Соопштенија

ФАКТИ ЗА ДОГОВОРОТ

Целиот текст на конечната спогодба на македонски [ Преземи ]

 

1. ДОГОВОР ЗА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА
Македонско-грчкиот договор е историски најдобра и фер шанса за граѓаните на Македонија. Договорот е влог во македонската иднина, со кој го расчистуваме патот на нашата земја за влез во НАТО и за почеток на преговори за ЕУ.
Стануваме член на семејствата на НАТО и ЕУ нациите кои уживаат силен економски развој.
Со Договорот носиме подобар живот за сите граѓани и го чуваме богатото историско и културно наследство кое ја има направено нашата македонска нација славна.
 
2. МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ Е ЗАШТИТЕН
Договорот гo гарантира правото да се определуваме како МАКЕДОНЦИ. Нема повеќе оспорувања.
Според членот 7 од Договорот, македонскиот идентитет ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство.
 
3. МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ЗАШТИТЕН
Според членот 1 (3) од Договорот, официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“). Без никаква фуснота со дообјаснување. Македонскиот јазик е потврден - идентитетот е зачуван.
 
4. ДРЖАВЈАНСТВОТО Е МАКЕДОНСКО, СЕГА И ВО ИДНИНА
Според членот 1 (3) од Договорот, нашето државјанство ќе биде: македонско / граѓани на Северна Македонија.
 
5. ХИМНАТА, ГРБОТ И ЗНАМЕТО НЕ СЕ МЕНУВААТ
Државните симболи не беа дел од преговарачкиот процес.
 
6. МК - МКД ОСТАНУВААТ МЕЃУНАРОДНО ПРИФАТЕНИ И ПРЕПОЗНАТЛИВИ КОДОВИ
Kодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). 
 
7. ДОБИВМЕ ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО НАТО. НИЕ ЌЕ БИДЕМЕ 30-ТА ЧЛЕНКА НА СОЈУЗОТ
Поканата беше заглавена од 2008. Со Договорот ја отстранивме последната пречка за нашето членство во НАТО. Ни се гарантираат сигурноста, безбедноста и економскиот развој.

8. ЌЕ ЗАПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, ПОДГОТОВКИТЕ СЕ ВО ТЕК
Имаме кандидатски статус од 2005 и од 2009 добиваме препораки од Европската комисија. За прв пат добиваме датум за почеток на преговорите за членство, како резултат на Договорот со Грција.

9. ДОГОВОРОТ ГАРАНТИРА МАКЕДОНСКО-ГРЧКО ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА
Ја зголемува културната соработка помеѓу Македонија и Грција во делот на уметностите, танцот, киното, музиката, театрите и спортот. Го олеснува патувањето преку модернизирање и изградба на нови гранични премини. Ја зголемува соработката помеѓу двете држави во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, како и тероризмот и економскиот криминал.
 
10. НЕМА ВЕЌЕ ФИРОМ (ПЈРМ)
Со исполнувањето на Договорот ќе престане да важи референцата ФИРОМ (ПЈРМ) и нашата земја ќе биде заведена во Обединетите Нации под името Република Северна Македонија, преведено на сите јазици.

 


Целиот текст на конечната спогодба на македонски [ Преземи ]


 

СПОГОДБА

КОНЕЧНА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 
(1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 г. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ

ПРЕАМБУЛА 

Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“, 

  • Повикувајќи се на начелата и целите на Повелбата на Обединетите нации, Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и вредностите и начелата на Совет на Европа,
  • Водени од духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и достоинство, 
  • Придржувајќи се кон одредбите од Повелбата на Обединетите нации и особено оние коишто се однесуваат на обврската на државите во своите меѓународни односи да се воздржуваат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава, 
  • Нагласувајќи ја нивната целосна заложба за начелата за неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државите, содржани во Завршниот документ од Хелсинки од 1975 г., 
  • Потврдувајќи ја постоечката граница меѓу нив како трајна меѓународна граница, 
  • Целосно согласни запотребата од зајакнување на мирот, стабилноста, безбедноста и натамошното унапредување на соработката во Југоисточна Европа, 
  • Со желба да ја зајакнат атмосферата на доверба и добрососедски односи во Регионот и трајно да ги прекинат сите непријателски ставови, коишто би можеле сè уште да опстојуваат и согласувајќи се за потребата од воздржување од иредентизам и ревизионизам во која било форма, 
  • Повикувајќи се на нивната обврска, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, под каков било изговор и во која било форма, да не се мешаат во внатрешните работи и надлежноста на другата Страна, 
  • Подвлекувајќи ја, исто така, важноста на развивањето на пријателски односи меѓу државите и потребата споровите да се решаваат на мирен начин, во согласност со Повелбата на Обединети нации, 
  • Решавајќи ги разликите во согласност со Резолуцијата 817 (1993) од 7 април 1993 г. и Резолуцијата 845(1993) од 18 јуни 1993 г., на Советот за безбедност, како и член 5 од Привремената спогодба од 13 септември 1995 г. на достоинствен и одржлив начин, имајќи ги предвид важноста на прашањето и чувствителностите на секоја Страна, 
  • Земајќи ја предвид Резолуцијата на Генералното собрание47/225 од 8 април 1993 г., 
  • Имајќи ја предвид Привремената спогодба, Меморандумот од 13 октомври 1995 г. за практичните мерки поврзани со Привремената спогодба, Меморандумот за заемно воспоставување на канцеларии за врски во Скопје и Атина од 20 октомври 1995 г., како и процесот на Мерките за градење на довербата, 
  • Подвлекувајќи ја нивната силна желба за заемно пријателство, добрососедство и партнерство за соработка, 
  • Со заложба да ги зајакнат, прошират и продлабочат своите билатерални односи и да постават цврсти темели за зајакнување и почитување на добрососедските односи и за развивање на нивната севкупна билатерална соработка, 
  • Стремејќи се да ја зајакнат и прошират својата билатерална соработка и да ја надградат на ниво на стратешко партнерство, во областите на земјоделството, цивилната заштита, одбраната, економијата, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, политичките односи, туризмот, трговијата, прекуграничната соработка и транспортот, ползувајќи ги притоа придобивките од постоечките Мерки за градење на довербата, 

Се договорија за следново:

ДЕЛ 1 
РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКАТА ОКОЛУ ИМЕTO, НЕЗАОКРУЖЕНИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИСТОТО И ЗАЦВРСТУВАЊЕ НА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ 

 

Член 1

  1. Оваа Спогодба е конечна и со нејзиното влегување во сила престанува да важи Привремената спогодба меѓу Страните, потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 г. 
  2. Страните го прифаќаат како обврзувачки исходот од преговорите, коишто се одвиваа под покровителство на Обединетите нации, а кои Страните беа обврзани да ги водат во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 945 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и во согласност со Привремената спогодба од 1995 г. 
  3. Согласно тие преговори, заемно е прифатено и договорено следново: 

а) Официјалното име на Втората страна ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“. 

б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи. 

в) Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонски јазик“,како што е признаено на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 г. и како што е опишано во член 7, став (3) и став (4) од оваа спогодба. 

г) Термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во член 7 од оваа спогодба. 

д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО). 

ѓ) Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавкатаво однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со член 7, став (3) и став (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според член1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа спогодба. 

е) Втората страна ќе го прифати името „Република Северна Македонија“ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување на амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба. 

ж) Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво. За спроведување на претходно наведените одредби, ќе се формира меѓународна група на експерти, која ќе ја сочинуваат претставници на двете држави, а во контекст на Европската Унија и со соодветен придонес на Обединетите нации и ИСО. Оваа Група на експерти ќе се формира во текот на 2019 г. и ќе ја заврши својата работа во рок од три години. Ниту една одредба од член 1, став 3 (ж) нема да влијае на сегашната комерцијална употреба сè додека не се постигне заемна согласност, како што е предвидено во оваа алинеја. 

  1. По потпишувањето на оваа спогодба, Страните ќе ги спроведат следниве чекори: 

а) Втората страна без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација. 

б) По ратификацијата на Спогодбата во Собранието на Втората страна, Втората страна ќе ја извести Првата страна дека Собранието на Втората страна ја ратификувало Спогодбата. 

в) Втората страна, доколку така одлучи, ќе одржи референдум. 

г) Втората страна ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. 

д) Втората страна во целост ќе ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г. 

ѓ) По известувањето од Втората страна за завршување на постапката за усвојување на погоренаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Првата страна веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба. 

  1. По влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните ќе го употребуваат името и термините наведени во член 1, став 3 во сите релевантни меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, вклучително и на сите состаноци и во вкупната кореспонденција и во сите нивни билатерални односи со сите држави - членки на Обединетите нации. 
  2. Конкретно, веднаш по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе: 

а) Ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа спогодба и потоа ќе побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба за сите намени и цели. Двете Страни, исто така, ќе и се обраќаат на Втората страна во согласност со член 1, став 3 во вкупната комуникација кон, со и во рамките на таквите организации, институции и форуми. 

б) Ги извести ситe држави - членки на Обединети нации за влегувањето во сила на оваа спогодба и ќе побара од истите да го прифатат и да го користат името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба за сите намени и цели, вклучително и во сите свои билатерални односи и комуникација. 

  1. По влегување во сила на оваа спогодба и во согласност со одредбите од член 1, став (9) и став (10) термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, „ПЈР. Македонија“, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ и кратенката „пјРМ“ ќе престанат да се употребуваат за обраќање кон Втората страна во каков било официјален контекст. 
  2. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а земајќи го предвид член 1, став (9) и став (10), Страните ќе го користат името и термините од член 1, став 3 за сите намени и цели erga omnes, односно за внатрешна употреба, потоа во сите свои билатерални односи и во сите регионални и меѓународни организации и институции. 
  3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна веднаш и во согласност со разумните административни практики ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел надлежните органи на земјата од тогаш понатаму внатрешно да го употребуваат името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во сите нови службени документи, кореспонденција и релевантни материјали. 
  4. Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“: 

а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба. 

б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. 

  1. Постапките за брзо усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, а со цел целосно спроведување на одредбите од оваа спогодба, ќе започнат по ратификацијата на оваа спогодба од нејзиното Собрание или по референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум. 
  2. Името и термините наведени во член 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на Втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, Втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, член 3 и член 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот. 
  3. Во случај на грешки и пропусти во правилната употреба на името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба во контекст на меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции, коресподенција, состаноци и форуми, како и во вкупните билатерални односи на Втората страна со трети држави и ентитети, која било од Страните може да побара веднаш да се изврши корекција и да се одбегнуваат слични грешки во иднина. 

 

ЧЛЕН 2 

  1. Првата страна се согласува да не приговара на барањата за членство или членството на Втората страна, под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членува Првата страна. 
  2. Втората страна ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба. 
  3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а во согласност со член 1 од истата, Првата страна ќе ратификува каква било спогодба за пристапување на Втората страна кон меѓународни организации, во кои членува Првата страна. 
  4. Конкретно, во однос на процесот на интеграција на Втората страна во Европска унија (ЕУ) и Северно-атлантската договорна организација (НАТО), ќе се применува следното: 

а) Втората страна ќе бара членства во НАТО и ЕУ под името и термините од член 1 од оваа спогодба. Зачленувањето во НАТО и ЕУ ќе се одвива со истото име и термини. 
б) По добивање на известување дека Собранието на Втората страна ја ратификувало оваа спогодба, Првата страна веднаш: 

(i) ќе го извести Претседателот на Советот на Европската Унија дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Втората страна во Европската Унија, под името и термините од член 1 од оваа спогодба. 
(ii) ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Втората страна. Таквата поддршка на Првата страна е условена, прво, со исходот на референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум, во согласност со оваа спогодба, и второ, со целосното усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. По добивањето на известување од Втората страна дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, Првата страна ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба. 

 

ЧЛЕН 3 

  1. Страните со ова ја потврдуваат нивната постоечка меѓусебна граница како трајна и неповредлива меѓународна граница. Ниту една од Страните нема да има или да поддржува никакви претензии кон кој било дел од територијата на другата Страна, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница. Покрај тоа, ниту една од Страните нема да поддржувакакви било вакви претензии кои може да ги изнесат трети страни. 
  2. Секоја од Страните се обврзува да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата Страна. Ниту една од Страните нема да поддржува какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата Страна. 
  3. Двете Страни ќе се воздржуваат, а во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обедините нации, од закани или употреба на сила, вклучително и од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница. 
  4. Двете Страни се обврзуваат дека нема да преземаат, поттикнуваат, поддржуваат и/или толерираат какви било дејности или активности од непријателски карактер насочени против другата Страна. Ниту една од Страните нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата Страна од трети страни, организации, групи или поединци, коишто изведуваат или се обидуваат да изведат субверзивни, сецесионистички дејствија, или дејствија или активности коишто претставуваат закана на каков било начин за мирот, стабилноста или безбедноста на другата Страна. Секоја од Страните без одлагање ќе ѝ пренесе на другата Страна информации кои истата ги поседува во однос на такви дејности или намери. 

 

ЧЛЕН 4 

  1. Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може и не треба да се толкува на начин, кој преставува или кога било ќе претставува основа за претензија кон која било област која не е во рамките на нејзините постоечки меѓународни граници. 
  2. Секоја од Страните се обврзува да не дава, ниту да одобрува какви било иредентистички изјави и дека нема да одобрува какви било вакви изјави дадени од оние кои тврдат дека дејствуваат во името или во интерес на една од Страните. 
  3. Секоја од Страните со ова се обврзува и свечено изјавува дека ниту една одредба од нејзиниот Устав, како што е во сила или како што ќе биде изменет во иднина, не може или не треба да се толкува на начин кој преставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата Страна, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани. 

 

ЧЛЕН 5  

  1. Во вршењето на своите работи, Страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитувањето на човековите права и достоинство и владеењето на правото, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права , Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи , Меѓународната конвенција за елиминација на сите форма на расна дискриминација , Конвенцијата за правата на детето , Завршниот документ од Хелсинки, Документот од состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа и Париската повелба за нова Европа, и други меѓународни спогодби и инструменти кон кои пристапиле двете Страни. 
  2. Ниту една одредба од кој било инструмент наведен во ставот 1 погоре нема да се толкува дека ѝ дава право на која било од Страните да презема дејствија спротивни на целите и начелата на Повелбата на Обедините нации или Завршниот документ од Хелсинки, вклучително и спротивно на начелото на територијален интегритет на државите. 

 

ЧЛЕН 6 

  1. Со цел јакнење на пријателските билатерални односи, секоја од Страните веднаш ќе преземе делотворни мерки за забрана на какви било непријателски активности, дејствија или пропаганда од страна на државни органи или органи под директна или индиректна контрола на државата и ќе спречи дејствија кои многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна. Доколку се јават такви дејствија, двете Страни ќе ги преземат сите потребни мерки. 
  2. Секоја од Страните веднаш ќе преземе делотворни мерки за да обесхрабри и спречи какви било дејствија од приватни ентитети, дејствија кои многу веројатно ќе поттикнат насилство, омраза или непријателство против другата Страна. Доколку приватен ентитет на територијата на која било од Страните спроведува такви дејствија без знаење на таа Страна, таа Страна, откога ќе дознае за таквите дејствија, веднаш ќе ги преземе неопходните мерки, предвидени со закон. 
  3. Секоја од Страните ќе спречува и обесхрабрува дејствија, вклучително и дејствија на пропаганда од страна на приватни ентитети, дејствија коишто многу веројатно ќе поттикнат шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам против другата Страна. 

 

ЧЛЕН 7

  1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. 
  2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. 
  3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). 
  4. Втората страна изјавувадека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. 
  5. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни. 

 

ЧЛЕН 8 

  1. Доколку која било од двете Страни верува дека еден или повеќе симболи кои преставуваат дел од нејзиното историско или културно наследство ги употребува другата Страна, таа за таквата наводна употреба ќе ѝ укаже на другата Страна, а другата Страна ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да се справи со прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство. 
  2. Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство. 
  3. Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба. 
  4. Секоја од Страните ќе се придржува кон препораките на Конференцијата на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња во однос на употребата на официјалните географски имиња и топоними на територијата на другата Страна, давајќи притоа приоритет на користењето на ендоними, наместо егзоними. 
  5. Во рок од еден месец од потпишувањето на оваа спогодба, Страните преку размена на дипломатски ноти, на рамноправна основа, ќе формираат Заеднички интередисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, којшто ќе го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на автентични, засновани на докази и научно издржани историски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете Страни ќе ја надгледуваат работата на Комитетот, а во соработка со други надлежни државнивласти. Комитетот ќе разгледа и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од Страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. За оваа цел, Комитет ќе дефинира конкретни временски рамки за да се обезбеди дека во секоја од Страните ниту еден учебник или помошен наставен материјал што се користи во годината по потпишувањето на оваа спогодба не содржи какви било иредентистички/ревизионистички упатувања. Комитетот, исто така, ќе ги проучи и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Комитетот редовно ќе се состанува, а најмалку двапати годишно и ќе поднесува годишен извештај за своите активности, како и препораки кои треба да бидат одобрени од Советот за соработка на високо ниво, кој ќе се формира во согласност со член 12. 
  6. Страните прифаќаат дека наведените заемно прифатени решенија, коишто произлегуваат од преговорите, ќе придонесат кон конечното воспоставување на мирољубиви и добрососедски односи во Регионот, во согласност со Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. 

 

ДЕЛ 2 
ИНТЕНЗИВИРАЊЕ И ЗБОГАТУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА МЕЃУ ДВЕТЕСТРАНИ

 

ЧЛЕН 9  

  1. Страните се согласуваат дека нивната стратешка соработка ќе ги опфати сите сектори, како што се земјоделство, цивилна заштита, одбрана, економија, енергија, животна средина, индустрија, инфраструктура, инвестиции, политички односи, туризам, трговија, прекугранична соработка и транспорт. Ваквата стратешка соработка ќе се применува не само во секторите опфатени со оваа спогодба, туку исто така и во оние сектори кои во иднина ќе се сметаат за корисни и неопходни за двете земји. Сите овие сектори треба да се вградат во сеопфатен акциски план во текот на развивањето на билатералните односи. 
  2. Постоечките Мерки за градење на довербата ќе бидат вградени во наведениот акциски план. Акцискиот план има за цел спроведување на одредбите од овој дел од оваа спогодба. Акцискиот план континуирано ќе се збогатува и развива. 

 

ДИПЛОМАТСКИ ОДНОСИ 

 

ЧЛЕН 10 

По влегувањето во сила на оваа спогодба:

  1. Првата страна веднаш ќе го подигне нивото: 

а) на нејзината постоечка Канцеларија за врски во главниот град на Втората страна на ниво на амбасада; и 
б) на нејзината постоечка Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во градот Битола во Втората страна на ниво на генерален конзулат; и 

  1. Втората страна веднаш ќе го подигне нивото:

а) на нејзината постоечка Канцеларија за врски во главниот град на Првата страна на ниво на амбасада; и 
б) на нејзината постоечка Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во градот Thessaloniki (Солун) на ниво на генерален конзулат. 

 

СОРАБОТКА ВО КОНТЕКСТ НА МЕЃУНАРОДНИ И РЕГИОНАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ И 
ФОРУМИ 

 

ЧЛЕН 11 

Страните тесно ќе соработуваат, билатерално и во рамките на регионалните организации и иницијативи, со цел да обезбедат дека Југоисточна Европа ќе стане регион на мир, раст и просперитет за нејзините народи. Тие ќе ја унапредуваат и ќе соработуваат во дефинирањето на соработката на регионално ниво, а меѓу другото, ќе соработуваат и на заемната поддршка на нивните кандидатури во контекст на меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции, како што се Обединетите нации, ОБСЕ и Советот на Европа.

 

ПОЛИТИЧКА И ОПШТЕСТВЕНА СОРАБОТКА 

 

ЧЛЕН 12 

  1. Страните се согласуваат да ги зајакнат и натаму да ги развиваат своите билатерални политички односи, преку редовни посети, состаноци и консултации на високо политичко и дипломатско ниво. 
  2. Страните ќе формираат Совет за соработка на високо ниво (ССВН), кој ќе го сочинуваат претставници на нивните влади, заеднички предводен од нивните премиери. 
  3. ССВН ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа спогодба и акцискиот план кој ќе произлезе од истата. ССВН ќе донесува одлуки и ќе промовира активности и мерки за подобрување и надградување на билатералната соработка меѓу двете Страни и ќе разгледува какви било прашања кои може да произлезат во текот на спроведувањето на оваа спогодба и акцискиот план што ќе произлезе од истата, а со цел решавање на таквите прашања. 
  4. Страните се убедени дека развојот и јакнењето на непосредните контакти меѓу луѓето се од суштинско значење за развој на пријателството, соработката и добрососедството меѓу Страните и нивните народи. Тие ќе ги поддржуваат и поттикнуваат таквите контакти и средби меѓу нивните граѓани на сите соодветни нивоа. 
  5. Страните ќе дадат поддршка и ќе ги поттикнат контактите меѓу нивните граѓански општества, како и меѓу нивните институции и локални власти, вклучително и активностите за соработка меѓу младите и студентите, како и нивна размена, а со цел постигнување на подобро разбирање и соработкамеѓу нивните народи. 

 

ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА 
 

ЧЛЕН 13 

Земајќи го предвид фактот дека Втората страна е држава без излез на море, Страните ќе се раководат од релевантните одредби на Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето, колку што истата е применлива во практика и при склучување спогодби наведени во член 18 од оваа спогодба. 

 

ЧЛЕН 14 

  1. Страните натаму ќе ја развиваат нивната економска соработка во сите области. Особен фокус ќе се стави на јакнење, зацврстување и продлабочување на нивната билатерална соработка во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот. За постигнување на овие цели, Страните ќе ги исползуваат и искористат постоечките Мерки за градење на довербата, коишто претставуваат заемно корисна платформа за соработка, која ќе се развие во акциски план. 
  2. Страните ќе поттикнуваат заемни инвестиции и ќе ги преземат сите неопходни мерки за нивна делотворна заштита, вклучително и мерки против прекумерна бирократија и за надминување на институционалните, административните и даночни пречки. Страните особено ќе се фокусираат врз соработката меѓу компаниите, деловните субјекти и индустриите на секоја од Страните. 
  3. Страните ќе се воздржат од наметнување на каква било пречка за движењето на луѓе и стоки меѓу нивните територии и преку територијата на која било од двете Страни на територијата на другата Страна. Страните ќе соработуваат за да го олеснат таквото движење во склад со меѓународното право. 
  4. Страните ќе ја развиваат и поттикнуваат нивната соработка во енергетскиот сектор, имено преку изградба, одржување и искористување на интерконективни гасоводи и нафтоводи (постоечките, оние коишто се во изградба и проектираните), а ќе соработуваат и во однос на изворите на обновлива енергија, вклучително и на соларни, на ветер и хидроелектрични капацитети. Можните нерешени прашања брзо ќе се разгледаат и ќе се постигне заемно прифатливо решение, при што особено ќе се земе предвид Европската политика за енергија и европското законодавство во оваа област. Првата страна ќе ѝ помогне на Втората страна преку соодветно пренесување на знаења и експертиза. 
  5. Страните ќе промовираат, прошируваат и подобруваат кооперативна синергија во областите на инфраструктурата и транспортот, а на реципрочна основа и во областите на патниот, железничкиот, поморскиот и воздушниот транспорт и комуникациски врски, користејќи ги најдобрите достапни технологии и практики. Тие, исто така, ќе го овозможат транзитот меѓу нив на стоки, товар и стоки преку инфраструктурата, вклучително и преку пристаништа и аеродроми, на територијата на секоја од Страните. Страните ќе се придржуваат кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, телекомуникациите, знаците и кодовите. Првата страна ќе го направи тоа до онаа мерка и на начин што ќе биде во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и други меѓународни инструменти. Втората страна ќе го стори тоа до онаа мерка и на начин што ќе биде во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членството во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации каде истата членува во времето на влегување во сила на оваа спогодба, како и обврските кои ќе произлезат од нејзиното членство во Европската Унија, откога ќе се предложи нејзиното пристапување кон истата. 
  6. Страните ќе настојуваат да ги подобрат и модернизираат постоечките гранични премини, како што тоа го бара протокот на сообраќај, а исто така ќе градат и нови гранични премини, со цел да се поттикне туристичката и трговска размена меѓу нив. 
  7. Страните ќе преземаат мерки за да обезбедат заштита на животната средина и зачувување на природната средина во прекуграничните води и нивното опкружување и ќе соработуваат во настојувањата за намалување и отстранување на сите форми на загадување. Страните ќе настојуваат да развиваат и усогласат стратегии и програми за регионална и меѓународна соработка за заштита на животната средина. 
  8. Страните ќе дадат поддршка за проширување на туристичката размена и за развојот на нивната соработка на полињата на алтернативниот туризам, вклучително и културниот, верскиот, образовниот, медицинскиот и спортскиот туризам и ќе соработуваат за подобрување и унапредување на деловните и туристички патувања меѓу нив. 
  9. Страните ќе формираат Заеднички министерски комитет (ЗМК) кој ќе има за цел да ја постигне најдобрата можна соработка во погоре споменатите сектори на економското партнерство, вклучително и преку организирање на заеднички деловни форуми. Комитетот ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе управува со текот на билатералната економска соработка, со сеопфатната примена на релевантни секторски дејности, спогодби, протоколи и договорни рамки, како и сите идни релевантни спогодби. Страните поттикнуваат што е можно поблиска соработка меѓу нивните стопански комори. 

 

СОРАБОТКА ВО ОБЛАСТИТЕ НА ОБРАЗОВАНИЕТО, НАУКАТА, КУЛТУРАТА, ИСТРАЖУВАЊЕТО, 
ТЕХНОЛОГИЈАТА, ЗДРАВСТВОТО И СПОРТОТ

 

ЧЛЕН 15 

Во добата на новата индустриска револуција и втората генерација на машините, продлабочувањето на соработката меѓу државите и општествата е неопходно повеќе од кога било, особено во однос на општествените активности, технологијата и културата и во потесна и во поширока смисла. Со цел развој на таквата соработка: 

  1. Страните ќе ја развиваат и подобруваат нивната научна, технолошка и техничка соработка, како и нивната соработка во областа на образованието. Тие ќе ја интензивираат нивната меѓусебна размена на информации и на научна и техничка документација и ќе настојуваат заемно да го подобрат пристапот кон научните и истражувачки институции, архиви, библиотеки и слични институции. Страните ќе дадат поддршка на инцијативи од научните и образовните институции, како и од поединци кои се насочени кон подобрување на соработката и размената во областите на науката, технологијата и образованието. 
  2. Страните ќе дадат поддршка и ќе поттикнат настани, како и научни наставни програми во кои ќе учествуваат припадници на нивните научни и академски заедници. Тие, исто така, ќе дадат поддршка и ќе го поттикнуваат организирањето на билатерални и меѓународни конференции во овие области. 
  3. Страните придаваат големо значење на развојот на истражувањето, како и примената и искористувањето на новите технологии, вклучително и на дигиталната технологија и нанотехнологијата, на начин со кој се зачувува животната средина и се надградуваат вештините, капацитетите и вкупната добросостојба на нивните граѓани. За оваа цел, Страните ќе ја развиваат соработката меѓу нивните истражувачки центри, истражувачи и системите на академските институции. 
  4. Страните особено ќе се фокусираат на развојот на културните односи меѓу двете држави, нивните општества и општествени групи, при тоа особено земајќи ги предвид уметноста, танцот, кинематографијата, музиката и театарот. Во овој контекст, особена важност се придава на спорот. Ќе се унапредува билатералната соработка во областа на здравството, вклучително и здравствената заштита. 

 

ПОЛИЦИСКА И СОРАБОТКА ВО ОБЛАСТА НА ЦИВИЛНАТА ЗАШТИТА 

 

ЧЛЕН 16 

  1. Страните тесно ќе соработуваат во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал, тероризмот, стопанскиот криминал, особено против криминалот поврзан со нелегалната трговија и/или експлоатација на луѓе, криминалот поврзан со производство, недозволена трговија и/или нелегална трговија на наркотични дроги и психотропни супстанци, нелегалното производство и трговија со оружје, негови резервни делови и компоненти, како и муниција, потоа нелегалниот увоз, извоз и пренос на сопственост на културен имот, како и против дела против цивилното воздухопловство и дела поврзани со фалсификување и/или криумчарење на цигари, алкохол или горива. 
  2. Страните тесно ќе соработуваат во областа на цивилната заштита, особено фокусирајќи се на спречување и справување со природни и катастрофи предизвикани од човекот и на активности за справување со последиците од катастрофите. Секоја Страна може да ја искористи специјализираната едукација и експертизата на другата Страна и секогаш кога е тоа потребно и можно секоја Страна на другата Страна ќе ѝ овозможи користење на нејзината специјална инфраструктура, особено за противпожарна заштита.

Страните може да ја разгледаат можноста за воспоставување на релевантен механизам за помош во спроведувањето на одредбите од овој член. 

 

ОДБРАНБЕНА СОРАБОТКА 

 

ЧЛЕН 17 

Страните ќе ја зајакнат и прошират нивната соработка во областа на одбраната, вклучително и преку чести посети и контакти меѓу политичките и воени лидери на нивните вооружени сили, потоа преку соодветен пренос на знаења и помош за градење на капацитетите, соработката во областите на производство, информирање и заеднички воени вежби. Страните особено ќе се фокусираат врз обуката на персоналот која Страните може меѓусебно да ја обезбедат. 

 

ДОГОВОРНИ ОДНОСИ 
 

ЧЛЕН 18 

  1. По влегувањето во сила на оваа спогодба, во нивните односи, Страните ќе се раководат од одредбите на следните билатерални спогодби кои биле склучени меѓу поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Првата Страна, на 18 јуни 1959 г.: 

а) Конвенцијата за заемни правни односи, 
б) Спогодба во врска со реципрочното признавање и спроведување на судски одлуки, и 
в) Спогодба за прашања од областа на водостопанството. 

  1. Страните се согласуваат дека по влегувањето во сила на оваа спогодба, сите меѓународни документи кои се билатерално правно обврзувачки за Страните ќе останат во сила, освен тие чие престанување на важност е конкретно предвидено со оваа спогодба. 
  2. Страните меѓусебно ќе се консултираат со цел да идентификуваат други спогодби склучени меѓу поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и првата Страна, коишто тие ќе сметаат дека се соодветни да се применуваат во нивните односи. 
  3. Страните се обврзуваат да ги истражат сите можности за склучување на дополнителни билатерални спогодби, потребни во областите од заемен интерес. 

 

ДЕЛ 3

РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ

 

ЧЛЕН 19

  1. Страните сите спорови ќе ги решаваат единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации. 
  2. Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето. 
  3. Секој спор што ќе се јави меѓу Страните во однос на толкувањето или спроведувањето на оваа спогодба и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во член 19, став (2), може да се поведе пред Меѓународниот суд на правдата. Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете Страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја Страна поединечно. 

 

ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

ЧЛЕН 20 

  1. Оваа спогодба ќе ја потпишат министрите за надворешни работи на двете Страни. 
  2. Оваа Спогодба е предмет на ратификација, во согласност со последователната постапка предвидена во член 1, став (4). 
  3. По завршувањето на неопходните внатрешно-правни постапки потребни за влегување во сила на оваа спогодба, како што е предвидено во член 1, во рок од две недели, Страните за истото писмено меѓусебно ќе се известат. Оваа спогодба ќе влезе во сила на датумот на прием на последното известување од односната Страна. 
  4. Член 8, став (5) ќе се применува привремено и пред влегувањето во сила на оваа спогодба. Доколку оваа спогодба не влезе во сила, оваа спогодба, во целост и секоја нејзина одредба поединечно, нема да имаат никакво дејство или примена, ниту привремена, ниту каква било друга и истата нема на кој било начин да ја обврзува која било од Страните. 
  5. Разликата и преостанатите прашања наведени во Резолуцијата 817 (1993) и Резолуцијата 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН ќе се сметаат за решени по влегувањето во сила на оваа спогодба. 
  6. Што е можно поскоро по влегувањето во сила на оваа спогодба, Страните или една од Страните ќе го извести генералниот секретар на Обединетите нации за влегувањето во сила на оваа спогодба, како и за датумот на кој истата влегла во сила, а со цел нејзино спроведување во Обединетите нации. 
  7. Оваа спогодба не е насочена против која било друга држава, ентитет или лице. Таа не ги загрозува правата и должностите кои произлегуваат од билатералните и мултилатералните спогодби кои се веќе во сила, а кои двете Страни ги склучиле со други држави или меѓународни организации. 
  8. Првата страна ќе ја применуваа оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Европската Унија и нејзиното членство во други меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, како и во согласност со други меѓународни инструменти. Слично, Втората страна ќе ја применува оваа спогодба во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во меѓународни, мултилатерални или регионални институции или организации, вклучително и оние поврзани со Европската Унија, по предлогот за нејзино пристапување во членство. 
  9. Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба. 
  10. Оваа спогодба ќе биде регистрирана во Секретаријатот на Обединетите нации во согласност со член 102 од Повелбата на Обединетите нации, веднаш штом влезе во сила. 

ВО СВЕДОШТВО НА ТОА, Страните преку своите должно овластени претставници, ги потпишаа трите примерока од оваа конечна спогодба, на англиски јазик. 
 


Целиот текст на конечната спогодба на македонски [ Преземи ]


 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст се сретна со Борис Џонсон, министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, кој ја претставуваше британската премиерка, Тереза Меј на Самитот за Западен Балкан. 

Високиот британски дипломат Џонсон изрази јасна и голема поддршка на новата Влада во Македонија, во име на Велика Британија и премиерката Меј. 

Оценката што ја соопшти министерот за надворешни работи, Џонсон е дека Македонија е конечно на вистинскиот правец и најави дека Велика Британија ќе направи сè што може да ѝ помогне на нашата држава за влез во НАТО и во ЕУ. 

Британскиот министер Џонсон соопшти дека Британија останува партнер на Балканот и активен поддржувач на демократските процеси, како и дека пријателството со Македонија е клучно во реализацијата на оваа важна цел. 

Премиерот Заев изрази благодарност за огромната поддршка од Велика Британија за Македонија и рече дека новата Влада ќе ја оправда добиената доверба преку посветена работа на демократски развој на Македонија и на регионот.

„Владата дефинираше временска рамка за итните реформски приоритети важни на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ и одговорно ќе спроведе квалитетни реформи, затоа што граѓаните на Македонија заслужуваат евро-атланстки перспективи“, рече премиерот Заев. 

Присуството на Самитот во Трст на премиерот Заев, придружуван од неколкумина владини министри донесе Договор за транспортната заедница, чијашто потписничка е и нашата држава и ќе значи олеснето поврзување на граѓаните на Македонија со регионот. 

Но, она по што е значаен Самитот во Трст се и бројните билатерални средби што ги оствари премиерот Заев на највисоко политичко ниво, со светски и регионални лидери, кои испратија многу конкретни, јасни и прецизни пораки на целосна поддршка на премиерот Заев и на новата реформска Влада во Македонија. 

Средбите на маргините на Самитот и самиот Самит покажаа дека во претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и во новата Влада на Република Македонија се гледа како на мотор во регионалниот развој, во што се посочува клучот за евро-атлантските перспективи на Македонија и на Западен Балкан.

 
 
 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Трст имаше билатерална средба со канцеларката на Република Германија, Ангела Меркел.

Германската канцеларка Меркел изрази голема поддршка за новата Влада на Македонија, за одлучноста на Владата за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ.

"Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи и да ја осигура евро-атлантската иднина на Македонија, а со тоа и квалитетен живот за граѓаните", рече премиерот Заев. 

Канцеларката Меркел најави поддршка од Република Германија во реформскиот и евро-атлантскиот интеграциски процес.

Изразена е заедничка определба да продолжи со уште поголем интензитет соработката помеѓу Република Македонија и Република Германија во области важни за граѓаните на двете земји.

 

Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување на кризна состојба во регионот на јужната и на северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што согласно правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, информира денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој посочи дека меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на територијата на Република Македонија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.

Појасни дека заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку т.н. балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна.

- Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Котевски.

Нагласи дека за постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности. 

- Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека наскоро ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската унија кој ќе ги опфати сите земји кои се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот, рече Котевски.

Посочи дека во изминатите 24 часа, издадени се потврди на 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил во Република Македонија.

- Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 1.004.Во овие два месеца, откако стапија во сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 33.461, потоа на Авганистан - 2.073, Ирак - 1.947, Пакистан - 1.198, како и од други земји каде што има оружен конфликт, истакна Котевски.

Од почнувањето на издавањето на потврдите до денеска, појасни, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан, а од нив четири се деца кои го придружуваат родителот...

Одговарајќи на новинарско прашање, Koтевски рече мигрантите никогаш легално не влегувале во Република Македонија, ниту пак биле пуштани.

- Напротив МВР согласно капацитетите со кои располага ги преземаше сите неопходни мерки за да ја заштити нашата граница. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ воопшто не беше заштитувана од грчка страна односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата, рече Котевски.

Со оваа одлука, нагласи тој, практично се засилува контролата на самата граница и во граничниот појас.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дополнително ќе се утврдуваат трошоците, бидејќи досега МВР како една од институциите која имаше најмногу ингеренции околу контролата на границата се соочуваше со огромни месечни трошоци односно заради зголемениот ангажман на полициски службеници, возила итн.

- Нашите проценки говорат дека трошоците во изминатите неколку месеци заради дополнителниот ангажман изнесуваат околу 800.000 евра на месечно ниво. Тоа се дополнителни трошоци во однос на ангажманот кој го имаше само полицијата за обезбедување на јужната граница, посочи Котевски. 

Укажа дека похуман третман подразбира посоодветен третман на лицата кои се илегални мигранти и кои се во Република Македонија.

- Факт е дека Република Македонија не располага со неограничени капацитети и еден е третманот кој може да им се пружи на лица кога станува збор за 1.500, 2.000, 3.000 или 5.000 мигранти кои би влегле во ист ден, а друг е третманот кој би го добиле доколку илегално успеат да ја поминат границата 50, 100 или 500 илегални мигранти, рече Котевски.

Се очекува македонското МНР соодветно ќе ги извести соседните земји за преземените мерки.

- Ние имаме контакти со грчката полиција, за жал не секогаш на соодветно ниво. Имено, претходниот период се обидувавме во голем број наврати да оствариме соодветен контакт, да направиме соодветна координација во однос на обезбедување на државната граница и мерките кои треба би требале да ги преземаат полициските службеници од грчка страна, но за жал немаше соодветен одговор, додаде Котевски. 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев се сретна со претставници на дијаспората од Македонија во Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска, САД.

На средбата е изразена поддршка на владините политики за членство на Македонија во НАТО и во Европската Унија.

На состанокот се разговараше за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за важноста на претстојниот референдум и за потребата од проактивна улога на сите граѓани, вклучително и на дијаспората со цел успешен референдум, што ги отвора перспективите на Македонија и можностите за квалитетен живот на сите граѓани.

Претседателот на Владата, Заев рече дека НАТО и ЕУ за Република Македонија значат економија, стабилност и безбедност и изрази очекување за успешен референдум.

- Мнозинството граѓани на Македонија веќе се изјаснија за промени, за перспективи наместо изолација, за благосостојба наместо сиромаштија, за реформи и демократија што водат кон квалитетен живот и безбедна иднина на државата и на сегашните и идните генерации. И убеден сум дека на референдумот ќе биде потврдена одлуката за евро-атлантска иднина на Македонија, што ќе донесе и европски живот во Македонија и стабилност и безбедност, рече премиерот Заев.

- Ве повикувам, како што си ја сакате државата, да излезете на претстојниот референдум и со тоа и вие како дијаспора, да дадете значаен придонес во овој историски момент за напредок на Македонија, додаде премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев и претставниците на дијаспората зборуваа за придобивките од реформските процеси во државата, од воспоставувањето добри односи со соседите и од евро-атлантските интеграции.

- Вистински патриот е оној кој ќе ја обезбеди иднината на државата. Тоа е придобивка за нашите деца, за сегашните генерации и остварување на вековниот стремеж на нашите предци за потврда на идентитетот на граѓаните Македонци, на македонскиот јазик и поставување на Македонија како држава, еднаш засекогаш, во светското семејство на држави, рече премерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, им се заблагодари на претставниците на дијаспората за желбата да го помогнат остварувањето на стратешките цели на државава, членство во НАТО и ЕУ, а со тоа и за економски просперитет на Македонија.

На средбата се поздравени искрените политики на Владата кон дијаспората, што овозможуваат услови за инвестирање во родната земја. Претставниците од дијаспората се интересираа за можностите за инвестирање и за областите во коишто се потребни инвестиции.

Средбата помина во пријателска атмосфера и со договор за поинтензивни контакти помеѓу Владaта, општесвотo и дијаспората од Република Македонија.

По потпишувањето на Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство помеѓу министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, како и после поканата на Македонија за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО, и после определениот датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, распишан е референдум во Република Македонија, со цел граѓаните да одлучат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција. 

Имајќи предвид дека членството на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО е стратешка определба на државата, а со решавање на долгогодишниот спор со соседна Република Грција пречките за натамошна интеграција се отстранети, Владата на Република Македонија носи одлука да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес - кампања за референдумот. 

Кампањата за референдумот ќе се спроведе со цел споделување информации од јавен интерес за граѓаните/гласачите во Република Македонија, околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во  НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон Алијансата и кон Унијата.

Во планирањето и спроведувањето на информативната кампања за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно следните стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста:

● Релевантност - согласно владините надлежности, приоритетни политики и одговорности: Конкретните информации кои се споделуваат треба да бидат од директна и суштинска надлежност на Владата и согласно Стратешките приоритети на Владата. Соодветно и неопходно е Владата да има можност да ги објаснува и образложува сопствените политики и одлуки и кога е неопходно, да ја информира, да и укажува, сугерира или предупредува јавноста.

● Објективно и информативно комуницирање: Комуникацијата треба да биде објективна и објаснувачка, и да не биде пристрасна или полемична. Комуникацијата во никој случај не смее да содржи неточни информации, говор на омраза или лични дискредитации. Владините информации или активности поврзани со публицитет треба секогаш да бидат насочени кон информирање на јавноста, дури и кога тоа исто така има задача да влијае на однесувањето на поединци или на одредени групи (на пример: пораки поврзани со стратешките интереси на Република Македонија или пораки поврзани со здравјето и безбедноста на граѓаните).

● Непартиски комуникации: Несоодветно е да се оправдуваат или бранат политики со користење пораки кои се типични за политичките партии, да се користат партиски слогани, да се промовираат партиски активности, или директно да се напаѓаат политики и мислења на опозициски партии и групации (иако можеби некогаш ќе биде неопходно да се одговори на истите на конкретен и коректен начин). Имајќи го предвид политичкиот повеќепартиски систем во Република Македонија, можно е определена добро воспоставена јавна кампања да создаде политички кредит или штета за партиите од власта или од опозицијата, но ова не смее да биде ниту директна ниту индиректна цел на владините информации или јавни активности кои се платени со јавни пари.

● Пропорционалност и рационалност - Соодветно искористување на ресурси кое ќе гарантира дека трошокот на јавните ресурси (финансиски, материјални, човечки) е ефективен за информирање или влијаење врз однесувањето на граѓаните, кое е од јавен интерес: Каналите низ кои се споделуваат информациите со јавноста треба да бидат организирани на економичен и соодветен начин, а за трошењетo на јавните пари треба да се известува. Владата е отчетна кон граѓаните и  Парламентот за тоа на кој начин ги користи државните службеници или други јавни ресурси или расходи. Информативните кампањи од јавен интерес на Владата треба да се натпреваруваат за внимание од јавноста со други активности на публицитет односно со другите кампањи во општеството. За да бидат ефективни, тие треба да бидат презентирани на професионален начин т.е. на начин со кој јавноста добива јасна порака. Притоа, недозволива е лоша презентација што може да предизвика  неефикасно трошење на јавни средства, без да се постигнат очекуваните резултати. Би било контрапродуктивно ако степенот на трошење на средствата за јавна кампања го попречи комуницирањето на пораките кои што треба да се пренесе. Неопходно е и ќе биде реализирано прецизно планирање на целите, мерките и системот за евалуација - на секоја комуникација која вклучува трошоци на ресурси со цел да се осигура ефективност и резултати во реализација.

Во процесот на спроведување на информативната кампања за референдумот, владините службеници за комуникации и односи со јавност, како и за секоја друга официјална владина комуникација, ќе работат согласно стандардите и кодексот на однесување во рамки на Закон за административни службеници и Етички кодекс на административните службеници, како и согласно универзалните принципи на: интегритет, чесност, објективност и непристрасност. 
 

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади - пилот фаза за 2018 година.

Во досегашниот период на имплементација на младинската гаранција во 3 општини, почнувајќи од Март, 2018, остварени се следните резултати: Вкупен број на вклучени млади: 1.770, од нив 855 женски и 915 машки.

Од нив веќе се вработени 518, а останатите се вклучени во други мерки како практиканство, обука на работно место, обуки за побарувани занимања на пазарот на труд, обуки за напредни ИТ вештини.

Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започна со имплементирање на програмата „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе; Во земјите членки на ЕУ оваа програма успешно се имплементира од 2012 година. Партнер во имплементацијата е Националниот младински совет.

Министрите на седницата ги прифатија предлог-измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2018-та година. Со овие измени, по 2 денари субвенција за килограм, ќе добијат регистрираните откупувачи и трговците кои до 15 септември годинава ќе откупат индустриски сливи за најмалку пет денари или свежи сливи по минимум осум денари.
 
Владата исто така, ги разгледа и ги прифати извештајот за преземени мерки и активности за 2017-та година, како и оперативниот план за 2018-та година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година.
 
Владата го задолжи Национално Координативно тело за следење и евалуација на имплементацијата на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година, да обезбедува механизми за координација на регулирањето и практикувањето на политиките кои што директно или индиректно ги засегаат старите лица, со цел поедноставување на акциите и мерките во одделни сектори и на одделни нивоа.
 
На денешната 83-та седница Владата донесе одлука за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Канцеларијата на Претседателот на Владата, Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Министерството за економија се задолжени да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач. 

Исто така, Владата им укажа на Регулаторната комисија за енергетика и на МАНУ, да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката во рок од 3 дена од денот на донесување на одлуката.

Согласно денешната одлука, Комисијата е должна во рок од 14 дена, до Владата на Република Македонија на усвојување да го достави јавниот повик и тендерската документација.

Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување.
 
На предлог на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Владата на седницата донесе одлука да го разреши Лазо Велковски од позицијата директор на Бирото за јавна безбедност.

Како материјал за информирање, министрите го разгледаа извештајот на независниот ревизор за извршена ревизија на работењето на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за периодот од 1 јануари до 31 декември 2017-та година. Според извештајот на независниот ревизор, финансиските извештаи, во сите материјални аспекти, реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.
 
На редовната 83-та седница Владата на Република Македонија донесе и одлука да спроведе кампања од јавен интерес за референдумот

Исто така, Владата ги задолжи сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од 3 дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.

 

 

„Според последните податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика, зголемувањето на бројот на туристи продолжува во континуитет, па наместо до 2020, како што прогнозиравме, ние сме на прагот предвреме да ја оствариме зацртаната цел - годинава да оствариме 1 милион туристи, со 3 милиони ноќевања“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Имено, според последните статистички податоци само во јуни 2018 година, во однос на јуни 2017 година, забележано е зголемување за 20.7%, а кај бројот на ноќевања за 23.4%. Притоа, бројот на домашните туристи во јуни годинава, во однос на јуни лани, е зголемен за 15.9%, а на странските туристи е зголемен за 22.4%. 

„Изразено во апсолутни бројки, само во јуни 2018 година во земјава престојувале 102.327 туристи, кои оствариле 243.175 ноќевања, а заклучно со јуни влегле вкупно 433.361 турист, односно имаме вкупно 923.855 остварени ноќевања“, истакна Бектеши.

Во периодот јануари - јуни 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16.4%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 9.3%, а кај странските зголемување за 19.8%. 
Според министерот за економија, учеството на туризмот во БДП се очекува да биде околу 3%, со оглед на тоа што проекцијата до 2020 е тоа да биде 4%, а овој континуиран раст на бројот на туристи автоматски ќе значи и поголем девизен прилив. 

„Ова е знак дека се движиме во вистинска насока, а политиките се одлично поставени. Влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи и отстранување на последната бариера што често пати е споменувана од странските туристи кои ја заобиколувале нашата земја, а тоа е прашањето околу поголема сигурност и безбедност. Но, тоа ќе значи и засилени инвестиции во туристичката инфраструктура, што секако ќе придонесе за развој на туристичкиот сектор“, потенцираше Бектеши, додавајќи дека земјите од регионот кои се дел од НАТО или ЕУ семејствата веќе го почувствуваа значењето од членството во насока на засилен економски развој, вклучувајќи и развој на туристичкиот сектор.  

На денешната владина седница меѓу другите точки, на дневен ред се предлог-измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2018-та година.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, министрите на седницата ќе дебатираат за предлог-програмата за изменување на програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018-та година, како и за извештајот за преземени мерки и активности за 2017-та година и оперативниот план за 2018-та  година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година.

Како материјал за информирање, министрите ќе разгледаат неколку извештаи. Меѓу нив се извештајот на независниот ревизор за извршена ревизија на работењето на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за периодот од 1 јануари до 31 декември 2017-та година, како и извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади (пилот фаза 2018 година).

На дневен ред на 83-тата Владина седница е и информацијата за имплементација на ИПА II Акциската програма 2014-та, „Поддршка на Секторот Правда”.

Вчера во градскиот парк во Скопје, Агенцијата за млади и спорт (АМС) го одбележа Меѓународниот ден на младите.

На панел дискусијата, по овој повод, свое обраќање имаа директорот на АМС, Дарко Каевски, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, Сефер Селеми, основач на здружението за унапредување на демократијата „Демокраси лаб“, Нина Ангелковска, ко-основач и извршен директор на Групер и Нарин Сахакјан, заменик претставник на програмата за развој на Обединетите Нации.

Директорот Каевски, честитајќи го Меѓународниот ден на младите, во своето излагање рече дека младите луѓе во земјава се наоѓаат во ситуација во која треба да бираат дали ќе продолжат напред кон перспективи и предизвици, кои ќе треба да ги искористат, или, како што рече тој,  враќање неколку чекори назад во бесперспективност, безидејност, затвореност, нешто што ќе не изолира од младите ширум цела Европа.

 

 

„Само интергирана Македонија, Македонија, рамо до рамо со европските држави, може да ни донесе вистински просперитет. Затоа што ние со младите од Европа делиме еднакви интереси но сепак можностите не ни се идентични. Да ги донесеме тие можности тука, за ни еден наш комшија, пријател, роднина, не си ја гледа иднината надвор од својата земја, туку напротив, тука во интегрирана Македонија во НАТО, и членка на Европската Унија“, рече Каевски.

Министерката Радмила Шеќеринска, во своето обраќање се осврна на прашањата за предизвиците и обврските на Владата на Република Македонија во отворањето подобри шанси за младите.

 

 

„И во Владата разговараме како да им отвориме повеќе шанси на младите, и тука се гледа можноста која ни ја дава ЕУ и НАТО. Тоа е вратата која ќе им се отвори и на помладите од мене, а од нас зависи дали ќе останеме на приземје или ќе се искачиме на стотиот спрат.“, „НАТО ќе ни ја даде сигурноста и стабилноста, и ресурсите за да можеме да се подобруваме дома, но и за да обезбедиме иднина за младите тука“ рече вицепремиерката Шеќеринска, и додаде дека отворањето на шанси е дел од описот на работата на Владата на Република Македонија.

Нина Ангелковска, извршната директорка на Групер, во своето обраќање пред присутите порача дека никој нема да не однесе таму каде што сакаме да одиме, освен ние самите.

„Да останете дома, да работите дома, да придонесувате дома, а сепак да сте препознаени од светот е стварно многу голема гордост “, рече Ангелковска.

Заменик претставникот на програмата на Обединетите Нации, Нарин Сахакјан, во своето обраќање на вчерашнот настан рече дека Обединетите Нации го слават овој ден на младите ширум светот, со цел да ги сослуша младите и заедно со нив да гради подобра иднина, за како што рече таа, со тоа да им се помогне на младите да ги надминат многубројните предизвици со кои се соочени.

„Во остварувањето на оваа глобална задача на Обединетите Нации, ние тесно соработуваме со Владата во насока на решавање на најитните потреби на младите луѓе во земјава. Меѓу другите проблеми беше истакната и невработеноста на младите која остава последици врз општеството во целина. Ова е една од причините зошто вложивме многу стручни ресурси заедно со Владата, во осмислувањето и реализацијата на национална програма за самовработување, преку финансиска помош и обуки за старт-ап бизниси, со цел невработените да отворат свој бизнис“, рече претставничката на ОН, Сахакјан.

Основачот на здружението за унапредување на демократијата „Демокраси лаб, Сефер Селеми, во своето излагање се осврна на перспективите и можностите на Младите во Македонија, за што рече дека тесно се поврзува со интергациите на Македонија во Европската Унија.

„Што значи европската перспектива за младите? Тоа е надеж, цел патоказ. Тоа е местото каде треба да одиме, и затоа е исклучително важно, таа перспектива не само да ја имаме, но сите активно и безусловно да се ангажираме да ја обезбедиме таа европска Македонија. Европа е Македонија на мојата генерација, но и на генерациите кои ќе идат после нас“, рече Селеми.

Во склоп на панел дискусијата, по повод Меѓународниот ден на младите, присутните граѓани имаа можност да поставуваат прашања до панелистите, и преку отворена дебата да добијат одговори за конкретните чекори и мерки кои Владата, бизнис секторот и граѓанските организации ги превземаат за запирање на одливот на млади луѓе од Македонија и нивно ангажирање и реализација во Република Македонија.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на младите беше проследен со музички перформанс.