Пуштен во употреба реконструираниот пат Зелениково - Ново Село

Во општина Зелениково денеска беше пуштен во употреба реконструираниот пат Злениково - Ново Село, кој ќе овозможи подобра комуникација на жителите на општината и треба да даде имплус за бизнис-секторот. Со проектот, кој е инвестицијата на Агенцијата за државни патишта од 10,3 милиони денари, општина Зелениково го одбележа и јубилејот 15 години од своето постоење.

Реконструираниот пат кој е стар над 35 години и на кој досега се вршеле само ситни зафати, го предаде во употреба премиерот Никола Груевски, кој подвлече дека тоа значи и исполнување на ветувањата дадени кон граѓаните за време на изборите. Со оваа инвестиција, додаде, се очекува да се забрза комуникацијата и квалитетот на животот на жителите од овие села и се дава дополнителен импулс за промоција и развој на стопанската инфраструктура во Зелениково.

- Владата нема овде да застане. Веќе е во полн ек реконструкцијата и на патот Таор - Ржаничино за кој вложуваме дополнителни околу 35 милиони денари, односно 530 илјади евра и со чија реконструкција дополнително ќе се олесни движењето и комуникацијата на овдешните жители и ќе се подобри поврзаноста со автопатот „Александар Велики“ и град Скопје. Проектите од ваков вид ќе продолжат и во иднина, рече Груевски.

Директорката на Агенцијата за државни патишта Наташа Валкановска посочи дека реконструкцијата на патот Залениково - Ново село е дел од Програмата за реконструкција на регионални и локални патни правци на Владата што треба да се реализира целосно до крајот на 2013 година, со вкупна вредност од 140 милиони евра.

Таа информира дека овој месец започнале да работат на подготовка на нови  проекти за изградба и реконструкција на патишта, но и подготовки за обнова на неколку мостови на регионални патишта, како и постепена обнова на сигнализацијата во државата.

Пред неколку дена беше пуштена во употреба и новата далноводска врска Драчево - Зелениково која треба да овозможи трајна енергетска стабилоност за населението во оваа општина.