Премиерот Никола Груевски се сретна со бизнис делегација од Обединетите Арапски Емирати

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (вторник, 17 ноември 2015 година) оствари средба со бизнис делегација од Обединетите Арапски Емирати.

Средбата се одржува по скорешната посета на претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски на Обединетите Арапски Емирати каде оствари средба со  престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати Шеик Мохамед Бин Зајед Ал Нахјан.

Во тие разговори беше ставен посебен акцент на интересот за продолжување на економската соработка, зголемување на надворешно трговската размена и соработката на полето на инвестициите, при што беше договорено дека ќе се испрати бизнис делегација која треба да ги утврди бизнис можностите и поволностите кои ги нуди Република Македонија.

Бизнис делегацијата од Обединетите Арапски Емирати пристигна вчера со цел продолжување на дијалогот и разгледување на можностите за продлабочена соработка. Делегацијата ќе престојува во државата два дена при што нивниот интерес се повеќе проекти и можности за соработка во делот на туризмот, енергетиката, земјоделието, инфраструктурата и повеќе други области.

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски во текот на денешниот ден оствари и средба со еден од основачите на организацијата Македонија 2025, стопанственикот и менаџер, г-дин Мајк Зафировски. На средбата се разговараше за теми од економијата, инвестициите и поддршка и јакнење на капацитетите во образованието.