Претседател на Владата на Република Македонија

Претседател на Владата на Република Македонија

Зоран Заев

Официјален е-маил: info@vlada.gov.mk
Фејсбук страна: www.facebook.com/zaevzoran
Твитер профил: www.twitter.com/Zoran_Zaev
Инстаграм профил: www.instagram.com/zoranzaev

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, е роден на 8 октомври 1974 година во Струмица.

Израснал во аграрно домаќинство, во скромно и традиционално семејство. Почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат биле вклучени во земјоделскиот семеен бизнис, како единствен извор на приход. Заев и неговиот брат беа воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем.

Подоцна во својот живот, ја запознал неговата сопруга Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко.

Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Покажува афинитети за математиката и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество.

Во 1997 година, Заев дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ каде што продолжил со постдипломски студии по монетарна економија и финансии.

Инспириран од деловниот успех на неговиот вујко, веднаш почнал да работи во семејното трговско друштво „Тргопродукт“, и за 5 години напредувал до менаџерската позиција. Дополнително, бил член на неколку одбори на компании, банки и јавни претпријатија.

Освен искуството во бизнис секторот, политичката кариера на Зоран Заев брзо се развиваше. Член на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) е од 1996 година, а од 2003 до 2005 година е пратеник во Собранието на Република Македонија.

Во 2006 година е избран за потпретседател на Централниот комитет на СДСМ, а во 2008 година стана в.д. претседател на Партијата.

Од 2013 година, Зоран Заев е лидер на СДСМ.

Во 2005 година, Заев стана градоначалник на градот Струмица, како најмлад градоначалник во земјата. Под негово водство, градот оствари економски подем и стана град со најдобар кредитен рејтинг.

Градот, и Зоран Заев, како градоначалник, во периодот на неговиот мандат како прв човек на општината, освоија повеќе награди и признанија. Во два наврати, во 2008 и 2009 година градот ја освои највисока национална награда во областа на животната средина, а Заев, како градоначалник ја освои Наградата за најдобри практики на Советот на Европа, за првото јавно-приватно партнерство во земјата, имплементирано во изградбата на објектот „Глобал“ во Струмица.

По победата на локалните избори во 2013 година, го започна својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град, и оваа функција ја извршува до декември 2016 година.

Покрај очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа ѝ даде најголема јавност и транспарентност преку редовните, месечни настапи на локална телевизија, каде што ја претставуваше работата на општината и одговараше на сите прашања на граѓаните.

Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија.

Во февруари 2015 година, Заев го започна проектот „Вистината за Македонија“, објавувајќи го прислушкуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на владата предводени од Груевски. Отпорот кон автократската влада продолжи со активната улога на лидер на СДСМ во кампот „Слобода“, кој беше организиран од протестното движење Граѓаните за Македонија - неформална коалиција на политички партии и невладини, граѓански организации кои заеднички се организираа за враќање на демократијата во општеството и за ревитализација на јавните институции во служба на граѓаните.

На 17 мај 2015 година, ова движење го организираше историски натпартиски и граѓански протест во Скопје со повеќе од 100.000 граѓани пред зградата на владата.

Најавената аболиција на претседателот Иванов за тогашните високи владини претставници ги поттикна граѓаните на Македонија на масовно и активно движење кое беше наречено „Шарена револуција“. Масовното протестно движење низ целата земја, започна во 2016 година и траеше 100 дена.

Заради директно вклучување во протестните движења и тесната соработка со граѓаните и граѓанските организации, Зоран Заев го започна концептот на „Едно општество за сите“, ветувајќи го идниот развој на земјата како место за живот на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, политичка и било каква опредлеба. Овој обединувачки концепт на „Едно општество“ беше движечката сила за успехот на СДСМ на парламентарни избори во 2016 година, како и за убедливата победа на локалните избори во 2017 година.

По „Пржинскиот договор“ и парламентарните избори во 2016 година, проследен со тежок период на политички превирања, вклучувајќи го и насилниот инцидент во Парламентот на 27 април, на 31 мај 2017 година, Зоран Заев беше избран за премиер на Република Македонија и го доби мандатот на граѓаните да ја предводи новата влада ориентирана кон реформи.

 

MK