Промовирани 20 наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“

Дваесет нови наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ беа промовирани денеска во Музејот на Внатрешната македонска револуционерна организација, Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. 

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, продеканот на Филозофскиот факултет при универзитетот „Свети кирил и Методиј“, професорот Александар Атанасовски од Катедрата по историја на Филозофскиот факултет, историчари, преведувачи....

Најголем дел од книгите што денеска беа промовирани, односно 12 се од делот на светската филозофија и тоа, според премиерот Груевски, реномирани изданија како што се трите тома на „Историјата на филозофијата“ од Фредерик Коплстон, понатаму делата „Религијата како природен феномен“, „Заблудата за Бог, мит и реалност“, „Морални, политички и книжевни есеи“...

- Втората група книги, вкупно шест се дела од областа на историјата кои верувам ќе бидат интересни за многу наши историчари и љубители на историјата затоа што во најголем дел се однесуваат за Македонија и Балканот, а сепак се напишани од луѓе кои не потекнуваат од овие простори. Такви се делата „Југоисточна Европа под Отоманска власт“, „Социјална историја на Византија“, „Византиската јавна архитектура меѓу 4 и раниот 11 век со особен осврт кон градовите на Византиска Македонија“, „Темната страна на националните држави“, „Етничкото чистење во современа Европа“, „Објаснување на римските инспкрипции“ и „Историјата на САД“. Тука се и две дела од психологијата „Како лекува анализата“ и „Психологијата и слободната волја“, кои како и останатите, првпат се преведуваат и печатат на македонски јазик во Република Македонија, појасни Груевски.

Изборот на дела, додаде тој, е правен посебно, внимателно и критички и очекува во истиот дух да бидат примени и опсервирани од нашата јавност и научна заедница.

Преку овој проект досега се промовирани 50 книги, денеска се промовираат нови 20, а за декември премиерот најави промоција на нови 30 дела.

- Она што е заедничко за сите, е што веќе го имаат поминато ситото на светската наука и се имаат докажано како врвни дела во својата област. Таквите карактеристики ги прават вечно барани во секоја развиена земја, а отсега ќе бидат достапни и во Република Македонија, нагласи претседателот на Владата.

Културата, посочи Груевски, изминатиот период беше и остана еден од главните фокуси на Владата. Во работата, нагласи, се воделе по максимата да се направи нешто што одамна не било направено, што со години наназад недостасувало, а ќе остане за следните генерации.

Целта на овој проект, според премиерот, била да се надомести сериозниот дефицит на литература, пред се, од западната научна мисла во делот на историјата, филозофијата и психологијата.

- Недостатокот од литература во овие три научни полиња во многу случаи значеше импровизација во образованието и упатување на студентите на литература до која тешко се доаѓа или, пак, за скрипти и книги на српско-хрватски јазик. Недостапноста на литературата значеше и потешкотија за секој научник и истражувач да консултира, спореди и дојде до многу повеќе информации за полето од негов интерес. Тоа значеше и недостаток на нашето општество во делот на понуда на книги кои се интересни и за многу љубители на книгата кои не се професионално врзани за одредено поле на интерес, но, од хоби и од разни причини имаат желба да го надградат своето знаење од овие области, рече Груевски.

Министерката за култура Канческа-Милевска нагласи дека едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“, овозможува, во македонската наука и во високото образование да се вградат делата кои се незаобиколни референци во пошироката интелектуална култура на нашата епоха.

- Овој капитален проект ги обединува насловите кои извршиле пресудно влијание врз развојот на психолошката, историската и филозофската мисла во секој сегмент на нејзиниот развој и во таа смисла, едицијата има исклучително културно, научно и општествено значење за нашата средина, таа е суптилен патоказ за нашето идно колективно дејствување. Преку овој проект сите ние, на еден начин, заеднички го трасираме развојот на нашето општество и даваме придонес кон продуцирањето на високо квалитетен кадар кој ефективно ќе го унапредува развојот на македонската наука и ќе комуницира со останатите напредни средини, рече Канческа-Милевска.

Филозофските, историските и психолошките дела селектирани во овој проект, според неа, поучуваат и образуваат не само со своето „што“, туку и своето „како“, со оригиналноста и длабочината на пристапот кон проблемите што ги третираат.

Министерката заклучи дека Република Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност.

- Еден од најголемите предизвици при реализацијата на овој капитален проект, кој ги обедини сите релевантни интелектуални сили во нашата држава, беше афирмацијата на македонскиот јазик и неговиот лингвистички потенцијал, истакна Канческа-Милевска.

Промоторот, професорот Атанасовски од Катедрата по историја на Филозофскиот факултет нагласи дека овие книги не се наменети само за студенти, туку се за сите оние што сакаат да читаат. Преку историјата, посочи тој, учиме за грешките, но и за успесите на цивилизациите.