Груевски: Заев на директни средби ме уценуваше со материјал добиен од странска разузнавачка служба

Претседателот на СДСМ Зоран Заев на четирите средби што ги имал со премиерот Никола Груевски, од кои првата по негова иницијатива, а останатите поврзани со првата, во периодот помеѓу септември и ноември 2014 година, побарал итно формирање техничка влада и притоа го информирал претседателот на Владата на Република Македонија дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од цел државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, Парламентот, Владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и опозицијата.

За ова информираше во денешното обраќање до граѓаните премиерот Никола Груевски во врска со полициската акција „Пуч“ во која за четири осомничени лица, меѓу кои и лидерот на СДСМ, се поднесени кривични пријави за за „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.

- Го прашав дали е сигурен во тоа што го говори и дека е тоа странска разузнавачка служба, добив потврдни одговори. Тој раскажа неколку телефонски разговори за кои констатиравме дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни. Сепак, фактот дека дел од нив беа точни укажуваше на сериозноста на ситуацијата, појасни претседателот на Владата.

Во наредните денови и недели, рече Груевски, тој почна јавно да говори дека поседува таков материјал, што ја засили заканата за нас и кон нас, дека ако не прифатиме формирање на техничка влада ќе го објави материјалот.