Вклученост на бизнис-заедницата за заживување на Македонската рамка на квалификации

По усвојувањето на Македонската рамка на квалификации (МРК) во 2013-та и формирањето на Националниот одбор за МРК минатата година, следна и клучна фаза е заживувањето на овој национален стандард кој го регулира стекнувањето и користењето на квалификациите.

Усвоена во согласност со Европската рамка на квалификации, МРК е врска помеѓу системите на квалификации на различните земји и инструмент за олеснување на комуникацијата меѓу нив. На поединците таа ќе им овозможи поголема мобилност во образованието и обуката, но и на пазарот на трдот. 

- Заживувањето на Македонската рамка на квалификации е можно само со вклучување на сите заинтересирани страни, а особено со систематско вклучување на работадавачите, изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска на прес-конференција и ја повика бизнис-заедницата активно да ја следат работата на нејзините тела.

Информации за активностите може да следат на www.mrk.mk, каде е достапен и Каталог на квалификации кој ќе прерасне во Регистар на квалификации.

- Со зголемувањето на важноста на доживотното учење и зголемената потреба за флексибилен пристап до образование и обука согласно потребите на пазарот на трудот, се јавува потреба од зголемување на транспарентноста на квалификациите стекнати формално или неформално, во земјата и во странство. Образованието и обуката имаат клучна улога во развојот и промоцијата на општество засновано на знаење, конкурентност и иновативност, а тоа ни е потребно за да можеме да одговориме на предизвиците на глобализацијата, рече Ристовски. 

Националниот одбор за Македонската рамка на квалификации вклучува членови од стопанските комори, а во подготовката на МРК од самиот почеток беше вклучена Стопанската комора на Македонија.

Анета Трајковска, директор на Дирекцијата за други форми на организирање и работење при СКМ рече дека МРК е сегмент за развој на образовниот систем во Македонија и за поединецот таа треба да овозможи негово корисно вработување, мобилност, развој на кариерата и соодветна награда. 

- Од МРК за компаниите очекуваме да овозможи регрутирање, способност, приспособливост, создавње одговорни кадри кои ќе овозможат враќање на инвестицијата во бизнисот и квалитетен производ и квалитетна услуга... Како социјални партнери ќе го следиме и унапредиме процесот на соработка преку активно вклучување на нашите компании во сите секторски комисии, со цел да се анализираат состојбата и тенденциите на пазарот на трудот, да се унапредат квалификациите, да се дефинираат квалификации кои и се потребни на индустријата, рече Трајковска.

Најави дека на 12 февруари ќе бидат доделени серификати за пет занимања стекнати преку прцесот на препознавање на претходно знаење и вештини за првите илјада работници во Македонија