.

Во полн ек се градбите на трите автопати и железницата кон Бугарија, но следната година, некаде летото, ќе почне и градбата на експресниот пат со четири ленти од Штип кон Кочани, и од Градско кон Прилеп, а кон крајот на 2015та и експресните патишта со 4 ленти од Охрид до Пештани и автопатот од Требениште до Струга. Ќе се заврши и експресниот пат Велес Штип до Кадрифаково, а очекуваме да најдеме концесионер и за автопатската делница Кичево-Гостивар, каде ако се биде во ред градбата би почнала во 2016-та. Ќе продолжат и градбите и реконструкции на други патни правци,меѓу кои и Миладиновци- Куманово, Неготино – Демир Капија, Велес – Катланово и повеќе други.

Во 2015-та очекувме да почне градбата и на гасоводната мрежа од Куманово до Штип и да се обезбедат услови и за останататиот примарен гасовод низ Македонија. Секундарната гасификација во Скопје и скопско, со инвестиција од 100 милиони евра, како и секундарната гасификација во источна и западна Македонија е исто така дел од плановите за 2015-та. Фокусот ќе остане и на изнаоѓање алтернативни извори за донесување поголеми количини гас за Македонија.

Како и во 2014-та, така и во 2015-та, ќе продолжиме со ветеното зголемување на пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор.

Како и во 2014-та, така и во 2015-та ќе продолжиме со политиката за поддршка на земјоделството  и македонското село со нови 150 милиони евра за субвенции и рурален развој.

Ќе го продолжиме и проктот Купи куќа купи стан со новите подобрени услови за оние кои имаат потреба од куќа или стан, проект преку кој досега над 430 семејства го решија својот станбен проблем и секако ќе продолжат сите други наши проекти кои даваат добар резултат или наоѓаат одличен одѕив кај народот, како што се бесплатниот железнички превоз и бесплатниот влез во културните установи во одредени денови во неделата за младите и пензионерите, бесплатниот викенд за пензионерите кој ќе почне во 2015-та и мерката за субвенционирање на придонесите на секој кој ќе вработи млади луѓе до 29 години, мерка со која 5700 лица во 2014-та се вработија, како и можностите за ултра поволни кредити за младите луѓе кои сакаат да започнат бизнис. Преку другите активни мерки за вработување обезбедивме уште над 5000 работни места во 2014-та, а најмалку толку ќе има и во 2015-та. Не беа и нема да бидат заборавени лицата со хендикепт, на кои континуирано им се помага со постојните и со нови мерки.

Ветениот отпис на долгови, под одредени услови, е во длабока фаза и тој ќе заврши. Досега над 2000 ранливи категории лица добија решенија за отпис на различни долгови во износ од над 2 и пол милиони евра.

Во 2015-та, како и во 2014-та ќе продолжи силниот инвестициски бран во здравството, но и понатамошни системски мерки за подобрување на организацијата на здравството, условите за пациентите, условите за лекарите и медиционскиот персонал, обуките во најнапредни и најреномирани болници и клиники во Европа и во Америка на нашите лекари и медицински сестри кои наместо по 500 годишно како досега, ќе бидат по 1000 обуки годишно од 2015-та, што силно ќе го зголеми знаењето и искуството и ќе овозможи подобра здравствена услуга за сите во Македонија.

Во 2014-та стартуваше државната кардиохирургија за која се говореше 20-30 години, но и неонаталната кардиохирургија, под раководство на најдобрите лекари од Америка во оваа област. Заради процедурите на банката за развој при Советот на Европа задоцни градбата на новиот објект на комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје, како и на Штипската клиничка болница, и нивнта градба ќе започне во првите 4 месеци од 2015-та година. Во 2014-та во комплексот клиники Мајка Тереза се заврши гасификацијата, а почна процедурата за изградба на гасна топлана за произвоство на електрична и топлинска енергија за потребите на овој комплекс кој ќе донесе многу заштеди. Се гасифицираше и Градската болница „8ми септември“. А, кога сме кај заштедите, во 2014 се остварија крупни заштеди со воведувањето на т.н.паралелен увоз на лекови и разбивањето на монополите во фармацевскиот бизнис, кои ќе се одразат и во 2015-та со вкупна заштеда од околу 14 милиони евра, пари со кои следната година ќе се реновира прилепската и битолската болница, кумановската ќе добие ургентен центар, а Клиниката Св.Наум Охридски во Скопје, како и некои други болници и клиники ќе добијат дополнителна опрема.

Ќе продолжат и инвестициите во културата, во спортот, во заштитата на животната околина, хидроцентралите, енергетиката, системите за наводнување и во нови други области.

Посебно сме и ќе останеме посветени на образованието и иновациите за кои ќе следат и првите грантови и поддршки во 2015-та одкако во 2014-та се оформи фондот за иновации. Во 2015-та влегуваме со започната процедура за две крупни реформи во образованието. Едната со која се регулира дејноста наставник, се формира академија за наставници, и се даваат стимулативни мерки за секој еден кој ќе се запише на педагошки факултет, со цел таму да се привлечат најдобрите студенти. Со оваа реформа, секој кој ќе студира педагошки факултет ќе добива месечно по 10.500 денари за време на студирањето, секој месец. Бројот на упишани ќе биде ограничен и строго селектиран исклучиво според квалитетот. Се воведува плус една година академија за време на чие студирање секој месец студентите ќе примаат по 21 илјада денари помош од државата, и конечно оние кои под овие услови во иднина ќе завршат ќе имаат загарантирано вработување. Има новини и за постојните наставници, имено, секој од актуелните наставници кој ќе заврши едногодишна академија, ќе има за 3 илјади денари повисока месечна плата. Целта е во иднина, новите генерации да ги учат и оформуваат најдобрите и најквалитетните, добро обучени учители, наставници и професори во основните и средните училишта.

Втората крупна реформа е поврзана со високото образование, нешто што деновиве е многу актуелно. Со неа се предвидува, дека почнувајки од 2018-та, секој професор ќе треба да издава најмалку два труда во пет години во реномирани меѓународни списанија со фактор на влијание, објавени на листата на Томсон Ројтерс – веб оф саианс. Ова предизвика вознемиреност кај ДЕЛ од македонските професори, која резултираше и со протести, но на Македонија и се потребни квалитетни професори и напредни научници, кои својот квалитет нема да го мерат само локално меѓу себе преку колумни низ дневните весници и бистрење политика, туку меѓународно со своите колеги од сите напредни држави. Ова на краток период ќе го наруши нивниот комодитет, но долгорочно сите добиваме. И со оваа мерка, доколку целосно се спроведе, Македонија повторно ќе остане меѓу последните во Европа според бројот на меѓународно признати трудови на македонските научни работници и професори, но од некаде мора да се почне. Да не бидам погрешно разбран, факт е дека ние во моментов имаме меѓународно конкурентни професори, но нивниот број не е голем, и тоа е предизвикот пред нас. Споредбите со Словенија и другите земји во регионот, каде имаат по 10 пати повеќе научни трудови, говорат се. Не сакам ни да помислам во овој момент да правиме споредба со земјите надвор од регионот како Германија, Франција или Америка.

Другата значајна реформа е државниот испит, кој треба да стави крај на купувањето дипломи без знаење, на корупцијата на факултетите, на добивањето оценки без знаење што е на штета на самите студенти, но и на целото општество. Македонија нема избор, освен својата иднина да ја позиционира и базира на знаење и креативност. Не можеме иднината да ја базираме на некои огромни резерви на нафта или на природен гас или други рудни богаства, ниту пак на илјадници километри морски плажи, ниту пак на било што друго што го немаме. Ги имаме нашите умови и само со реално и меѓународно конкуретно знаење, интерактивна настава базирана на развој на креативноста и претриемничкиот и иноваторски дух можеме да очекуваме поголеми успеси и поголема среќа, како индивидуално, така и колективно како држава.

Во 2015-та година ќе продолжиме со нашите напори за зачленувањето во НАТО и ЕУ. Шесте препораки на ЕК за почнување на прегооворите се показател за нашата досегашна посветеност на ова поле. Немањето волја кај нашиот јужен сосед ниту да се најде решение за ова прашање, ниту пак да го дозволи нашиот влез во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ беа клучните причини за одлагањата кои ни прават голема штета. Претпазливи кон нашите национални интереси, и со огромана волја за напредок влегуваме во 2015-та година по ова прашање.

Опозицијата, која во 2014-та година доживеа еден од најтешките порази во нивната историја, се надевам дека во 2015-та ќе извлече поука од сопствените грешки и ќе ја разбере пораката на народот. Од нас ќе има подадена рака за соработка секогаш, затоа што тоа е од интерес за нашата држава и за нашиот народ, за демократијата и за иднината. Со гнев, со злоба, без идеи и проекти, со неумесни условувања, со манипулации и интриги не се освојува поддршката на граѓаните. Напротив, со многу труд, работа, посветеност, искреност и креирање добро обмислени и пресметани идеи корисни за сите граѓани.

Ние како влада и владејачка партија, освен со посветена и одговорна работа, ќе останеме фокусирани на препознавањето на нашите, на сопствените грешки, на нашите слабости и пропусти. Само така можеме да останеме конкурентни на политичката сцена и да ја освојуваме довербата на мнозинството граѓани.

Во 2015-та следуваат и измени и дополнувања на Уставот, и стапување на сила на комплетно нова законска регулатива во делот на државната и јавната администрација, со што од корен ќе се променат некои состојби и проблеми во тој дел, а ќе дадат нов елан и нови можности на вработените во администрацијата. Следува и пакет на крупни измени во законите во судството кои треба да креираат уште поефикасно и поправично судство.

Продолжува и силната борба против криминалот и корупцијата. Во 2014-та Македонија се искачи за три скалила на листата на Транспаренси интернешнал, а со посветеност на ова поле, без селективност во мерките, цврсто верувам резултатите ќе продолжат да доаѓаат.

И конечно, на сите Вам, почитувани граѓани, Ви посакувам пред се добро здравје, многу љубов, спокојство и лични успеси и на приватен и на планот на вашата работа. Нека чувството на среќа во 2015-та година Ве обземе повеќе одколку во минатото, нека се остварат повеќе лични и семејни желби и планови, нека Бог ни дари добра мисла, бидејќи какви ни се мислите, таков ни е животот.

 

Среќна нова 2015 година!!!