Обраќање на премиерот Груевски по повод Денот на независноста

Дами и господа,

Почитувани пријатели,

Почитувани присутни,

Денеска е 8 Септември. Денес ја прославуваме дваесет и четвртата годишнина од формирањето на независна, суверена и слободна Република Македонија.

Тоа достигнување чија кулминација беше со изгласувањето на референдумот на 8-ми септември 1991 година, беше завршница на формирање на сопствена држава, по многу години борба на генерации и генерации наши предци, огромен број положени жртви, уништени животи, затворања и малтретирања.

Формирањето сопствена држава не одеше ни лесно ни брзо. Одеше чекор по чекор, борејќи се и начекувајќи и искористувајќи одредени историски моменти за реализација на наредниот чекор.

Она што беше сврзното ткиво, она што како нишка провејува низ вековите во сиот изминат период и кога народот што живееше на овие простори беше под комунистичкиот режим, под фашистичката окупација, под српска или бугарска власт, под отоманската империја, под византиската и римската империја, или пак претходно, беше зборот -Македонија.

Некогаш бил империја, некогаш географски поим, некогаш историски поим, некогаш регион, некогаш провинција, некогаш под тоа име, а некогаш наметнато привремено друго име. Некогаш, гласно, некогаш тивко, некогаш тајно, некогаш забрането, некогаш дозволено, некогаш јавно, некогаш признаени, некогаш непризнаени, некогаш со посилни, некогаш со послаби чувства, но овде на оваа почва, еден збор, зборот Македонија, е нешто што се наоѓа во секој век, ако се раскопа низ археологијата, книгите, записите, белешките, мемоарите, делата на патописците, монетите,архивите, хроничарите или било која друга историска анализа.

Како што кажав во одреден период овој поим под притисок на разни поробувачи бледнее, некогаш се зајакнува, но опстанува, не умира, не се заборава или отуѓува. Блескавиот пробив на империјата која во антиката го носи името Македонија, останува синоним со кој се поврзуваат или некогаш и идентификуваат луѓето кои живеат на овој простор. Тој збор, тој поим, таа историска и географска одредница, во 19-от век во процесот на формирањето на нациите како поим во Европа, почнува да станува сврзно ткиво, јадро на формирање на свест за нација а потоа и држава. Се разбира, покрај историскиот и географски збор Македонија, останатите сврзни ткива се јазикот, културата и обичаите.

Тој стремеж за слобода и независност добива на интензитет кон крајот на 19-от век, најпрвин со неколку позабележителни востанија како Кресненското и Разловечкото и формирање на интелектуални кружоци, а најмногу и најенергично со формирањето на Македонската револуционерна организација - МРО, која неколку пати го менувала името, но во колективната меморија на народот останува запаметена како ВМРО, која активно се бори за слобода, автономија и независност во едно тешко време, зад кое има близу петстотини години владеење на Отоманската империја. Колку и да не ја постигнала крајната цел во тоа време, оваа над четириесет годишна активност е јасен сигнал кој е кој на овој простор. Сигнал не само до владејачката империја и подоцнежното кралство кое ја зазема територијата по Балканските војни, туку и до цела Европа и до светот кој внимателно ги следеле случувањата на овој простор преку своите конзули и дипломати за што сведочат и огромниот број не само на архивски материјали туку и пишувања низ најпознатите весници во светот од крајот на 19-от до првата половина на 20-от век.

Тогаш, зборот Македонија почнува освен историско и географско да добива и едно друго значење. Започнува создавањето на нацијата, тогаш се никулците на создавањето на нацијата и свеста за потребата за долготрајна организирана борба за слобода и државност. Се разбира тоа не се случило преку ноќ тоа било еден долг процес на премрежија и преиспитувања, надворешни влијанија и притисоци, грешки и пропусти, предавства и разочарувања... Но процесот не запрел. Иако со одредено задоцнување зад повеќе европски нации и држави, таа национална свест и борбата за автономија, слобода и независност добиле силно на интензитет токму во тој период. Тоа е периодот кога луѓето кои живеат на овој простор независно на одредени контроверзии, поделби и несогласувања помеѓу нив, даваат јасно до знаење дека кој и да владее на оваа почва, треба да знае дека ќе има отпор, континуирана борба, жртви, нереди и нема да има мир сè додека македонскиот народ не ја оствари посакуваната цел.

Се разбира на овој простор и во овие активности не биле вклучени само оние кои се идентификувале како Македонци, туку и припадници на други нации и народи кои живееле на истиот простор, а кој се идентификувал со поимот Македонија. Борбата за слобода е заеднички плод на залагањата на сите нив, на Македонците, но и на сите кои заеднички со Македонците во различни етапи повеќе или помалку се бореле за таа слобода и независност на Македонија, како Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, христијаните, муслиманите, евреите, атеистите... Сите.

Таа борба продолжува и подоцна во Втората светска војна и дополнително добива на интензитет. Во редовите на таа борба која ја предводела Комунистичката партија, се вклучиле сите. Дел од нив биле идеолошки припадници или поддржувачи на Комунистичката партија и идеологија, но огромен дел не биле, но верувале и почувствувале дека тоа е историската шанса, историскиот момент за остварување на конечната цел, за извојување на слобода и за создавање на своја држава.

Еден од клучните сигнали кон сите припадници борци е фактот што Комунистичката партија на интернационално ниво, уште во самите зачетоци донела одлука да се признаат малите народи и нации и да им се признае државноста меѓу кои и на Македонија и македонскиот народ. Тие документи се усвоени во 20-те години, најпрвин на меѓународно ниво, а подоцна и на ниво на КПЈ, уште пред стапувањето на Јосип Броз Тито за нејзин Генерален секретар и останале непроменети до крајот на Втората светска војна по што и реализирани. Тогаш, имајќи го предвид даденото ветување од пред војната, имајќи ја предвид антифашистичката борба, имајќи го предвид деценискиот отпор и борба на македонскиот народ и другите народи на овој простор водени главно од ВМРО и имајќи предвид дека после таква крвава војна и борба за слобода на Македонија, неисполнувањето на даденото ветување ќе значи понатамошни крвопролевања и континуирани проблеми, имајќи ги предвид и потребите на тогашниот водач на КПЈ за баланс во државата со формирање на повеќе федерални републики, наместо со помалку и некои од нив да се предоминантни по големина републики, се создава историскиот момент кога се добива државноста, но само во рамките на Југославија.

Следуваат 45 години на тежок и брутален режим, но и на континуиран отпор на народот за целосна независност кој преку разни етикетирања, затворања и ликвидации се потиснува или прикажува на поинаков начин во тоа време. Сето тоа трае до следната историска шанса, која доаѓа со падот на комунизмот во сите земји во Европа, па и во Југославија и со распаѓањето на Југословенската федерација. Тоа е повторно историски момент, историска шанса, која правилно се искористува, за конечно создавање на слободна, суверена и независна Република Македонија, заокружено преку активностите на политичките партии и парламентот и запечатен со референдумот токму на овој ден на 8 Септември, во 1991-та година.

Генерацијата која ја издвојува независноста и самостојноста заслужува благодарност од сите следни генерации. Таа генерација во виорот на новите времиња и под татнежот на неприликите кои се случуваа во соседството успеа да донесе правилни одлуки и покрај сите парцијални слабости и недоречености на тие одлуки, сепак, ние оддаваме должна почит на таа генерација и таа генерација ќе остане запаметена во македонската историографија.

Оттука на овој ден, треба да ги спомнеме имињата на луѓето кои во 1991-та ризикуваа и успееја.

На Киро Глигоров и Љубчо Георгиевски, како претседател и потпретседател на Република Македонија, Стојан Андов, како претседател на парламентот, Никола Кљусев, како премиер на владата, потпретседателите и министрите во таа влада, од кои еден од нив, министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков, извршувајќи ја својата високо ризична задача во тој период го загуби и неговиот живот.      

Понатаму, сите пратеници во парламентот во тоа време, како и политичките партии кои партиципираа во парламентот, меѓу кои најбројна беше ВМРО-ДПМНЕ, втора најбројна СДСМ, партијата ПДП, социјалистичката партија на Македонија, Либералната партија како и другите политички партии кои имаа свои претставници во парламентот. 

Но пред сè и над сите нив е народот. Неговата решителност и одлучност да ризикува и да гласа за тоа што и тој и неговите предци со генерации посакувале и се бореле, слободна, суверена и независна Република Македонија.

Тоа беа денови на неизвесност на опасности од нови окупации и војни, денови кога секојдневно се шпекулираше дека може да бидеме нападнати и окупирани, а политичките предводници ликвидирани. Имајќи во обѕир какви војни беснееја низ поранешната југословенска федерација, шпекулациите не беа неосновани. Но, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и останатите, одлучно излегоа на референдумот и гласаа, и за тоа треба да им се честита.

8 Септември е историски момент за Македонија, триумф на борбата и жртвите на сите претходни генерации. Триумф и на нашата генерација.

Јас лично бев студент во тоа време, само што бев наполнил 21 година и откога гласав во текот на денот, вечерта бев во толпата народ на плоштадот Македонија, каде го очекувавме објавувањето на резултатите од референдумот. Точно памтам на кој дел од плоштадот стоев и сликата од таа возбудлива вечер ја помнам како да била вчера. Откога се соопштија резултатите и се слушна еуфоричната радост, памтам дека прокоментирав: направивме своја држава.

Да, почитувани присутни. Свои на своето! Од 8-ми септември 1991 година сме свои на своето!

Оттогаш па наваму главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побрзо во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците во кои стремиме, ЕУ и НАТО.

Поминавме низ многу предизвици и премрежија, но сите теории дека Македонија е привремена држава паднаа во вода. Македонија, со сите проблеми со кои се соочуваше, одеше напред, некогаш побрзо, некогаш побавно, но темелите се зацврстуваа, а куќата се надградуваше.

Имавме успони и падови, залети и кризи, успеси и неуспеси, остварени и неостварени соништа, но државата се градеше и се движеше напред. Не секогаш исто и со посакуваната динамика, но зад нас се дваесет и четири години континуирана надградба на она што се оствари на 8-ми септември 1991 година.

Денешниот  голем предизвик на Македонија, откако веќе ја доби независноста е членството во ЕУ и НАТО и надминувањето на проблемот кој го постави Грција, а поврзан со нашето име и идентитет. Очигледно и за ова ни треба долга борба овој пат политичка и историски момент.

Веќе дваесет и четири години нашиот сосед нè оспорува. Во еден период ни имаше поставено и ембарго со затворање на границата во време кога ООН наложи затворање на северната граница. Издржавме многу предизвици на овој план, вклучувајќи ја и успешната битка пред меѓународниот суд на правдата во Хаг пред четири години. Веќе седум години е блокиран нашиот влез во НАТО и шест години се блокирани преговорите за влез во ЕУ. Многу негативни работи ќе беа избегнати и многу побрзо ќе се движеше развојот и напредокот на државата ако тоа не се случеше или ако не беше дозволено да се случи од сојузниците во овие организации. Другите членки на НАТО и ЕУ, особено најмоќните треба да стават крај на оваа неправда што ни се случува и на оваа наша голгота. Ако не за друго, заради своите принципи за почитување на меѓународното право. Го разбирам и го почитувам принципот на солидарност, но кога земјата на која ѝ се дава солидарноста е во право и сè додека нема одлука на меѓународен суд. Ние бевме и сме подготвени за разговор и компромис по ова прашање, но тој компромис не може да ги поткопа темелите на кои се создаваше и градеше оваа држава. Се надевам дека нашиот јужен сосед наскоро ќе излезе од внатрешните проблеми кои неколку години го дефокусираа од ова прашање и ќе отвори одлучен и искрен разговор за конечно негово затворање. Во меѓувреме членството во НАТО и во ЕУ остануваат на врвот на нашите приоритети и попатно ќе продолжиме со реформите кои се во склад со принципите и вредностите во овие две организации.

Економијата, инвестициите, новите работни места се вториот најголем наш предизвик, заедно со членството во ЕУ и НАТО. Фактот што деновиве ММФ објави дека сме во групата на петте најмалку задолжени земји во Европа ги потврди нашите досегашни тврдења. Одговорното однесување на овој план треба да продолжи.

Чекорот кој владата неодамна го направи со намалување на казните на фирмите и нивно нивелирање според економската моќ и бројот на вработени во фирмата е чекор кој внесува поголема правичност во санкционирањето на престапите и плод на одличната комуникација меѓу владата и приватниот сектор.

Големиот број инвестиции во последните години дури и во времиња на светски и европски кризи, ни помогнаа значително да ја намалиме невработеноста иако истата и понатаму останува голем предизвик. Значајно подобрената бизнис клима во земјата ќе продолжи да се надградува. Големи компании од различни држави во светот ќе продолжат да доаѓаат и да отвораат нови работни места, но и домашните фирми ќе креираат нови работни места и поголем извоз. Извозот во 2014-та во однос на 2006-та е речиси дуплиран и радува што една третина од тоа припаѓа на зголемувањето на извозот на домашните фирми.

Пред само две недели, во Штип, започна со работа фабриката на германскиот „Техникал Текстил“, која ќе вработи 1000 лица. Наскоро со работа започнува со работа германскиот гигант „Маккард“, кај Велес, кој ќе вработи 600 лица, а американскиот бренд „Ки сејфти системс“ во октомври ќе се всели во нивната новоизградена фабрика кај Кичево каде предвидува 1000 вработувања.

Со работа веќе утре на 9-ти септември ќе стартува и новата фабрика на италијанскиот „Диатек“ во скопската зона и ќе ангажира 250 лица. Привршуваме со договарањата на нова фабрика на глобална американска компанија која неодамна ја најавив, а која е  со седиште во Америка  и планира капацитет во Струмица и отворање на околу 1500 нови работни места, а свој влез неодамна објави и американската „Леар“ со околу 3000 лица во Тетово.

„Анфенол“ во Кочани, континуирано вработува и со новонајавените дивизии во зоната Виница - Кочани, се очекува да достигне до 2.500 вработени.

„Гентерм“ во Прилеп ќе ја почне изградбата на својата фабрика следниот месец каде предвидува 2.000 вработувања. „Технохозе“ ќе ја заврши втората фабрика во зоната во Скопје за дваесетина дена и ќе почне со нови вработувања, а „Еипл ленд“ треба да го заврши и отвори својот капацитет во Ресен каде постепено ќе се вработат околу 200 лица.

Министерот Бил Павлески ме извести дека работи со една мултинационална компанија од прехранбената индустрија која на пат е да рестартира неколку пропаднати капацитети од прехранбената индустрија и да вработи неколку стотици лица.  Министерот Висар Фида е во финиш на разговорите со една швајцарска софтверска компанија која ќе започне со 80 ИТ инженери, а со друга швајцарска компанија го договара терминот за почеток на градба на нивната фабрика за соларни панели во Скопје. Виктор Мизо е во финиш на разговорите со една американска компанија од автомобилската индустрија која треба да започне активности од почетокот на 2016-та скопската зона со план да вработи над 500 луѓе, а најдоцна следниот месец австрискиот „Текспорт“ треба да почне со работа во Виница во нивната нова фабрика каде ќе се вработат над 200 лица.

Христијан Делев ме информираше дека отворањето на „Кап Кон“ во Скопје ќе се случи некаде кон крајот на октомври, а во втората половина  на октомври очекуваме уште еден влез, овој пат на познат регионален бренд од прехранбената индустрија.  Другите членови на тимот исто така се во активни финализирања на договори со повеќе познати компании што се заедно говори дека ќе следуваат поголем број нови компании и илјадници нови работни места.

Во врска со актуелните внатре-политички случувања.

Договорот од 2-ри јуни, како и протоколот од 15-ти јули,  мора целосно и дословно да се спроведат и да завршат со парламентарни избори на 24-ти април 2016-та, после кои никој нема да може да има алиби и да не ги признава изборите. Доста и е на Македонија од бојкоти и од политичари кои немаат доблест да излезат пред нивната партија и пред народот и да признаат пораз. Реформите кои ги договоривме мораме да ги завршиме на време и квалитетно. Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди во различни области.

Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорен. Како е договорено и потпишано, така треба да се реализира, без додавање или одземање. Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број на стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика, во смисла, на канцеларии, возила, и слично. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа ниту пак под внатрешни или надворешни влијанија. Треба чесно да си ја изработи својата работа и да донесе непристрасни одлуки.

Го поздравувам враќањето на опозицијата во парламентот и ги потсетувам дека освен права како опозиција имаат и одговорност пред народот. Тие се платени од народот, совесно, одговорно и чесно да ја извршуваат својата функција како опозиција во парламентот. Така треба и да дејствуваат ако сакаат да имаат надеж да ја освојат поддршката од мнозинството граѓани во државата.

Почитувани пријатели,

Екстерното тестирање во училиштата се воведе откако во државата повеќе од една деценија и половина, бевме сведоци на необјективно оценување кај огромен број наставници и ученици. Причините за тоа се многубројни, но коренот е во атмосферата која ја изгради транзицијата, рушењето на основните морални вредности и појавата на ново печени богаташи кои преку ноќ се збогатија и недоволно посветеното време кон своите деца сакаа и почнаа да го заменуваат со притисоци кон наставниците да им пишуваат највисоки оцени на нивните деца независно какво е нивното знаење.

Со тоа постигнуваа краткорочен ефект на услуга кон нивните деца, покажување моќ и наводна грижа, а од друга страна несвесно создаваа паразити од нивните деца, луѓе со лоши животни навики пред се за добивање нешто без заслуга туку по нечесен и заобиколен пат и непријатности низ целиот нивен живот заради недоволното стекнато знаење.

Не е трагедија ако некое дете има некоја четворка, тројка, двојка, па и единица некогаш, ако тоа е израз на реалноста и реално вложениот труд. Пониската оценка треба да е аларм за родителите да се посветат повеќе на детето во правец да му помогнат или на некој начин да го поттикнат повеќе да научи, а не аларм да бркаат врски и да вршат притисок на наставниците за да добијат незаслужени оценки.

Пред некој ден случајно разговарав со еден пријател кој средното училиште го има завршено во Франција. Вели, завршив основно во клас во Македонија во кој од 30 ученици, 25 бевме со сите петки. Кога отидов во средно училиште во Франција, не растурија од  континуирано тестирање. Бев шокиран од континуираните тестирања. Потоа на факултет полагал и државен испит во Франција. Но, кога завршил и почнал да оди на интервјуа за работа во познати мултинационални компании, тестирањата му биле рутина и лесно ги поминувал. А тука кај нас ми вели, се креваат протести и демонстрации за еднаш годишно тестирање на знаењето со цел да се врати времето на реално оценување.

Јас знам дека екстерното тестирање не е совршено и може да се подобрува. И ние и во изминатите години го подобрувавме, а и сега работиме на нови подобрувања.

Но, најмногу разочарува што политичките партии, опозицијата, сака и од оваа тешка борба за помош на новите генерации да станат поуспешни и посреќни во животот, со менување на некои наследени лоши навики, со повеќе учење и пред се знаење, сакаат да исполитизираат и сето ова да го користат во политичко партиски цели. Многу е опасно кога учениците и родителите неодговорно ги гледаш како бројка на гласачи на кои треба да им се угоди за да гласаат за тебе, дури и кога правиш чекори со кои на долг рок им одмагаш, а тие во моментот не се свесни за тоа. Ако и ние се вклучиме во таа битка и почнеме да се натпреваруваме која партија ќе овозможи полесно земање диплома без знаење, каде ќе оди државата?

За каков напредок ќе зборуваме и за каков квалитет во образованието? Апелирам основните вредности да не се предмет на политичко поткусурување и собирање ситни политички поени. Основните вредности се столбот на општеството, не смееме да ги рушиме. Загрижувачки е отпорот на дел од народот кон знаењето и учењето. Мошне загрижувачки. Особено оној на дел од родителите. Формирањето на партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството.

Или да ја земеме за сличен пример математиката која сакавме да биде задолжителна на матурскиот испит барем кај оние кои се запишале во математичка гимназија. И тоа не напредна математика туку основна математика. Огромен отпор за нешто што е во прв план во сите напредни земји во Европа и во светот и веднаш поддршка од опозицијата преку нивниот пленум. Да го поставиме отворено прашањето. Зошто во без малку цела Европа, математиката е задолжителна на матурскиот испит, а во Македонија не смее да биде? Зошто никаде опозицијата ова не го користи како алатка за политичка битка? Зошто во ниту една друга држава нема протести против математиката на матурски испит? Зошто нешто што е нормално во другите држави кај нас не е нормално? Зошто некој мисли дека владата сака со тоа лошо да им направи на матурантите и зошто би им правела лошо? Зошто владата би се изложувала на политички ризик, ако не е научно докажано дека математиката ги развива центите за логика и рационално размислување кај секој човек и е предуслов за успешност во најголемиот број струки кои во иднина може да ги одбере матурантот?

Зошто гледаме да поминеме полесно за нешто што подоцна во животот ќе не направи неконкурентни и цел живот ќе минуваме многу потешко? И повторно ќе прашам, зошто заради дневна политика, некој го поддржува тоа? Со иднината на нашите деца правиме дневна политика. Ете им, го одложивме и тоа со математиката и законот за високо образование за септември 2016-та. Ајде да видиме колку заради тоа некој ќе гласа на изборите за опозицијата. 

На денот кога е формирана државата треба да си го поставиме прашањето, каде одиме како народ, нација, граѓани, општество, колектив, индивидуи? Дали некој верува големите индивидуални и колективни успеси ќе доаѓаат по заобиколен пат и без конкурентни со знаење и креативност индивидуалци? По којзнае кој пат ќе повторам: ние немаме избор. Ние сме мала земја во развој, без излез на море, без наоѓалишта на нафта или природен гас, без преголеми количини на рудни богатства. Не сме ни географски доволно големи или многубројни па, заради тоа да имаме големи пријатели. Во меѓународната политика големите пријателства почиваат на големи интереси. Кои интереси ги има некој од една педа земја како Република Македонија? Ние немаме избор освен да одиме напред со знаење, со учење, со развој на сопствените мозоци, на креативноста, со иновации, со развој на претприемачкиот дух, со вложување во себе.  А како? Ако сакаме високи оценки без знаење и ако градиме култура за поддршка на тоа? Како ако бегаме од основниот двигател на повеќето науки - математиката? Како, ако се плашиме од тестирање на нашето знаење во време во кое тестирањето е главната алатка насекаде во светот. Кој натпревар ќе го водиме ние?

Нормално, потоа ќе се следуваат фрустрации дека другите ни се криви за се. Не, за нашиот индивидуален па и колективен успех, одговорноста е наша. Колку ќе вложиме во себе, толку и ќе добиеме за себе. сè додека опозицијата планира на власт да дојде преку поддршка на незнаењето, ќе имаме проблем. Ве молам тргнете ги рацете од децата и од младите. Приказната со ЕУ и НАТО е прекрасна. Ама без знаење, без учење и во таа ЕУ, ќе бидеме секогаш на опашката, на дното, најслаби, во подрумот. Секогаш други ќе управуваат со нашите животи и планови. Ајде да свртиме нова страница. Да градиме силни, по знаење и креативност индивидуи, па за  дваесет години да видите што е силна држава. Да не ги лаже некој луѓето дека ЕУ ќе ги реши сите наши проблеми. ЕУ ни треба, таа е голема шанса, но за тие кои имаат развиен капацитет и знаење да ја искористат. За другите многу малку ќе им смени. сè зависи од нас.

Времињата се менуваат, но во секое време, знаењето е константа која носи успех. Еве на пример, во февруари годинава стапи на сила новиот Закон за администрација, кој за секој еден кој сака да се вработи во администрација, предвидува одредено ниво на познавање англиски јазик кое се докажува со меѓународна диплома која не може да се стекне никако поинаку освен со учење и знаење и за секој еден кој ќе сака да се вработи во администрацијата ќе се следуваат неколку тестирања на знаењето, на психолошкиот профил и интегритетот и слично. Тестирањето е обмислено на начин што без знаење нема никаква шанса да се избори пласман во врвот на ранг листата. Повеќе нема да биде од помош ни припадноста на етничките заедници, затоа што и кандидатите од различни етнички заедници ќе се тестираат и рангираат на ист начин секој во својата група на етничка заедница. Да, ќе се примаат потребниот број на Македонци, или Албанци, или Турци, Роми, Власи, Бошњаци ама ќе се вработат оние кои ќе имаат најдобри резултати на тестирањето. А тестирањата во живо ќе се пренесуваат на интернет на веб страната на институцијата, освоените бодови освен на компјутерот истовремено ќе се појават на голем семафор во просторијата од каде се гледаат во живо преку интернет преку преносот на веб страната, на секој кандидат софтверот ќе му распредели различни прашања, од претходно објавен голем базен на прашања. Не постои шанса за успех по заобиколен пат. Знаењето ќе биде единствениот критериум.

Почитувани присутни,

Како што неодамна кажав, демографијата, наталитетот и фертилитетот останува на врвот на нашите најголеми предизвици. Во изминатите недели излегоа многу статистички информации, кои покажуваат две работи:

Прво, владините мерки даваат видливи резултати и трудот и напорите се исплатеа иако многу скептици не веруваа во тоа. Трето дете во семејство не е веќе вистинска реткост туку е сè почесто и полека станува но сигурно хит, станува мода, станува нормално сè повеќе. Ако пред седум години беа вистинска реткост, веќе нема улица или влез во зграда каде нема по еден или повеќе случаи на семејство со три или повеќе деца. Бројот на трето родени деца во 2008-та е 2.677 трети деца во семејство, додека во 2014-та е 3.715 трети деца во семејство, што е раст од без малку 40 отсто. Тоа се цели 1.038 повеќе семејства само во текот на една година кои се одлучиле да имаат трето дете, споредено со 2008-та. Во 2008-та се родиле вкупно 22.945 деца, а во 2014-та, 23.674 деца, што е плус 729 деца, и раст од 3,2%.

Второ, бидејќи ова прашање не се  третирало од поранешните влади на време, на пример десет, петнаесет или дваесет години пред ние да се зафатиме со ова прашање во 2008-та, сега во наредната деценија ќе се соочиме со ниска фертилна база. Тоа значи ако значително помал број на жени во доба кога може да родат деца споредено со пред дваесет или триесет или повеќе години. Преку илустративен пример ќе објаснам ако некогаш во еден период во некое место имало сто жени во доба кога може да родат деца, сега има шеесет или седумдесет такви жени. Дури и ако сите раѓаат по три деца, што сè уште е невозможно, пак бројот на население нема да расте.

Но барем, ќе се создаде односно ќе се врати култура на повеќедетни семејства и ќе се запре деценискиот пад на наталитетот.

Годинава за прв пат во прво одделение се запишаа над 1.000 повеќе првачиња отколку лани. Тоа со децении не се случило на овој простор.

Дами и господа,

Засега добро се справуваме со проблемот на транзитните илегални емигранти. Но овој проблем е темпирана бомба која човек не знае кога ќе експлодира. Зависи од многу фактори кои воопшто не се поврзани со нас. Тргнувајќи од политичките, безбедносните и економските состојби во земјите од каде тие доаѓаат, преку одлуките на владите во регионот и најмногу од одлуките на најмоќните европски држави во врска со справувањето со оваа појава која неодамна ја нареков нова голема преселба на народите. Овие кои сега транзитираат кон ЕУ се главно припадници на т.н. средна класа во нивните земји, голем дел од нив со солидно образование и кои можат да си дозволат доволно пари за таквото патување. Сиромашните, кои се најголемиот број од граѓаните на тие земји, главно, сè уште немаат тргнато и се изненадени од успехот на оние кои тргнаа и пристигнаа во западна Европа. Кога тие ќе тргнат, тогаш проблемите ќе нараснат.

ЕУ сè уште нема изградено заедничка стратегија по ова прашање. Постојат многу морални дилеми и крупни несогласувања. Сепак, се чини, успехот зависи од тоа, колку длабоко и колку доволно и побрзо ќе се интервенира заради решавање во изворот на проблемот, во причините зошто тие бегаат и доаѓаат во ЕУ. ЕУ е свесна за понатамошните проблеми и можни последици од така нагол прилив на толку многу луѓе со различни култури, степен на образование, религии, обичаи и начини на размислување и делување. Од друга страна е хуманиот аспект, на кој мора да се води сметка. Ова е еден од најголемите предизвици за ЕУ во поновото време, за кој се надевам дека брзо ќе изгради некоја заедничка стратегија.

Почитувани присутни,

Македонија е држава каде живеат граѓани од различни етнички заедници и религии. Бројните расправии на меѓуетнички план, пресметувањето на бројките и процентите од рамковниот договор, различните негови толкувања, имаа различни ефекти. Од една страна рамковниот договор разреши многу работи и трасира пат на разбирање меѓу различните етнички заедници по конфликтот во 2001-та. Од друга страна, преголемата оптовареност со тој договор, гледано човечки и емотивно малку нè оддалечи како луѓе, како соседи, соработници, сограѓани, блиски. нè натера наместо како луѓе, сè повеќе да се гледаме како бројки. Неодамнешните поплави во северозападна Македонија кои предизвикаа повеќе невини жртви и огромна материјална штета, нè натераа малку повеќе да се почувствуваме пред сè како луѓе од крв и месо, а не како некоја „друга страна“ или друг етникум,.. Повеќе свои, а дури потоа како припадници на некоја етничка заедница или вера. Поплавите ни одзедоа повеќе животи и многу пари за санирање на штетите, но барем донекаде нè доближија како луѓе и нè потсетија на некои заеднички вредности. Се виде на дело, дека луѓе на луѓе, соседи на соседи,  помагаат кога е најтешко и во такви моменти не е важно кој што е. Така треба секогаш да биде.

Ја видов одблиску маката на тие луѓе во Шипковица и во Речица и тоа кога им беше најтешко.

Но, го видов и поривот на сите останати да им помогнат, на оние кои до вчера ги гледаа како опасност или како некој со кој треба да имаат дистанца. Ја видов и благодарноста во очите на оние на кои им се помагаше.

Драги пријатели,

Луѓе сме пред сè. Да не го забораваме тоа. Ова не значи дека не треба да го исполнуваме рамковниот договор. Треба. Но да не ја заборавиме човечката димензија. Да не дозволуваме несреќите да нè потсетуваат дека Бог така одлучил и нè довел на едно место  заедно да живееме и треба заеднички да работиме животот да си го направиме поквалитетен и посреќен.

Деновиве се актуализира и темата околу легализација на марихуаната за медицински цели.

Мојот став по ова прашање е дека општата легализацијата на марихуаната не треба да се прифати. Тоа би довело до лоши последици долгорочно. Истовремено, прашањето за увоз и пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано. Не од политичари или новинари или пак политички аналитичари туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база. Потребно е темелно да се проучи зошто во некои држави во Европа и САД овие лекови се дозволени, а во некои не, и какви се нивните искуства. Дури потоа може да се заземе став по однос на овој вид медикаменти.

Почитувани присутни,

Македонија направи огромен напредок во овие дваесет и четири години на независност и сувереност, но потребна е уште многу работа. Мораме да останеме фокусирани на континуирани реформи и фокусирани на стратешките цели. Како влада тоа и ќе го правиме, но паралелно ќе останеме во директен контакт со народот. Одењето на терен и соочувањето со проблемите на луѓето и нивно решавање во случаите кога е можно, ќе ја одржуваат бистра сликата за реалноста кај политичарите и функционерите кога се дизајнираат реформите.

Мораме да продолжиме директно да се соочуваме со проблемите на луѓето, да ветуваме и да го реализираме нивно решавање. Независноста ни даде одврзани раце да бидеме свој на своето. Сами како држава и народ да ги носиме одлуките за нас. Сега, оваа наша држава, мораме на најдобар и најефикасен начин да ја модернизираме, зајакнуваме и континуирано да ја реформираме кон подобро. За доброто на народот, бидејќи народот е државата.

Нека ни е честит 24-от роденден на независна, суверена и самостојна Република Македонија!

Нека е вечен празникот и нека е вечна Македонија!