Премиерот Никола Груевски учествуваше на Самитот за Западен Балкан во Виена

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денес (четврток, 27 август 2015 година) заедно со владина делегација во чиј состав е заменикот на  претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, г-дин Никола Попоски и министерот за економија, г-дин Беким Незири, учествуваа на Виенскиот самит што се одржува во Австрија, на кој присуствуваат шефови на влади на земјите од Западен Балкан и од земји членки на Европската Унија.

Самитот се одржува како континуитет на Берлинскиот процес, инициран со Берлинската конференција за Западен Балкан, која се одржа под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел минатата година.

Во рамките на воведната премиерска панел дискусија на која беше разгледана на економската ситуација и реформскиот процес во земјите од Западниот Балкан, учество зема и премиерот Груевски.

Тој посочи дека заедничка визија е Берлинскиот процес да ја забрза нашата евроинтеграција и да резултира со креирање на начелна временска рамка за пристапување.

Од исклучителна важност е поддршката што стратешки партнери од ЕУ ја даваат преку Берлинскиот процес, како преку политичкото внимание, така и преку вниманието во економијата, бизнисот, инвестициите и интересот за соработка и поддршка со конкретни развојни проекти, истакна премиерот Груевски.

Претседателот на Владата Груевски се задржа и на економските резултати кои ги постигнува Македонија.

Во првиот квартал од 2015 година БДП забележа годишен реален раст од 3,2%, по растот од 2,7% остварен во претходниот квартал, додека во 2015 година економскиот раст се очекува да изнесува 3,5%, а извозот на стоки и услуги во 2015 година се очекува да забележи реален раст од 6,3%, показатели кои значително охрабруваат и покажуваат решителност во остварување на целта за економски прогрес, додаде Груевски.

На крајот премиерот Груевски посочи дека од исклучително значење е позитивното влијание кое го има ЕУ, Германија и Австрија кои учествуваат во реформите кои се спроведуваат во земјите од регионот, и ја истакна заедничката посветеност кон надминување на предизвиците и инвестирање во соработка која ќе ги направи незначајни границите и препреките и ќе обезбеди полн капацитет за сестран развој, и реализација на финалната цел интеграција на целиот регион во Европската Унија.

Во рамките на самитот премиерот Груевски имаше можност да разговара со германскиот канцелар, г-ѓа Ангела Меркел и комесарот на ЕУ, г-дин  Јоханес Хан на повеќе различни теми како што се интеграциските процеси на Македонија, политичката состојба и заедничкиот предизвик со илегалните мигранти.

Во рамки на Виенскиот самит, се одржа и панел дискусија на економските министри на земјите од регионот на кој што учество земаа и вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири. Бизнис форумот се одржа во организација на Сојузната стопанска комора на Австрија, а присуствуваа и австриски бизнисмени, претставници на индустријата и трговијата.

Вицепремиерот Пешевски изјави дека на форумот беа презентирани инвестициските потенцијали на државата при што беше упатена покана до присутните бизнисмени да ја посетат Република Македонија.

Некои од тие компании се веќе присутни на македонскиот пазар и ја посочија Македонија како пример за брзо разрешување на проблемите и верувам дека контактите што денес се остварени ќе бидат искористени и ќе резултираат со нови инвестиции во иднина, изјави вицепремиерот Пешевски.

Во поздравното обраќање австрискиот канцелар Вернер Фајман истакна дека целта на самитот е континуиран напредок на интеграциските процеси кои се важни и за Европската унија, но и за напредокот на државите од Западен Балкан.

Потребно е фокусот да биде она што не обединува, и она што е карактеристично за Австрија е тоа што има многу блиска политичка и економска соработка со Западниот Балкан. Односите се развиваат низ годините и за време на европската економска криза многу компании не заминаа од тој регион односно економското опкружување ги задржа, истакна канцеларот Фајман.

Фајман се задржа и на прашањето со илегалните мигранти при што истакна дека е потребен заеднички и координиран ангажман на ЕУ и државите кои ги засега оваа појава.

Германската канцеларка Ангела Меркел имаше свое обраќање во кое истакна оптимизам за конкретни резултати.

Проектите започнати со Берлинскиот процес ќе обезбедат работа, и значат надеж за регионот, ЕУ и европскиот комесар го поддржуваат ова и благодарение на самитот направивме да сме поблиску до видливи резултати, изјави Меркел.