Ивановски: Шеесет проценти од населението во Македонија користи Интернет

На 60 проценти од домаќинствата во Република Македонија им е достапен широкопојасен Интернет, додека исто толку од населението на земјата користи Интернет. Тоа се податоци што пред учесниците на Меѓународната регулаторна конференција што се одржува во Охрид во воведната сесија ги посочи министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Ивановски потсети дека Република Македонија активно учествува во работата на „Броадбенд“ комисијата формирана од Обединетите нации и веќе ги има исполнето целите зададени за периодот до 2015 година, што предвидуваа 40 отсто достапност на Интернет и 50 проценти од населението да користи Интернет.

- Според последниот  извештај  од  Државниот завод за статистика, оваа цел е реализирана високо над очекуваната бројка: околу 60 проценти од домаќинствата во Република Македонија имаат пристап до широкопојасен интернет, а воедно 60 проценти од граѓаните го користеле интернетот, рече Ивановски.

Тој додаде дека Владата на Република Македонија продолжува да ја имплементира Програмата за развој на информатичкото општество, следејќи ги новите трендови.  Утврдени се неколку цели за реализација, меѓу кои 80-процентна покриеност на населението со широкопојасен Интернет, зголемување на бројот на домаќинства кои користат Интернет, онлајн продажбата на производи од страна на мали и средни претпријатија да достигне бројка од 33 проценти,  намалување на цените на роаминг-услугите, како и зголемување на бројот на електронски јавни услуги.

Министерот Ивановски се осврна на важноста на  информациско-комуникацискиот технолошки развој, кој е директно зависен од распространетоста на широкопојасниот интернет. Тој ги презентираше и податоците на Светската банка и на Европската банка за реконструкција и развој, според кои секои десет проценти на пенетрација на широкопојасниот Интернет соодветствува на 1 до 1,5 проценти од економски раст на бруто-домашниот производ во државата, додека двојното зголемување на брзината на броадбендот обезбедува раст од 0,3 проценти на БДП во државата.

На конференцијата што денеска и утре се одржува во Охрид учествуваат претставници од регулаторните тела од областа на телекомуникациите од Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Финска, Турција, Хрватска, Романија, Кипар, Молдавија, Кралството Белгија, Албанија, Косово и останати држави од регионот и од Европа, како и на Меѓународната унија за телекомуникации и на Бордот на директори на Европското тело на регулатори за електронски комуникации.

- Иднината, модерните технологии, новите трендови во телекомуникациите како област што најбрзо се развива, како и регионалната соработка се главните теми на расправа на овој собир, истакна директорот на АЕК Роберт Ордановски.