Обраќање на премиерот Никола Груевски на одбележувањето на Денот на Републиката

Почитувани граѓани, 

Денес сме собрани тука на ова место пред споменикот на Методија Андонов Ченто на централниот градски плоштад, плоштадот Македонија, во главниот град на слободна, независна и суверена Република Македонија, да го одбележиме националниот празник 2 август, на ден Св.Илија, кој има повеќекратно значење за Македонија, за македонците но и за сите граѓани на Република Македонија.

Денес е голем празник за големите дела и настани од нашата историја !

Денес е голем празник за големите луѓе од нашата историја !

Денес одбележуваме 71 годинa од АСНОМ и 112 години од Илинденското востание. Денес е ден кога Македонија се сеќава, денес Македонија одбележува, денес Македонија ги слави хероите, делата и вредностите!

Илинденците од 1903тата и антифашистите-народноослободителни борци се нашиот паметник.

Тие се темелот на нашата денешна држава и слобода. Многу им должиме на нив, на нивнта лична жртва.

Пред малку положивме свежо цвеќе пред споменикот на президиумот на АСНОМ, и на претседателот на Крушевската Република Никола Карев. Со почит поминавме покрај споменкот на основачите на МРО-организацијата во чија организација беше спроведено  илинденското востание на поголем дел од територијата на Македонија, на 2ри август  во 1903тата, како и покрај споменикот на Питу Гули, човекот кој свесно одлучи да го положи животот на Мечкин Камен за да го симболизира македонскиот отпор и непокор, поминавме и покрај паметникот на Кузман Јосифовски Питу, еден од клучните идеолози во НОБ. Тука се и паметниците на Гоце Делчев, Даме Груев, и многумина други великани на нашата историја. На влезот на главниот град е паметникот на Михајло Апостолски, командантот на партизанските сили, и според многумина најавторитетната личност меѓу борците во Македонија во тоа време на големи борби и жртви. Македонија не ги заборава. Македонија ги слави нивните дела, нивната храброст и нивната жртва. Сите генерации кои доаѓаа по нивната смрт, паметат и почитуваат, нивниот напор и стремеж кон највисоките цели.

Секоја генерација има свој стремеж кон највисоките цели. Во различно време, различни се целите и највисоките цели. Во времето на нашите Илинденци и асномци стремежот кон највисоката цел беше слободата и државноста која денес  ја имаме. Тие беа темелите на остварувањето на таа цел, која генерации и генерации подоцна ја надоградуваа, и во иднина ќе ја надоградуваат.

Денешниот празник....денешните чествувања, сите одбележувања по повод Илинден, во Крушево, во Пелинце, тука во Скопје, во секое село и град во Македонија, во дијаспората, секаде каде што има луѓе кои си ја сакаат оваа земја како татковина,....сите тие прослави  јасно говорат  дека ништо не е заборавено.

...И Ченто и Кузман и Гоце Делчев и Даме Груев и Апсотолски и Брашнаров, Татарчев и Павел Шатев, Христо Узунов и Чакаларов, и сите други знајни и нејзнајни јунаци можат да бидат мирни во своите вечни почивалишта.

Нивното дело и нивната жртва вредеше, целите се остварија. Генерациите паметат и се заблагодаруваат на нивната жртва. Нашата генерација памети ! Нашата генерација добро знае кој и зошто гинел за Македонија ! ...Кој и што направил за слободата која денес ја живееме....Секоја манифестација, секоја песна, секое наздравување денес е во име на нашите предци кои кога било потребно се запишале во историјата и со име и со дело и со чест, и со лична жртва!

Нека им е слава и чест на нашите херои! На целата илинденска генерација и на целата антифашистичка генерација !        

Нивното дело за навек ја задолжи Македонија и сите идни генерации ! ..Да се сеќаваме, да прославуваме, да одбележуваме и да земеме пример како се сака Македонија и како се работи за својот народ ! И како се бори за остварувањето на највисоките цели!

Почитувани,

Методија Андонов-Ченто- првиот Претседател на Македонија пред чиј споменик денес се наоѓаме, истакнал:

Мака ми е што нема да напишам некои работи, коишто историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да се знае кој и зошто гинел и кој и што направил за неговата слобода...

Сигурно е ако Ченто имаше можност да напише што се знае за таа борба, ќе дозневме за многу детали кои денес можеби не ги знаеме, но тоа што тој го направи, колку и во некои децении да се ставаше под тепих, денес сите го слават. Тој беше спречен да продолжи да ја шири идејата за независна Македонија, но семето кое го распрснуваше беше фатило корен, и идејата продолжи да се шири, до нејзината реализација. Неговиот грев беше дека сакаше ние да имаме независна држава. Денес, неговата идеја и неговата борба се слави, како што се слави борбата на генерациите борци и идеолози од двата Илиндена.

Тоа е и нашата прослава денес на ова место, кое се наоѓа наспроти музејот на македонската револуционерна борба. Едно од симболичните гестови на одбележувањето од  оваа генерација, се градењето на спомениците на великаните на македонската историја, музеите, имињата на улиците, булеварите, плоштадите,населбите и мостовите, со нивните имиња, книгите и монографиите за нив, документарните филмови за нивните дела и страдања, ликовните дела и други симболични чекори и гестови со кои се залагодаруваме на нашите предци кои се жртвуваа за својот народ. Но тоа се симболичните гестови.

Најважните чекори во правец на продолжување на нивните дела, е зацврстувањето и напредокот на државата, обезбедувањето на мирот и безбедноста на земјата и  на народот, подобрувањето на животот на народот во секој поглед, развојот на демократјата и човековите права, развојот на образованието, на економијата, на владеењето на правото, обезбедувањето на стабилност на државата и нејзин континуиран напредок во секој поглед.Трката во напредокот со другите држави и народи. Чекорењето на пататот кон ЕУ и НАТО, донесувањето на компании со највисоки технологии и пренос на знаењето на нашите луѓе кои работат и управуваат во нив, отворањето на нови работни места, битката за повисоки стандарди на секое поле и во секој сектор, спроведувањето на континуирани реформи, и реализацијата на илјадници проекти,  решавањето на крупните проблеми кои го оптоваруваат народот или државата, справувањето со најголемите предизвици и кризи, давањето многу нови можности за новите генерации, тоа е нашата борба и нашиот стремеж кон највисоките цели. Посилна држава, посреќен и помоќен народ во неа.Во слободна и независна Македонија, каде ние политичарите отчетот го даваме пред народот, а тој избира кому ќе му ја довери довербата да ја води државата, и во кој правец.

Но да не заборавиме, Делата на генерациите зад нас ни го трасираа патот и ни овозможија денес да се натпреваруваме на полето на напредокот.

Една од пораките која во аманет ни ја оставија е дека треба постојано да се стремиме кон напредок, и само кон напредок.

“Да ја бараме вербата за успех во себе и во другите, ако ја има да ја разбудиме, ако ја нема да ја создадеме” рече Гоце Делчев.

 Од тој стремеж за постојан напредок ние никогаш нема  да се откажеме.  Тоа е нашата движечка сила Една од причините поради која овој ден останал запаметен повеќе од еден век не е случајна. Има причина зошто нашата нација веќе 112 години се навраќа на делата на своите предци. Восхитот кој го чувствуваме за нивните остварувања и за остварувањата на нивните следбеници од народноослободителната војна постои со причина. Неисцрпната сила на овие луѓе служи како поттик и охрабрување за сите следни генерации и за нас како нивни наследници. Тоа е постојаниот стремеж за напредок!

Големо е делото кое треба да го надградуваме, но подеднакво голема е и честа да се работи за Македонија! Должноста на нашата генерација е да ја оставиме државата на нашите деца посилна, поразвиена, подостоинствена и постабилна отколку што сме ја наследиле од нашите татковци.

Можеби на моменти е тешко, но „ништо што некогаш било вредно да се достигне не било лесно“. Празниците како што е Илинден, нашите предци и минатото кое го славиме, не научија дека нема цел која неможе да биде постигната.

Ние знаеме што сакаме и каде одиме ! Во секоја од областите во која работиме, нашите цели се поставени доста високо !

Стремејќи се кон највисоките цели, ...за да биде подобро, за да биде поубаво, за народот да живее побогато, да има поголем стандард, да има работа, да има фабрики, да има иновации, да има нови патишта,  да напредуваме во образованието, во здравството, во земјоделието, културата, спортот, туризмот...Во секоја област работиме со неисцрпна енергија, со голем ентузијазам, со голема верба во себе и со неизмерна љубов за својата земја и за својот народ. Ние мора да останеме фокусирани на реалниот живот, на реалните проекти кои носат корист за нашиот народ, и го подобруваат животот за семејствата, за граѓаните, за земјоделците, за работниците, за учениците, студентите, за бизнис заедницата..

Земаме пример од најдобрите во светот. Се трудиме да ја придвижиме Македонија кон најуспешните во светот. Без разлика за кое поле се работи, ние не се плашиме да се натпреваруваме. Нашите погледи се насочени напред кон најуспешните во секое поле. Таквите амбиции водат кон високи цели....високите цели водат кон предизвици ....предизвиците бараат многу работа, пропратена и со многу препреки и проблеми, но таквата работа секогаш води кон успех.

Успехот понекогаш може да биде оспорен, но тоа е краток миг, тоа е капка во море, тоа не може да трае, секогаш успехот се валоризира, и секогаш тој останува видлив. Го спореа и успехот на илинденците,  го спорат и нашиот успех, успехот на нашата генерација, но тој не може да се скрие, нашите дела се видливи, нашите дела, нашите реформи, проекти, политики, новите фабрики и нови работни места кои носат не само нови технологии, туку и нови перспективи особено за младите генерации, успесите во развојот на администрацијата, судските реформи, реформите и напредокот во здравството, новите можности во образованието, подршката на иновациите и на  претприемништвото и бизнисот, подршката и напредокот на земјоделието, помагањето на пензионерите, развојот на туризмот,   градбата на патиштата и автопатиштата, стадионите, аеродромите, салите, школите, болниците, паметниците, автобусите, тракторите, се за целиот овој народ.

Успехот на нашата генерација е успех на нашата генерација. На секој еден од нас, и особено на оние кои го подржуваат таквиот прогрес, но и на оние кои не го поддржуваат толку многу  и го критикуваат.И тие многу допринесуваат во заедничкиот успех. Секоја критика, поттикнува кон позитивни корекции и подобрување, особено ако е реална. Секое подобрување носи поголем успех. На сите. Заслугите се поголеми кога се заеднички. И успехот е поголем кога е заеднички. И предизвиците треба заеднички да ги решаваме, затоа што тоа се наши предизвици. И проектите заедно треба да ги славиме затоа што тоа се наши проекти. Проекти на нашата генерација.  

По остварувањото се гледа вложениот труд. Чекор по чекор, проект по проект, тула по тула, работиме макотрпно за да поставиме што повисоки стандарди за европска Македонија, ..што повисока основа под која нема да може никој повеќе да се спушти....што повисока основа од која ќе може да се качиме погоре и да целиме што повисоко, кон повисоки цели ....И сигурен сум дека таквиот пример ќе го превземат и многумина други генерации после нас, или како што кажал Павел Шатев цитирам:

„Ние ќе дејствуваме и ќе се мачиме да го реализираме замисленото... Ако останатите генерации Македонци по нас видат дека акцијата е добра, има успех, даде резултат, по своја иницијатива ќе следат и ќе отпочнат и други подобни акции....

И јас цврсто верувам во овие зборови. Верува нашиот народ, затоа што нема успех без напор, нема успех без предизвици. Ние цврсто ќе останеме да чекориме по трасираниот пат од илинденците и антифашистите. Идните генерации нас ќе не следат. Ние имаме уште многу што да покажеме, уште многу проекти треба да исполниме кои сме ги ветиле, а ветувањата мора да се исполнат. Затоа што и илинденците и антифашистите дадоа ветување дека ќе се борат до крај, дека ќе работат за Македонија, и тие го исполнија своето ветување. Мораме и ние и сите по нас, да ги исполнуваме нашите ветувања, стремејки кон највисоките цели.

 Последната од нашите нови крупни предизвици се последните препораки на ЕУ поврзани со поглавјата 23 и 24, кои ги вградивме како составен дел на нашите цели, и на кои силно и интензивно работиме. За да го зајакнеме, подобриме и надградиме доброто функционирање на  државниот систем на повеќе полиња. И тоа ќе го спроведеме.

Следното лето е следниот самит на НАТО, организација во која Македонија цели да стане составен дел. Ќе работиме силно во правец да ја оствариме таа цел.

Повремените кризи во државите се составен дел во развојот на секоја држава, а особено кај помладите држави. Справувањето со тие кризи и извлекувањето одредени придобивки,  напредоци, и поуки од нив, е нешто што и во тие кризи ги придвижува државите напред.

Таков мора да биде случајот и со последната политичка криза во Македонија. Во оваа криза направивме се, меѓуостанатото, да го спречиме запирањето на доаѓањето на нови фабрики и компании кои отвораат нови нови работни места но и нови перспективи за нашиот народ. Ова беше еден од најголемите предизвици во изминатиот период.

Зад нас се и две меѓунардни глобални економски кризи со силно влијание на нашата економија. Погледнете, најголемиот дел од мерките кои ги превземавме за нивно справување, не само што ни помогнаа во тој тежок период, туку останаа и трајни зајкнувања на нашиот економски ситем. Затоа, паметните нации од секоја криза излегуваат посилни. Македонија е држава со мудар народ.

Мораме да се  соочиме и справуваме со проблемите и заканите на денешното време. Мигранскиот бран што ја зафати Европа, ја стави Македонија засега во својство на транзитна држава, со можност тоа во иднина да се промени, и да почнат мигранти од различни азиски или африкански земји да се задржуваат во Македонија. Тоа е и доправа ќе биде сериозен предизвик. Ако некој мисли дека оваа мигранска криза е некаков бран кој ќе помине набрзо, се лаже. Ова е само почеток на еден вид нова голема преселба на народите, која допрва ќе добие замав. Засега добро се справуваме, но предизвиците ќе растат.Ќе бидат потребни дополнителни напори, дополнителни мерки, и политики на сите држави во Европа и на Македонија. 

Заканите од тероризмот демнат над нас, како и над цела Европа. Радикалните групации отворено се закануваат, а повремено и дејствуваат. Мораме да ги јакнеме нашите капацитети во справувањето со нив, и мораме да се справуваме со нив. Неодамнешните настани во Куманово, и повремените фрлања бомби или гранати, се само потсетник дека ваквиот вид закани не е само некаде далеку од нас, во Франција, или во Белгија, во Норвешка или во Америка, во Ирак или во Сирија. Тие може да дојдат ивоншата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа и да ги загрозат нашите животи и животите на нашите блиски. Не смееме да останеме пасивни на овие движења и мораме колку што е можно превентивно и активно да делуваме. Во тој правец треба да работиме на зајакнување на нашите одбанбени и безбедносни сили, бидејки кога доаѓаат заканите, тие се на браникот на одбраната.

Кризата кај јужниот сосед, и нам ни направи штета. Како економски, заради блискоста и поврзаноста на нашите економии, така и политичка, пред се заради целосно дефокусирање на нашиот сосед од решавањето на нашиот билатерален проблем, што нас  веќе цели 7 години, неоправдано не чини членство во НАТО, и веќе слободно можам да кажам и членство во ЕУ, затоа што ако немаше блокада на започнувањето на преговорите во 2009 тата, ние денес ќе бевме член на ЕУ. Посакуваме нашиот јужен сосед, побрзо да ги надмине актуелните економски предизвици, и да го врати фокусот на нашиот билатерален проблем и блокадата врз нас.

Историјата е важна, но не смее да биде пречка за иднината. Затоа важни се напорите, историјата да ја оставиме на историчарите, на науката, на образованието, и секој кој сака да ја проучува, анализира, да ја славиме, одбележуваме  да извлекуваме поуки и мудрости од неа, но  државите и народите на балканот мораме да градиме нови мостови за посреќна заедничка иднина на нашите народи.

Демографијата останува во врвот на нашите предизвици како држава. Иако, со солидни ефекти од превземените мерки во последните 7-8 години, кои што изненадија многумина скептици кои не веруваа дека било какви мерки на Владата воопшто ќе вродат со некаков резултат, сеуште, ниската фертална база која не очекува во наредната деценија, е голем предизвик. Овој би рекол европски предизвик, кај мала нација има позастрашувачки ефекти, отколку кај големите нации. Загрижува и воспоставувањето пракса на се подоцнежно стапување во брак на младите, што се одразува и на бројот на деца во семејствата.

Последната порака која денес би ја испратил е до другите политички партии. Не потценувајте ја дијаспората. Најновите притисоци кои доаѓаат кон нас а во правец да се елиминираат пратениците на дијаспората, заради калкулантски дневно политички ситни интереси, ќе ја оддалечи од нас оваа структура на луѓе која непрестајно, и во добри и во тешки времиња помага на Македонија. Барањата преку разни законски акробации, да се сведе работата на ниеден или најмногу еден пратеник од дијаспората, ќе испрати лош сигнал до најверните наши надворешни подржувачи. Ако јас се прашувам бројот на пратеници од дијаспората треба најмалку да се триплира, а не да се елиминираат и сегашниве. Дијаспората, не само што испраќа огромна финасиска помош за нивните блиски во Македонија, туку со душа и со срце помага и на многу други начини, преку политички и економски лобирања, но се повеќе и преку помали или поголеми инвестиции во Македонија. Во бројни ситуации кога се боревме да привлечеме компании во Македонија, различни здруженија на дијаспората ни отвораа врати на многу места, лобираа и помагаа колку што можеа.Немојте да го потценувате нивниот труд. Независно што мал дел од нив гласаат, ќе ги погоди и оние кои гласаат и оние кои од различни причини во овој период не гласаат, и оние кои не гласаат. Симболиката со нивни минимален број преставници во парламентот им значи, и треба да останат.

Почитувани граѓани,

Ние имаме дадено ветувања пред Вас.Нема скршнување од нашите ветувања, дадени пред народот. Тоа е, и тоа мора да остане фокусот. Се друго е споредно. По некоја грешка имало и ќе има. Но, покажавме дека имаме доблест да признаеме грешка и да ја корегираме. Да го следиме ипулсот на нашиот народ. Денес ние ја имаме одговорноста да работиме за нашиот народ и ние таа одговорност ќе ја оправдаме. Економскиот раст, зајакнување на стандардот на граѓаните, изградбата на нови капитални дела, реформите во секоја област за унапредување на секој стандард, интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО се следниот Илинден кој го сонуваме, за кој работиме, кој го очекуваме и кој ќе го оствариме. Затоа што ние знаеме дека тоа го заслужуваме и дека сме кадарни тоа да го оствариме. Оваа, нашата генерација!

            Да живее 2 август –денот на двата  Илиндена!

            Да живее споменот на Илинденското востание и на АСНОМ!

            Да живее слободна, демократска, независна и суверена Република Македонија!

            Да живее европска Македонија!