Во Ерусалим премиерот Груевски го посети Медицинскиот центар Хадаса

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 9.12.2015 година), во рамките на својата посета на Државата Израел, во Ерусалим го посети медицинскиот центар Хадаса, каде оствари средба со менаџментот на болничкиот центар.

Хадаса медицинскиот центар е еден од најнапредните кога станува збор за медицинската наука и примена на најсовремените методи. Со годишен буџет од половина милијарда долари, Хадаса центарот е лидер и во медицинските истражувања во целиот регион на земјите од тој регион. Во болничкиот центар работат 5 000 луѓе, а годишно се извршуваат 32 илјади операции од различен карактер. Истовремено се инвестираат дополнителни 40 милиони долари во отворање на најсовремени операциони сали каде што ќе се применуваат современи медицински зафати.

Целта на посетата е воспоставување на соработка во делот на размена на медицински персонал, но и прием на пациенти за одредени области, како и разгледување на можностите за други форми на продлабочена соработка. За таа цел од страна на овластени лица од двете страни беше потпишан и Меморандум за соработка со медицинскиот центар Хадаса.

Премиерот Груевски при средбата со менаџментот истакна дека во областа на јавното здравство Владата е заинтересирана за размена на искуства и споделување на најсовремените техники и знаења од областа на медицината, а Хадаса медицинскиот центар е одличен субјект за таков вид на соработка. Тој посочи дека можни се и остварувања на други продлабочени форми на соработка со цел воведување на позитивните пракси од ваквите напредни центри во македонското здравство.

Со потпишувањето на денешниот меморандум се договорија неколку работи, наши лекари да доаѓаат тука на тренинзи за третман на болести и за воспоставување дијагнози. Втората работа е праќање на нивни лекари во Македонија на одредено време, да обучат наши лекари за некои сегменти каде тие се понапредни и трето за болести за кои нема експертиза во Македонија да има можност за испраќање тука во Израел, изјави премиерот Груевски.

Од страна на менаџментот на болницата Хадаса беше посочено дека тие се отворени за разни видови на соработка и позитивно ги оценија заложбите на македонската Влада за размена на искуства меѓу здравствените системи на двете држави, од што корист би имале пациентите, а користа би се огледала и во стекнувањето на дополнително обучен медицински кадар

Директорот Јорам Веис, истакна дека Хадаса медицинскиот центар е еден од лидерите во медицина во Израел и воедно во светот кога станува збор за медицински истражувања и грижа на пациентите.

Многу сме горди што ќе соработуваме со Република Македонија и отвораме можност за прием на пациенти, и за медицински персонал за обука со цел да ги споделуваме нашите истражувања со нив, изјави директорот на Хадаса медицинскиот центар, Јорам Веис.