Болничките амбуланти во Битола реновирани за пет дена

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Клиничка болница-Битола ги претстави целосно реновинираните и реконструирани болнички амбуланти, кои пред пет дена или на почетокот од неговиот мониторинг на таа јавна здравствена установа ги затекна во лоша инфраструктурна состојба.
 
Брзата интервенција во еден од најфреквентните делови на битолската болница беше логистички помогната од локалната самоуправа за што министерот Тодоров јавно се заблагодари на градоначалникот Владимир Талески.

- Успеавме за еден многу краток период комплетно да го реновираме ходникот и внатрешноста на амбулантите во Клиничка болница-Битола и исто така успеавме да ја дислоцираме амбулантата од гинеколошкото одделение која спротивно на прописите досега беше сместена во болничкиот оддел, истакна министерот Тодоров.
 
Во рамки на целосната реконструкција на болничките амбуланти извршено е и поставување нова опрема, столици, болнички столици и електронски стол за гинеколошката амбуланта.

- По завршувањето на оваа посета јавната здравствена установа ќе биде ставена во т.н „близок мониторинг“ со што го следиме извршувањето на нашите препораки. Во делот на хируршките интервенции каде имаше долга листа на чекање ја задолживме Клиничка болница-Битола во наредните три месеци да доставува неделен оперативен план за планирани хируршки интервенции и извештај за реализација на планот, а тоа ќе биде така се додека листата на чекање за оперативен зафат целосно не биде намалена, посочи Тодоров.
 
На денешната средба со новинарите во Клиничка болница - Битола министерот Тодоров најави дека наскоро во таа здравствена установа ќе биде пуштена во употреба новата софистицирана опрема со која ќе работат лица кои под менторство на д-р Миодраг Врчаковски ќе бидат обучувани за користење на магнетна резонанца на Клиниката за радиологија во Скопје, а по завршувањето на обуката користењето на опремата ќе го вршат кадрите на битолската болница, беше соопштено на денешната прес конференција во овој град.