Министерства

Со свеченост на Воената академија денеска беа промовирани 26 потпоручници во АРМ, а заклетва дадоа нови 25 питомци кои го започнуваат своето воено образование. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање им честиташе на промовираните потпоручници и новопримените питомци, им порача дека тоа се идните армиски лидери и дека тие влегуваат во институција која со право ужива највисока доверба помеѓу граѓаните на Република Македонија.

„Вие сте идните армиски лидери кои ќе ја подигнат Армијата на Република Македонија на уште повисоко ниво и кои ќе успеат да го држат чекорот со современите текови и стандарди во одбранбената политика“, рече министерката Шекеринска. Изрази задоволство што во секоја класа питомци има сè поголем број на припаднички на женскиот пол, што, како што рече, покажува дека Македонија и армијата се менуваат на подобро, создавајќи шанси и отворајќи врати на сите, дури и во професии кои долги години се сметале за машки.

Министерката истакна дека Македонија ги прави последните чекори од 27-годишниот маратон кон НАТО, и додаде дека оваа континуирана посветеност и определба за која работеа илјадници припадници на АРМ заслужува да биде крунисана и Македонија да стане 30. членка на НАТО.

„Вчера се вратив од Брисел каде што исто така присуствува на еден нов почеток... Имав и чест и задоволство да ја претставувам Република Македонија во отворањето на една нова фаза во нашите односи со НАТО – почеток на пристапните разговори ... Членството во НАТО ќе значи шанса за Македонија да гради безбедна, сигурна и економски просперитетна иднина. Но, за овие нови офицери за овие нови питомци, членството во НАТО ќе значи шанса да работат да напредуваат да се дообразуваат како дел од најмоќната воено политичка алијанса во светот. И затоа како што им должиме на нашите претци, така должиме и на овие млади генерации, да направиме сè, да ја постигнеме оваа стратешка цел на нашата татковина“, рече министерката.

Шекеринска истакна дека придобивките од членството на Македонија во НАТО први ќе ги почувствуваат припадниците на АРМ. „Нашата стратешка цел нè водеше оваа година да зголемиме буџетот за 15 посто, да ги зголемиме платите на сите припадници на АРМ за 10 посто, да обезбедиме исплата, редовна и законска на сите права од колективните договори, на јубилејните награди и на дневниците за дежурства. Таа обврска нè водеше во нашата цел оваа година да обезбедиме чизми и униформи за секој припадник на АРМ, но и да обезбедиме услови за вистинска модернизација на нашата Армија“, рече Шекеринска.

На Воената академија денеска во потпоручници беа промовирани и 2 питомци од Црна Гора, како и 1 питомец од Косово, а свечена заклетва дадоа 4 нови питомци од Босна и Херцеговина, 3 од Црна Гора и 1 од Косово.

„Црна Гора која е веќе членка на НАТО, Босна и Херцеговина, Косово повторно ги праќаат своите питомци и ни ги доверија на школување формирајќи го впечатокот за нашата Воена академија како респектабилна образовна институција која создава офицери според навистина високи стандарди“, рече министерката.

Говорејќи за идните чекори во развојот на Воената академија, министерката истакна дека со помош на НАТО- тимот за подобрување на процесот на военото образование, со забрзана динамика се работи на целосна модернизација на програмата и плановите за подготовка.

„Согласно новите предизвици на модерното општество во областа на сајбер безбедноста и одбраната, во Воената академија оваа академска година ги започнавме постдипломските студии на програмата „Сајбер безбедност и дигитална форензика“. Во моментов на овие магистерски студии се школуваат 30 студенти, а во рамки на Академијата размислуваме како повеќе акцент да ставиме на овие модерни предизвици, модерни ризици и нови начини како со нив да се справиме“, заклучи министерката.

Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, рече дека давањето на свечена заклетва е најсветото нешто што секој офицер мора да го чува и да се држи до него.

„Вие штотуку дадовте збор дека дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувате сите обврски и задачи. Се заколнавте дека ќе ја браните слободата, територијата и сувереноста на нашата татковина - Република Македонија. Тоа е нешто што мора да го запаметите и да го имате пред себе секој ден, за време на вашето школување во Воената академија“, рече полковникот Поповски.

Министерката Шекеринска, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и генералот Котески, како претставник од кабинетот на Претседателот, им дадоа подароци на тројцата прворангирани питомци од 18. класа на Академијата, Бојан Миклош, Дамјан Јаневски и Неда Волчева.

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствуваше на завршниот настан организиран од Швајцарската амбасада, заедно со Амбасадорка на Швајцарија во Македонија, Сибил Зутер Техада.

„Политиките и мерките на Владата и ресорното министерство се во насока на зголемување на органското производство, како и подигање на јавната свест за значење на ова производството во севкупната исхрана на луѓето. За таа цел, преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, нудиме мерки кои ќе го поттикнат развојот на органското производство. Субвенциите за примарното органско производство од 61 милиони денари оваа година ги зголемивме на 81 милиони денари оваа година. Поддршката во зависност од органската културата е до 100 отсто повисока од субвенциите наменети за конвенционалното производство, изјави Николовски“. – изјави Николовски.

МЗШВ неодамна го стави во функција Регистарот на органски производители. Тој има значајна улога за зголемување на довербата на потрошувачите во системот на органско производство соработката помеѓу сертифицираните органски производители, трговците и преработувачите на органски производи. Паралелно, МЗШВ интензивно работи на промоција на македонските органски производи и мотивација кај младите земјоделци да се вклучат во овој сектор. Така, во новиот повик за финансиска поддршка од  неповратни 10.000 евра за млади земјоделци од Програмата за Рурален развој предност ќе имаат оние кои што ќе одлучат да се занимаваат со органско производство.

Во насока на зголемување на органското производство, наскоро ќе биде објавен оглас за закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари, на кој предност ќе имаат повторно органските производители. Македонија е во напредна фаза на усогласување со европските регултави во делот на органското земјоделство, што беше нотирано и во последниот извештај на европската комсиија.

Преку проектот „Консолидација на локалните органски сертификациски тела“ -„КонсСерт“, Швајцарија го поддржа македонско тело за органска сертификација, Балкан Биосерт, да ја воведе и задржи акредитацијата за меѓународно бараните органски и други сертификациски услуги. Овој проект значително придонесе за развој на органското земјоделство и подобар пристап на органските извозници од Македонија до меѓународните пазари. Негова крајна цел е да ја намали сиромаштијата на малите и средни земјоделци во Источна Европа, преку промовирање на трговијата со сертифицирани органски производи и олеснување на пристапот на органските фармери кон европскиот и швајцарскиот пазар.

Министерството за економија и Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје денеска потпишаa договор за кофинансирање  на проектот  технолошки парк во рамки на универзитетот. Кофинансирањето на технолошкиот парк на Универзитетот „Мајка Тереза“ е согласно мерката за финансиска поддршка за основање на нов технолошки парк во рамки на универзитетите во Македонија како дел од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 година, чија цел е да ги поттикне и финансиски да им помогне на универзитетите во државата да основаат технолошки паркови, кои треба да обезбедат поцелисходен  начин на дисеминација на знаења и трансфер на технологии, што ќе резултира со економија која ќе се базира на знаење. Овие технолошки паркови треба да им помогнат на постојните и етаблирани мали и средни претпријатија да достигнат повисоко и поконкуретно ниво во нивното работење.

Договорот, со кој ќе бидат кофинансирани 75% од потребните средства, но не повеќе од 1.500.000 денари, го потпишаа министерот за економија Крешник Бектеши и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Азис Положани. 

„Главна цел на технолошкиот парк е раст на економската моќ на земјата, преку унапредување на културата на иновации, конкурентноста на компаниите што имплементираат иновативни модели, услуги или производи, и академската заедница. Според светските искуства, ваквата институција го стимулира развојот и размената на научното знаење и технологија меѓу универзитетите, истражувачките институции, компаниите и пазарот. Затоа се вели дека технолошкиот парк претставува нов облик на претприемничка инфраструктура, во која се донесени во функционална врска: физичката инфраструктура - објектот, науката  - истражувачки и иновациони центри, лаборатории и новите деловни субјекти - нови мали претпријатија, како производни единици на поголемите претпријатија, финансиско сметководствен сервис и сл.Покрај ова поврзување со реалниот сектор и индустријата, според мене уште побитно е влијанието и унапредувањето на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите за вклучување во реалниот бизнис, нешто што во нашиот систем сѐ уште недостига“, истакна Бектеши. 

Право на учество на јавниот повик имаа сите универзитети регистрирани во Република Македонија кои во рамки на универзитетот имаат факултети од областа на техничките, технолошките и информатичките науки и располагаат со простор за технолошкиот парк од минимум 100 квадратни метри, а при оценувањето, најважен критериум беа изработениот бизнис план и просторот. По овој јавен повик пристигна само една апликација, и тоа од Универзитетот „Мајка Тереза“, која ги исполнуваше потребните  услови, со што ја добива финансиската поддршка за реализација на предвидениот  проект.

„Целите на Центарот за трансфер на технологии при УМТ се подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на занења од академската средина кон постоечките и новите иновативни мали и средни претпријатија. Тоа ќе значи обезбедување на извонредно знаење во областите на ИКТ, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, валоризација на истражувачките резултати преку создавање на колаборативна платформа помеѓу научните работници, студентите и претприемачите заради надминување на јазот меѓу академската средина и индустријата, со што ќе зајакне потенцијалот за раст на регионалниот екосистем од постојните и новите високо-технолошко ориентирани мали и средни претпијатија“, рече ректорот на УМТ, проф.д-р Азис Положани.

По потпишувањето на договорот, присутните го посетија просторот на новиот Центар за трансфер на технологии во рамки на универзитетот, за кој министерот Бектеши изрази надеж дека ќе претставува нов и современ начин за промоција на Република Македонија како извор на иновативни решенија.

Од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво 2018 на Министерството за економија, со годинешен рекорден буџет од над 38 милиони денари, над 120 субјекти добија финансиска поддршка, со што дел од буџетските средства на државата се вратија во бизнисот.

Во Венеција, денеска и утре се одржува 116 Пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија), на која е поканета да учествува и нашата министерка за правда проф. д-р Рената Дескоска.

Во рамки на 116 Пленарна сесија на Венецијанската комисија, министерката за правда Рената Дескоска, денеска и утре ќе оствари повеќе состаноци со членовите на Венецијанската комисија и ќе се обрати на Пленарната сесија на која ќе биде биде разгледано и усвоено Нацрт-мислењето на Венецијанската комисија за Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите.

Според Нацрт-мислењето на Венецијанската комисија кое е неодамна доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови ќе бидат оценети позитивно.

Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила на подобар начин ја заштитуваат судската независност и поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судскиот систем.

Во мислењето кое се очекува да биде усвоено денес, ќе бидат дадени и насоки за понатамошно подобрување на текстот на законите.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска во Брисел, по официјалното отворање на процесот на пристапните разговори на Македонија со НАТО, имаше одвоени средби со заменичката генерален секретар на Алијансата, Роуз Готемелер и со комесарот Јоханес Хан.

На средбите министерката Шекеринска рече дека по еден од најважните моменти на иднината за земјата, добивањето на поканата за членство на Македонија во НАТО, државата е фокусирана на започнатите пристапни разговори, за кои, изрази очекување дека ќе се одвиваат брзо, ефикасно и квалитетно.

„Вложивме големи напори за Македонија да биде целосно подготвена за пристапните разговори. Имаме големо искуство и огромна волја овие разговори да се завршат што поскоро и паралелно со исполнувањето на домашните обврски од Договорот со Грција, Македонија да го заземе своето заслужено место како полноправен член на Алијансата. Почетокот на пристапните разговори е потврда дека процесот продолжува, немаме дилеми дека сме на вистинскиот пат“ рече министерката на средбата со заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер.

Шекеринска истакна дека граѓаните на Македонија се убедени дека влезот во НАТО значи стабилност, сигурност и просперитет за целиот регион и дека тоа е едно од прашањата за кои постои целосен консензус и обединетост во Македонија.

„Владата, премиерот, но и огромен број граѓани на Македонија, над 600.000, донесоа храбра и прагматична одлука која ги отвора вратите кон просперитетна Македонија и просперитетен и безбеден регион. Сега е потребно иста таква одлука да донесат и оние чиј легитимитет им го дава токму народот, односно пратениците во македонското Собрание“, рече министерката и изрази очекување сите пратеници да ја поддржат европската и евроатлантска перспектива на Македонија.

На средбата со министерката Шекеринска, Готемелер рече дека поддршката од НАТО за Македонија продолжува и дека за членството на Македонија во НАТО нема план Б освен имплементацијата на Договорот од Преспа. Заменичката на генералниот секретар на НАТО рече дека сега се е во рацете на пратениците – во овој историски момент да ја реализираат стратешката определба на Македонија за интеграција во НАТО Алијансата.

На средбата на министерката Шекеринска со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, беше речено дека Преспанскиот договор е единствената гаранција за реализација на аспирациите за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. На потег се пратениците кои треба да ги надминат партиските разлики и да дејствуваат за иднината на државата – се согласија соговорниците, и заклучија дека е тешко да се верува дека во иднина ќе има подобар договор за решавање на спорот, и подобра можност за Македонија од оваа.

Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа информативна работилница, на која се најави отпочнувањето на Студиите за изводливост во дел од избраните области за консолидација на земјоделско земјиште. Конкретно, се презентираа деталите околу   имплементацијата и претстојните активности во рамките на проектот  МАИНЛАНД, кој што како МЗШВ  ги спроведува со ФАО од април минатата година.

Во рамките на овој проект, Европската унија, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работат заеднички на започнување на првиот циклус на посложени интегрирани проекти за консолидација на земјоделско земјиште на поголеми подрачја во државата. Тука се вклучени и посериозни инфраструктурни инвестиции, како дел од националната програма за консолидација.  

„Крајната цел на овој проект, е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини, да се реши проблемот со напуштање на обработливото земјоделско земјиште, и секако, да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси“, - изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

При тоа министерот Николовски посочи дека проектот за консолидација на земјоделското земјиште нема да заврши со сегашните избрани 12 локации, туку во текот на следниот период ќе започне избор на нови 12 локации во државата за окрупнување на земјоделското земјиште. Со цел непречено спроведување на проектот, МЗШВ ја подобри законската регулатива, што ќе придонесе за ефикасна реализација на целиот процес.

На денешната работилница проектниот тим на МАНЛАНД го претстави планот за спроведување на студиите за изводливост во претстојните месеци. Конкретно, во пет од избраните области за консолидација на земјиште започнува спроведување на Студии за изводливост, како прва фаза од постапките за консолидација на земјоделско земјиште. Се работи за селата Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари. 

Во периодот до март 2019 година, избрани геодетски компании од земјата ќе работат директно со земјоделците и локалните заедници на проценка на моменталната состојба на терен, утврдување на подготвеноста на земјоделците и сопствениците на земјиште да се вклучат во процесот на консолидација, идентификување на индивидуалните потреби, како и проверка дали се задоволени сите предуслови за успешна имплементација на консолидацијата на земјиште, во секоја од избраните области. 

Избраните геодетски компании минатата недела ја добија првата обука во рамки на проектот за техничките аспекти за спроведување на претстојните студии за изводливост. Од утре, заедно со проектот МАИНЛАНД и МЗШВ тие ги започнуваат првите средби со земјоделците во селата Царев Двор, Спанчево, Соколарци, Логоварди и Оптичари.

Како краен резултат студиите ќе покажат дали консолидацијата на земјиште е изводлива во секое од подрачјата. Истите ќе обезбедат препораки за најдобар пристап за консолидација на земјиштето во секоја од подрачјата, а исто така ќе ги идентификуваат и приоретизираат потребните инвестиции во земјоделска инфраструктура согласно потребите во секоја заедница.

Проектот MAINLAND (Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште) е финансиран од Европската Унија и го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО). Ова е голема поддршка за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра, 2,5 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ и 61,2 илјади евра придонес на ФАО. Проектот се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година.
 

Свесни за фактот дека употребата и достапноста на нелегалното оружје директно негативно влијае не само врз сеопштите трендови во разните области од криминалот, туку и може директно да влијае врз дестабилизација на самите општества, во изминативе години Република Македонија се фокусираше на градење на еден интегриран, системски пристап кон борбата против нелегалната трговија со оружје и експлозивни материјали во сите негови аспекти - едукативен, организационен, легислативен, и слично. Притоа, посветено ангажирајќи се и во многуте меѓународни проекти, програми, иницијативи и  активности во сузбивањето на нелегалната трговија со оружје и експлозивни материјали, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во своето обраќање на состанокот на локалните групи за координација за недозволена трговија со оружје на земјите од Западен Балкан што се одржа во Скопје.

 

 

- Во изминатиот период Министерството за внатрешни работи како институција во чија што законска надлежност е справувањето со оваа проблематика, направи многу во стандардизацијата и имплементацијата на нормите, иницијативите, препораките по однос на воспоставувањето на квалитетни и ефикасни рамки за превенција, контрола, но и откривање на нелегалната трговија со мало и лесно оружје, муниција, експлозивни материи, градејќи кредибилен, одржлив и интегриран национален концепт на делување. Со цел унапредување на политиките и стандардите во оваа област, ние подготвивме и нова Национална стратегија за контрола на мало и лесно оружје која соодветно ги детерминира и дефинира новите трендови и предизвици, но и правците, односно приоритетите за дејствување притоа креирајќи еден координиран систем на меѓуинституционално делување на сите релевантни чинители, вклучително и граѓанскиот сектор, што ќе треба квалитетно, функционално и ефикасно да одговорат на сите зацртани задачи - рече Спасовски.

Спасовски ја потенцира нужната заедничка соработка која што треба да ја даде суштинската логистика во успешната контрола на малото и лесно оружје и спречување на нелегалната трговија со истото. 

- Тоа партнерство треба да биде клучната алка во синџирот, не само од аспект на размена на искуства и знаења, туку и од аспект на конкретна оперативна размена на податоци и спроведување заеднички операции. Верувам дека денешниот состанок, односно идеите, иницијативите што ќе бидат изнесени или разгледувани   ќе дадат нов квалитет во насока на потесно и поефикасно заедничко делување - рече Спасовски.
 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска во Владата на Република Македонија, одржа прес-конференција, на која информираше за јавниот повик за финансиска поддршка на авио компании.

Министерот Сугарески, објаснувајќи ги резултатите од јавниот повик, пред присутните медиуми, на прес-конференцијата рече: 

Владата на Република Македонија е посебно фокусирана на развој на воздушниот сообраќај на земјата. Доказ за тоа е континуираниот раст на бројот на патници забележан во последната година и половина.

Остваривме контакти со многубројни авиокомпании. Некои од нив успеавме да ги убедиме да ја постават Македонија, односно Скопје и Охрид на нивната мапа на дестинации.

Исто толку посветени остануваме и во следниот период, со цел да го унапредиме авиосообраќајот на едно повисоко ниво, а на граѓаните и на бизнис секторот да им обезбедиме широка мрежа на дестинации, согласно нивните потреби.

На денешната прес-конференција, сакаме да ја информираме јавноста за јавниот повик за финансиска поддршка на авио компании, објавен на тринаесетти септември оваа година.

Имено, до Министерството за транспорт и врски, до крајниот рок, дванаесетти октомври, тендерска документација достави една авио компанија, авиокомпанијата „Визер“.

Согласно утврдените правила, комисијата составена од членови на Министерството за транспорт и врски, на Министерството за финансии, од агенцијата за цивилно воздухопловство и од Владата на РМ, пристапи кон отворање на пристигнатата понуда, и разгледување на доставените документи.

Од страна на комисијата, во текот на вчерашниот ден, до министерството за транспорт и врски, доставен е извештај во кој е утврдено дека доставената понуда на авиокомпанијата „Визер“, не одговара со условите и критериумите пропишани во јавниот повик за финансиска поддршка за авио компании.

Ќе објаснам кои делови од условите компанијата „Визер“ не ги исполнува.

Во јавниот повик предвидено е следново: Авио компанијата што ќе добие финансиска поддршка има обврска да започне со оперирање на најмалку 4 нови дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле - Охрид, и тоа првите две до 10.01.2019, а останатите две, во рок од една година од денот на склучување на договорот, и истите да ги опслужува за период за кој се доделува финансиската поддршка.

Авиокомпанијата „Визер“, доставила понуда во која што сите четири дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле, планира да ги воведе во август 2019 година.

Ова е спротивно на еден од клучните критериуми во јавниот повик. Ќе повторам. Во јавниот повик јасно стои дека авио компанијата има обврска до 10.01.2019 да воведе две линии од аеродромот во Охрид, и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авио компанијата Визер понудила четирите дестинации да ги воведе во месец август 2019 година.

Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи.

За оваа фактичка состојба не ми останува никаква друга можност освен, доследно почитувајќи ја уредбата и јавниот повик, повторно да ја поништам и оваа постапка.

Она што сакам да го потенцирам, е дека ние како Влада, и како министерство за транспорт и врски, остануваме доследни на мерката за финансиска поддршка за авио компании кои ќе понудат нови дестинации за македонските граѓани.

Да бидам директен. Евтини летови ќе има, и тоа оваа Влада ќе го исполни водејќи се исклучиво од интересот на граѓаните на Република Македонија, но процедурата и правилата мора да се почитуваат.

Граѓаните да бидат спокојни. Владата процени дека стратешки интерес на република Македонија е покрај скопскиот аеродром, системски да го развива и охридскиот аеродром.

Затоа и во јавниот повик побаравме потенцијални корисници на финансиска поддршка, да воведат четири нови линии од охридскиот аеродром во 2019 година. Исто така сакам да нагласам дека средствата се веќе предвидени во буџетите за следните три години, односно 2019-2020-2021 година.

Тие пари се на граѓаните и сè што е во наша надлежност ќе сториме за да  овозможиме за овој јавен повик да успее.

Но морам да споменам уште еднаш, дека мерката ќе се реализира согласно јасно утврдени процедури и критериуми и исклучиво во интерес на граѓаните.

Затоа сакам да ве информирам, дека уште денеска, по итна постапка, ќе доставам информација до Владата на Република Македонија.

Веднаш после тоа, Министерството за транспорт и врски ќе објави нов јавен повик, критериумите и условите нема да ги менуваме, ќе останат исти како и на претходниот јавен повик.

Наш приоритет е да го унапредиме авио сообраќајот и на охридскиот аеродром, и од тоа не отстапуваме.

И да бидам уште подиректен. Веднаш ќе ги спречам сите шпекулации во однос на поништување на двете постапки, имајќи предвид дека овој проект е започнат во времето на минатата влада.

Ниту еден член на оваа Влада, вклучувајќи ме и мене, нема ништо против авиокомпанијата „Визер“.

„Визер“ е стабилен  и долгорочен партнер на Република Македонија. Сметано од 2012 година, оваа авиокомпанија е субвенционирана со десет милиони евра, средства на даночните обврзници.

Ние го почитуваме нивниот интерес да ја продолжат соработката. Бидејќи тоа е и во интерес на граѓаните. Стоиме на располагање за разговор доколку е потребно, за било која компанија, да се објаснат условите, кои се прецизни и многу јасни.

Во оваа прилика, повторно ги повикувам и „Визер“ и сите други компании, да се пријават на новиот јавен повик, и уверувам дека ќе се избере авио превозник кој ќе достави најдобра понуда, и ќе ги исполнува критериумите согласно повикот.

На почеток споменав, пак ќе повторам. Развојот на воздушниот сообраќај во Република Македонија, и овозможување на широка мрежа на дестинации е програмска определба на Владата на Република Македонија.

Во таа насока, како ресорно министерство, силно сме посветени на создавање услови за зголемување на бројот на дестинации од двата аеродроми, како и за подобрување на квалитетот и безбедноста на авио-превозот во Република Македонија.

Усогласувањето на законите со кои треба да се спречи насилството врз жените и семејното насилство, како и сите други мерки што државата треба да ги направи за да ја имлементира Истанбулската конвенција беа тема на денешниот координативен состанок во Владата на Република Македонија.

На состанокот на кој воведно обраќање имаше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, присуствуваа преставници од поголемиот дел од министерствата, од државните институции,  меѓународните организации и граѓанскиот сектор.

“Eден од стратешките определби и приоритети на Владата на Република Македонија е да ги исполни предвидените активности во владината Програма, односно да го реализира Акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција. На овој начин сите заеднички ќе направиме напори за развивање и подобрување на националното законодавство за борба против насилството врз жените, но исто така ќе делуваме превентивно во подигнување на јавната свест како и воспоставување на институционални механизми за заштита на жртвите на родово базираното насилство”, истакна министерката Царовска.

Владата на Република Македонија на 9 октомври го усвои Акцискиот план за спроведување на конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство во Републка Македонија за периодот 2018-2020 година.

Овој Акциски план претставува сеопфатна мулти институционална политика за борба против насилството врз жените и овие политики треба да се гледаат како елемент на демократското и транспарентното владеење засновано на владеење на правото.

Во насока на унапредување и унифицирање  на системот за постапување со случаи на семејно насилство,  изготвени се и усвоени  стандарди и процедури за семејно насилство  во соработка со граѓанскиот сектор. МТСП досега отвори 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а ја прошири и дејноста  на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе  и со жртви на сексуално насилство каде што згрижувањето трае до 6 месеци.

МТСП во соработка со граѓанскиот сектор, финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48часа и Национална мобилна СОС линија,  кои се менаџирани од страна на граѓански здруженија. Министерството за труд и социјална политика изборот го прави по пат на јавен повик на годишно ниво. Министертвото инвестира и во  објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 Центари за жртви на сексуално насилство.

По повод Светскиот ден на храната, денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присусутвуваше на одбележување на овој светски ден во ООУ “Аврам Писевски”. Настанот под мотото "Нашите дејствија се наша иднина, свет Без Глад до 2020 година е возможен”, беше во организација на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со ООУ “Аврам Писевски” и граѓанските организации “Слоу Фуд Водно” и “Ајде Македонија”.

Секоја година, на 16 октомври, се слави како  Светски ден на храната, а годинава порака е "Нашите дејствија се нашата иднина", однсоно да се засили посветеноста и уште поважно, политичката поддршка кон одржлив свет ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост. Темата за оваа година е посветена на Целта за одржлив развој 2 - Свет без Глад (Zero Hunger) коja не само што се фокусира на искоренување на гладот во светот, туку и на постигнување на подобрена исхрана и одржливо земјоделство.

Министерот Николовски потенцираше дека денешниот ден повикува на посветеност на секој поединец како и политичка поддршка, за да се остварат стремежите за создавање одржлив свет, ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост.

„Преку вакви локални настани можеме да ја потенцираме вредноста на храната во општеството. Над 815 милиони луѓе во светот се на граница на неисхранетост, а светот произведува доволно храна и производството на храна е една од главните теми на кои посветуваме  големо внимание. Производството на храна е особено  предмет на работата на МЗШВ и затоа силно ќе ги поддржуваме сите настани преку кои ја зголемуваме јавната свест за вакви важни теми. А, децата од најмали треба да ги научиме на овие навики и практики преку кои што навистина можеме да го промени светот. Децата може да бидат амбасадори на сите овие политики на кои што генерално како Влада даваме силна поддршка.Заедно со Министерството за образование и наука на ниво на Влада ќе иницираме вакви училишта со  вакви градини како во ОУ Аврам Писевски, во општина Карпош, да има во целата држава, тоа е импулс плус во делот на едукацијата,информираноста и на здравите навики кои се потребни за децата да ги градат од мали нозе“, изјави министерот Николовски.

Светскиот ден на храната се одбележува секоја година во светот на 16-ти октомври, во чест на датумот на основањето на ФАО во 1945 година. Оваа 2018 година на Светскиот ден на храната се одбележува 73-годишнината од основањето на ФАО. Настаните организирани од страна на ФАО, владите, локалните власти и други партнери во повеќе од 130 земји ширум светот повикуваат на зголемени активности за постигнување Свет Без Глад до 2030 година.

Со денешниот настан во Скопје ФАО и партнерите повикаа на акцијата – да се вратиме на вистинскиот пат. Денес младите, се возрасните луѓе на утрешнината и тие ќе ја наследат Земјата. Оттука фокусот е ставен на младата генерација.  Заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ООУ “Аврам Писевски”, с. Бардовци, Скопје, “Слоу фуд Водно” и „Ајде Македонија”, ФАО го промовираше глобалниот повик за заеднички, здружен напор кон здрава исхрана преку воведување практична едукација за храна и здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за  намалување на загубите и отпадот од храна и олеснување на пристапот до локално произведената, свежа и хранлива храна од семејните земјоделци.