Претседател на Владата на Република Македонија

Претседател на Владата на Република Македонија

Зоран Заев

Роден е на 8 октомври 1974 година во Струмица.

Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1997 година. На истиот универзитет бил на постдипломски студии по монетарна економија и финансии.

По победата на локалните избори во 2013 година, во Струмица, го почнува својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град, и оваа функција ја извршува до декември 2016 година.

Добитник е на наградата за најдобри практики од Советот на Европа за првото јавно – приватно партнерство во Република Македонија, имплементирано во изградбата на објектот „Глобал”. Општина Струмица под негово водство е добитник на највисоко државно признание во областа на екологијата (2007 – 2008 година).

Во периодот од 2003 до 2005 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.

Професионалната кариера ја започнува како вработен во „Тргопродукт“ – Струмица во периодот од 1997 до 2003 година, а од 2001 бил и директор на истото претпријатие. Бил член на Управниот одбор на штедилницата „Пеон“ (1998 – 2003), како и на Управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица” (2001 – 2003). Во периодот од 2000 до 2003 година ја врши функцијата Претседател на управниот одбор на ЈПКД „Комуналец” - Струмица.

Зоран Заев е претседател на СДСМ од 2013 година. Заев бил потпретседател на Централниот одбор на СДСМ во периодот од 2006 до 2008 година. На VIII Конгрес на СДСМ во 2008 година е избран за в.д. претседател на партијата, функција која ја вршеше до IX Конгрес кога беше избран за потпретседател на Централниот одбор на партијата.

На 31 мај 2017 година Зоран Заев е избран за претседател на Владата на Република Македонија.

Оженет е со Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко.