Кинески компании заинтересирани за бизнис во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска, (четврток, 26 ноември 2015 година) заедно со владина делегација во чиј состав е заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин  Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, г-дин Никола Попоски, и заменик министерот за економија, г-дин Христијан Делев, учествуваше на бизнис форум во Пекинг, НР Кина, каде што беа претставени можностите за инвестирање и поволностите кои што се нудат за водење на бизнис во Република Македонија.

Бизнис форумот се одржа во соработка со Фондацијата за инвестиции на НР Кина, а присуствуваа голем број на кинески компании од областа на градежништвото, технологијата, металската и прехранбената индустрија, и енергетскиот сектор.

Премиерот Груевски посочи дека една од важните работи за Македонија  е што државата е ориентирана кон креирање на добра бизнис клима што пак е потврдено од значајни меѓународни финансиски институции.

Светската Банка еднаш годишно го објавува извештајот Дуинг Бизнис со кој се рангираат земјите според добрата бизнис клима. Во 2006 година нашата земја беше на 94 место, и правејќи многу реформи, преземајќи многу чекори дојдовме до 12 место во светот според добрата бизнис клима, и на 6 место во Европа  веднаш по Обединетото Кралство, Данска, Шведска, Норвешка и Финска, изјави Груевски.

Тој посочи дека Владата креираше добра бизнис клима преку преземање на различни мерки, а една од нив е мерката регулаторна гилотина со која се намалија или отстранија, или се направија поевтини, илјадници бирократски процедури во земјата во последните години и тоа во соработка со стопанските комори и над 350 компании од приватниот сектор од различна големина и област.

Од ваквата соработка дојдовме до многу идеи и предлози кои беа применети и на тој начин ја подобривме добрата бизнис клима за домашните и странски инвеститори, изјави премиерот Груевски.

Претседателот на Владата Груевски посочи дека една од карактеристиките на македонската економија е тоа што има најниски трошоци за правење на бизнис во Европа.

Кога зборам за најниски трошоци мислам на сите трошоци кои се дел од еден бизнис, почнувајќи од даноците, и се што е поврзано со даночните трошоци, трошоците за енергија, бирократски процедури итн, така што земено вкупно имаме најниски трошоци за правење бизнис споредено со било која земја со Европа, истакна Груевски.

Посочи и дека персоналниот данок на доход изнесува 10%, исто како и данокот на добивка, а во случај на реинвестирање на добивката данокот е 0% како и фактот дека Македонија има најниска ефективна даночна стапка во светот во износ од 7,4%.

Вицепремиерот Пешевски во своето обраќање се осврна на деталите и можностите кои ги нудат технолошко индустриските зони за потенцијалните инвеститори и на важноста за продлабочување на трговските односи со НР Кина.

Во соработка со Фондацијата за инвестиции на НР Кина одржавме презентација пред околу 150 компании, на кои им ги пренесовме информациите важни за правење на бизнис и добрата бизнис клима, истакна во изјава вицепремиерот Пешевски.

Освен тоа тој посочи дека се одржаа и одделни средби со петнаесетина компании и очекува дел од тие средби да резултираат со конкретни резултати и во иднина.

Вицепремиерот Пешевски се осврна и на посветеноста за развивање на трговските односи на Македонија со НР Кина и склучувањето на протоколот за извоз на смрзнато јагнешко месо произведено во Република Македонија во НР Кина кој беше потпишан денес во Пекинг.

Денес директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски потпиша протокол со соодветните служби на кинеската држава за извоз на смрзнато јагнешко месо од Република Македонија со што се зголемуваат можностите за продлабочување на соработката. Убеден сум дека НР Кина како втора економија во светот и една од најбрзорастечките економии, е вистинско место да се посети сега, бидејќи како што се отвораат сега постепено кон другите пазари токму оние земји кои ќе успеат сега успешно да се презентираат и да образложат добри проекти ќе може да остварат поинтензивна соработка и тоа е нешто што го цениме и е во интерес на граѓаните на Република Македонија, изјави Пешевски.

Присутните претставници на кинеските компании дадоа позитивна оценка за презентираните можности за водење бизнис кои ги има нашата земја.

Ванг Јанг од компанијата Кина камкеи инжињеринг, кој веќе бил во неколкудневна посета на Македонија и е заинтересиран за развивање на соработка во повеќе области, изрази задоволство од односот на македонската Влада кон бизнис заедницата и добрата бизнис клима.

Македонија има една од најдобрите бизнис клими за правење на бизнис и верувам дека преку нашиот бизнис партнер Еуромакс и Владата на Македонија може да развиеме многу успешен бизнис. Бев во Македонија пред две недели и имавме импресивно искуство. Бевме таму за два проекти, првиот е од областа на рударството, а вториот е од областа на енергијата кој го развива државата, изјави Ванг.

Генералниот менаџер за Европа на Нучтеч компани, компанија која веќе инвестирала во Полска, и е присутна на европскиот пазар, Квијан Фу, позитивно ги оцени можностите за инвестирање и напорите кои ги прави Владата за привлекување на инвестиции.

Денес сме изненадени од инвестициската политика и добрите бизнис услови во Македонија. Во иднина имаме планови да го продолжиме нашето производство во Европа. Македонија е потенцијалното место за нашата втора инвестиција за источно европскиот пазар, изјави Фу.