Честитка од Груевски по повод Денот на настава на турски јазик

Почитувани претставници на турската заедница во Република Македонија,

Дозволете ми, во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 21 Декември - Денот на настава на турски јазик.

Негувањето на народниот јазик е наша традиција и наша обврска. Мајчиниот јазик отсекогаш претставувал значајна одлика на националната мисла во секоја држава и креатор на душата на народите кои ја населуваат. Затоа овој ден е од големо значење за Турците во Република Македонија, но во исто време е од значење и за нашата држава која со години наназад претставува сплет на култури, етникуми и религии. Со одбележување на овие празници, оставаме силна порака до следните генерации, порака на заедништво и почитување на културата на другите. Таквата порака ја оставаме и со голем број проекти од областа на културата, образованието, поддршка на традициите и сите останати области од значење за турската заедница во Македонија, но и од значење за македонската заедница во Турција и односите помеѓу Македонија и Турција.

Во оваа насока, би сакал да Ви го честитам големиот празник 21-ви Декември, денот кој симболично е поврзан со можностa за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик, како едно од основните фундаментални права на човекот. Наша трајна определба е таквите обележја да ги почитуваме, негуваме и прославуваме како еден од нашите основни општествени постулати и наши заеднички придобивки. Само на тој начин, со почитување и взаемна соработка ќе продолжиме да ја негуваме и развиваме Република Македонија како заедницата на рамноправни граѓани, како заедница која треба да овозможи квалитетен живот и добра перспектива на сите идни генерации во државата.

            Ви посакам многу здравје, среќа и успех во следната 2016 година !

            Нека Ви е честит 21 Декември - Денот на настава на турски јазик !

            Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ