Интервју на премиерот Никола Груевски за Кинески Дневник

Утринава имавте можност да патувате со брзата железници од Суџоу до Шангај. Какво е чувството?

Чувството е добро, не ми е првпат на такво превозно средство, навистина е брза, удобна, и имам позитивно мислење.

На 15 ноември вие бевте меѓу првите патници на новиот кинески брз воз испорачан во Македонија.

Да, тоа искуство беше многу позитивно, поминавме 30-ина минути патувајќи со новиот воз, кој е произведен тука во Кина. Возот навистина е удобен, постигнува висока брзина. Нашата железница има одредени ограничувања, не дозволува на неа да се патува со повеќе од 120 или 130 километри на час, но сепак, и покрај тоа што возот патува бргу, немате чувство дека се движите со таа брзина. Возот е одлично направен, дизајниран, и можам само да им честитам на производителите.

Планирате да купите повеќе вакви возови од Кина?

Да, веќе купивме желенички композиции со кои заменивме 60 проценти од нашите патнички возови, и сега почнуваме процедура за замена на остатокот, кои би требало да бидат испорачани до втората половина на следната година.

Тоа се добри вести. Во Пекинг учествувате на самитот на Кина и централно-источна Европа. Кои се впечатоците?

Средбите поминаа многу добро. Разменивме мислења за досегашната соработка и визии за следниот период. Зборувавме општо, а сега имаме и билатерални средби со премиерот на Кина. Се разбира дека и ние, лидерите на земјите, ја искористивме можноста за меѓусебни средби, за размена на идеи и информации. Ова го правиме при различни настани, и ова беше една добра можност за билатерални средби.

Некои се сомневаа дека Кина може да соработува со средна и источна Европа. Како вие ја гледате иднината на оваа соработка?

Мислам дека тоа е мудра идеја на Народната Република Кина да отвори ваква соработка со источна и средна Европа, со 16 земји од овој регион. Тоа е добра можност за продлабочување на нашата соработка, особено во економијата, и отвора перспектива како за Кина, така и за нас. Како што поминува времето, се потврдува дека идејата беше позитивна. Извозот расте, расте и соработката, имаме се повеќе проекти кои се од взаемен интерес, и тоа дава резултати. Ова е четврта ваква средба, петта од гледна точка на развојот на бизнисот и трговијата, а четврта политичка средба. При дискусијата вчера гледаме дека нашите разговори даваат резултат, со разни проекти меѓу државите, со подобрување на трговските односи, поголема размена.

Како го гледате придонесот на Македонија и придобивките за неа од иницијативите на Пекинг?

Општо земено ова го гледаме како добра шанса за нас да ги засилиме односите со Кина, и да понудиме повеќе идеи и конкретни проекти кои ќе резултираат со позитивен развој на настаните за двете земји. Ние сме првата земја која отпочна да ги користи кредитните линии на Кина одредени за источните европски држави. Во моментов градиме два автопати во Македонија со поддршка од кинеската Ексим банка. Ова е позитивно искуство за нас, процедурите беа релативно брзи и се работи ефикасно. Во моментов се гради еден автопат во источниот дел на земјата, а еден во западниот дел. Има можности за многу нови проекти во иднината. Во минатото во Македонија се изгради една хидро централа, пред 5-6 години, што исто така беше позитивен пример на соработка. Ние имавме подготвени проекти и први од источна Европа потпишавме договор за да отпочнат проектите. Пред две години почнавме со подготовките, а пред една година со градење. Гледаме дека комуникацијата со Кина, соработката со Кина, може да се одвива ефикасно, со проекти кои не се само празни зборови, кои никогаш не се реализираат, туку се нешто конкретно и од моментот на постигнувањето на договорот, реализацијата на проектот почнува бргу.

Дали ќе им овозможите на кинеските туристи полесно да дојдат во вашата земја, да добијат виза и да патуваат?

Да, сакаме да привлечеме што е можно повеќе туристи од Кина. Дури организираме тури заедно со други земји од регионот, за да можат кинеските туристи да посетат повеќе држави одеднаш. Нашите туристички агенции соработуваат на овој план. Нашите министерства за надворешни работи разгледуваат начини како да се олесни издавањето на визи, и јас разговарав со мојот министер за надворешни работи да видиме до каде е нивото на разговори на ова прашање. Донесовме одлука на Владата да дадеме субвенции на туристичките оператори кои ќе доносат кинески туристи во Македонија. Ќе добијат 65 евра за секој посетител ако операторот носи повеќе од 10 луѓе кои ќе останат минимум три дена во нашата земја. Ова е значителна поддршка за компаниите, за тур-операторите, кои ќе донесат на пример по неколку илјади луѓе годишно. Самите 65 евра не се ништо, но ако помножите по 1.000, по 5.000 туристи, тоа е значителна помош за операторот. Не само што сакаме да го направиме патувањето во нашата земја полесно, туку сакаме да биде и поефтино.

Тоа е одлична вест. Што е со бизнисмените? Знам дека сакате да привлечете кинески бизнисмени да инвестираат во вашата земја.

Има многу компании заинтересирани за инвестирање во Македонија. Во моментов разговараме со најмалку десет кинески компании кои изразија сериозни намери за проекти и инвестиции во Македонија.  На вашата Влада и нудиме, ако е потребно, да создадеме една зона во која ќе поканиме кинески компании да инвестираат во Македонија под посебни услови, и мислам дека работите се одвиваат во добра насока. Македонија на прв поглед е мала, два милиони луѓе, два милиони потрошувачи, тоа не е ништо за голема компанија. Но, ние имаме договори за слободна трговија со сите земји на европскиот континент, сите ЕУ членки и земји кои не се ЕУ членки, со единствен исклучок на Русија. И Турција, Украина, Швајцарија, сите источни држави... Се што е произведено во Македонија може да се извезе во било која од овие земји без царини и давачки. Тоа значи дека компании кои произведуваат во Македонија имаат еднаков третман кога извезуваат во Германија, Австрија, Швајцарија, Норвешка, Турција, со било која друга земја во Европа. Тоа е голема поволност за Македонија, бидејќи место да имаме пазар од два милиони луѓе, имаме пазар од 660 милиони потрошувачи. Многу компании ја користат нашата земја како влезна порта на европскиот пазар. Тоа е една важна работа.

Другата предност е што имаме многу стабилна политичка и макро-економска ситуација, со ниска инфлација од 1 до 2 проценти годишно, стабилна валута врзана за еврото и низок до умерен државен долг од околу 36 проценти од БДП, што е петти најнизок долг во Европа. Растот на нашата економија е значителен и постојан. Во 2013 и 2014 имавме втора највисока стапка на раст во Европа. И годинава очекуваме да имаме стапка на раст која ќе биде меѓу највисоките во Европа. Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Споредете не со било која друга земја на европскиот континент, нема држава со пониски трошоци. Тука мислам на сите можни трошоци за вашиот бизнис, од даноците, до логистичките, енергетските трошоци и трошоците за работна рака. Нудиме најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Само еден пример, данокот на добивка е 10 проценти, но данокот на реинвестираната добивка е 0 проценти. Значително ги намаливме давачките за царина, акцизите, за многу сектори како ДДВ од 18 до 5 проценти, со што имаме пакет од најниски даноци во Европа.

Светската Банка и Прајсвотерхаус Куперс во свој извештај оценија дека имаме најниска ефективна стапка на данок во Европа. На почетокот на мојата Влада, во 2006, Светската Банка ја рангираше мојата земја на 94 место во својот годишен извештај за леснотија на водење бизнис. Денес, во последниот извештај Дуинг Бизнис 2016, ние сме на 12 место и шести во Европа, зад Британија и четири од скандинавските држави.  Тоа е голем успех за еден кус период на време од 7-8 години - да дојдете од 94 на 12 место и да бидете меѓу првите во Европа. Беше потребно многу работа за тоа, многу реформи, кратење на бирократијата и подобрување на бизнис климата како за домашните така и за странските инвеститори, на кои еднакво сме посветени. Создадовме слободни економски зони кои даваат многу поволни услови за компаниите. Во првите десет години инвеститорите се ослободени од данок на добивка, личен данок на добивка, ДДВ и царини за суровините потребни за производство наменето за извоз. Имајќи предвид дека земјата во овие зони се изнајмува на 99 години, по многу ниски цени, безмалку бесплатно, и имајќи предвид дека зоните ја нудат целата потребна инфраструктура, ова се одлични услови за инвеститорите. Со овие поволности, и со многу други реформи, многу светски компании доаѓаат во Македонија во изминативе години и ја користат како добра локација за изградба на производни капацитети преку кои во многу случаи ја покриваат Европа, а во некои случаи извезуваат низ целиот свет.

Публиката на Кинескиот Дневник се интересира за тоа колку Кинези се занимаваат со бизнис?

Работиме да привлечеме повеќе компании. Во моментов немаме многу кинески инвеститори со гринфилд фабрики. Нашите гринфилд инвеститори се главно од Германија, САД и Британија, потоа Италија, Белгија и други земји. Од Кина се уште немаме таква значителна инвестиција, со градење нова фабрика, производство на некој производ и негов извоз. Но, во моментов сме во дискусии со неколку такви компании. Пред два дена се сретнав со една таква компанија која планира да инвестира во Македонија, за инвестиција од 140 милиони евра со која би се отвориле 1.400 работни места. Има и други компании кои сакаат да дојдат. Овие компании ни рекоа дека имаат препораки од компании на кои им ги продаваат своите производи. Една германска компанија со која соработуваат, која инвестираше во Македонија, им посочила на своите кинески партнери дека се задоволни од понудените услови и им препорача да го анализираат пазарот, и ако е можно нивната нова постројка во Европа да ја изградат во Македонија. Тие иницираа контакт со нас, ни рекоа дека имаме добри препораки од германските партнери, додадоа дека не знаеле многу за нас, но, го анализирале пазарот и сакаат да дојдат и да ја посетата нашата земја. Има многу такви компании. Кина е присутна во Македонија со некои инфраструктурни инвестиции, автопати, хидроцентрала, железницата, но се уште не е присутна со значителни производни капацитети, но работиме со нив и се во фаза на подготовка.

Што е со доаѓањето на македонски бизнисмени во Кина?

Нашите компании се се повеќе заинтерсирани за пристап на кинескиот пазар. Претставници на наши компании и на стопанските комори дојдоа на овој настан. Некои се веќе присутни, извезуваат вино и други производи во Кина. Отвораме врата за извоз на храна, земјоделски производи, и верувам дека тоа ќе помогне за натамошна соработка.