Заштита и унапредување на животната средина и природата

Република Македонија, со своите природни карактеристики и ресурси, нуди можности за квалитетен живот на граѓаните. Содржи богата гео-морфолошка и биолошка разновидност, доволно вода за пиење, прекрасни езера и речни сливови. Ова е значаен потенцијал за денешните и идни генерации. Но, за жал, желбата за брз профит, непочитувањето на законодавството, непостоењето соодветен институционален и кадровски капацитет доведе до енормно загадување на воздухот, почвата и водата и нарушување на природните живеалишта. Поразувачки е фактот што Република Македонија во 21. век има проблеми на животната средина, карактеристични за земјите од третиот свет. Владата ќе обезбедува подобар квалитет на медиумите во животната средина и заштита на природните ресурси преку некорумпирани и капацитетни институции, засилени, опремени и професионални инспекциски служби, поддршка на приватниот сектор за постигнување на поставените стандарди во заштитата на животната средина, царински олеснување при увоз на нова технолошка опрема или инсталација на сис- теми за пречистување на отпадните гасови или отпадните води, обезбедување финансиски средства преку буџетот, ИПА помошта на ЕУ и „меките“ кредити на ЕБРД, ЕИБ и Светска банка за стимулирање јавно-приватни партнерства како и целосна транспарентност и широки консултации во областа.

Мониторингот на квалитетот и емисиите во воздухот, водите и почвата ќе биде постојан и достапен на јавноста, науката и граѓанскиот сектор. Ќе се воспостават наменски здравствено-еколошки индикатори за процена на ризиците по здравјето на децата од загадениот воздух.

Владата ќе ја ревидира одлуката за увоз на стари возила со цел да обезбеди пониско ниво на емисии во воздухот од сообраќајот. Во сообраќајот ќе промовираме употреба на гасни горива од типот природен гас и пропан-бутан и ќе го стимулираме јавниот и организираниот превоз во градските средини и во поголемите компании.

Владата ќе формира Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животнa средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите).

Владата ќе ја поддржи изградбата на регионални центри за управување со отпадот, кои најсоодветно ќе се справуваат со комуналниот, индустрискиот, медицинскиот и отпадот од животинско потекло. За да обезбедиме соодветно и економски ефикасно работење на идните регионални центри за управување со отпадот, ќе обезбедиме законска основа за јавно-приватно партнерство во управувањето со отпадот, искористување на употребливите фракции и изработка на секундарни производи, горива и енергија. Ова подразбира и решавање на проблемот со нерегуларните и дивите депонии, кои се еден од најголемите извори на загадувачки материи.

Владата ќе финансира изработка на приоритетна листа за решавање на историските индустриски загадувања и ревитализација на деградираните простори.

Приоритет ќе биде изградбата на пречистителни станици за третман на отпадните води во сите населени места со над 10.000 жители.

Владата ќе поддржи програми за зголемување на зелените површини во градовите, но со наши, автохтони видови, одгледувани во наши расадници – нема да увезуваме надворешни видови растенија коишто се скапи и не можат да се приспособат на нашите климатски услови.

Македонија е богата со обновливи извори на енергија, но сè уште ги користи многу ограничено. На пример, искористувањето на сончевата енергија во Република Македонија е на најниско ниво во споредба со европските држави. Ќе го олесниме и ќе го засилиме субвенционирањето на обновливите извори на постапките за енергетски проекти базирани на обновлива енергија. Преку специјално дизајнирани програми, наменети пред сè за руралните подрачја, ќе ги поттикнуваме граѓаните да ги користат оние обновливи извори на енергија што претставуваат отпад од производните процеси. Потенцијалот за енергетската ефикасност во Македонија е поголем од вкупниот недостиг на енергија што се покрива со увоз. Тој потенцијал е поголем и од капацитетот на сите мали хидроцентрали што треба да се изградат и да работат со повластени (фидинг) тарифи.

За искористување на тој потенцијал ќе преземеме повеќе мерки и проекти, опишани во поглавјето Енергетика. Согласно Протоколот од Кјото, ќе ја пресметуваме и стимулираме намалената емисија на CO2 и, од добиените заштеди во КТе, како карбон кредити ќе обезбедиме финансиски средства за енергетска ефикасност. Ќе го поддржиме создавањето на ЕСКО компании како испробан и верификуван модел за реализација на проектите за енергетска ефикасност во земјите на Европската унија.

Владата ќе се залага за здраво, хумано и праведно општество и ненасилен однос кон животните. Следејќи ги европските тенденции и јасно дефинирани стратегии, прифатени од Советот на Европа и Светската здравствена организација (WHO) ќе востановиме и спроведеме хумани програми за решавање на проблематиката со животните, при што целосно ќе ги вклучиме сите македонски здруженија за заштита на животните целејќи истите да придонесат со своите знаења, искуства и останати капацитети кои ги ставаат на располагање.

Заштита од природни катастрофи

Според анализите на Светска банка, Република Македонија сè повеќе ќе биде загрозена од природни непогоди, како резултат на климатските промени. Од тие причини, нашите институции мора да бидат подготвени да се справуваат со овие предизвици и да ја минимизираат штетата по животот, здравјето и имотот на граѓаните. Поплавите во последните две години ги покажаа сите системски слабости на институциите, особено во делот на превенција и доведоа до големи жртви, задоцнета и недоволна помош и голема дискриминација.

Владата ќе го преиспита функционирањето на овие институции, прецизно ќе ги дефинира надлежностите на секоја од нив и ќе обезбеди функционален систем за заштита на животот и имотот на граѓаните. Сите институции во системот за заштита и спасување од природни катастрофи ќе бидат екипирани со соодветен стручен кадар кој постојано ќе биде обучуван. Нивната соработка ќе се подигне на значително повисоко ниво. Ќе се набави современа опрема и ќе се додели на сите надлежни институции, а постоечката ќе се одржува во добра кондиција.

Владата ќе воведе интегриран систем на управување со водите преку формирање на Агенција за води. Сите податоци за водните ресурси собрани од надлежните институции ќе бидат интегрирани на едно место и сите активности ќе се координираат користејќи единствен систем за управување и делување. Користејќи ги сите расположливи податоци од институциите, од општините, но и сите достапни ресурси кои ЕУ ги става на располагање, веднаш ќе почнеме со изготвување на реален оперативен план за заштита од поплави за загрозените подрачја, а ќе ги преиспитаме плановите за заштита на секоја општина и градот Скопје. Континуирано ќе се спроведуваат обуки и информирање на населението за ризиците од поплава и како да се однесуваат во случај на поплава и други непогоди.

Владата ќе изработи „Катастар на загрозени подрачја од природни непогоди во Македонија со степен на ризик“ кој ќе влезе во сите плански и секторски документи, при што ќе се дефинират црвени зони (не смее да се гради), жолти зони (може да се гради но само со заштитни мерки) и зелени зони (слободни за градба). Ќе се зајакне експертската контрола во изготвување и спроведувањето на делот на заштита и спасување во просторните и урбанистички планови.

Владата ќе ја вклучи експертската јавност во креирање на мерки за борба против ерозија и уредување на порои, пошумување на околните планини каде со уништување на шумите се допринело за ерозија на земјиштето. Ќе се преиспита издржливоста на градби објекти во ранливи региони и ќе се предвидат мерки за санирање и одржување на браните. Очигледниот криминал со нелегалната сеча на шумите ќе се сузбива со преминување на секторот за шумска полиција од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во надлежност на Министерство за внатрешни работи.

Владата ќе иницира дебата околу забрана за изградба на објекти во коритата на реките и ќе го санираме коритото на Вардар чија пропустна моќ е дополнително намалена со градбите од „Скопје 2014“. Ширината на крајбрежниот појас ќе се дефинира согласно европските стандарди.

Владата ќе развива современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување во случај на ризик од невреме, за населението да биде навремено информирано и подготвено да се справи со предизвиците. Ќе се воспостави единствен систем за известување и тревожење и единствен комуникациско-информациски систем со реализација на повикувачкиот број за кризни ситуации - Е-112.

Владата ќе ги искористи можностите на „Европа Ре„ формирана како компанија за реосигурување преку јавно-приватно партнерство со неколку држави во регионот. Во случај на природни катастрофи, македонскиот буџет ќе биде сигурен, а сите штети ќе бидат покриени преку системот на реосигурување. Со користење на иновативни технологии, системот гарантира покривање на сите штети согласно швајцарски стандарди за квалитет, без субјективност, политички влијанија и можности за корупција.

За повеќе информации Ве молиме преземете ја целосната програма на Владата на Република Македонија