Средба на Димитриев со чешкиот министер за надворешни работи Заоралек

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денес (среда, 10 февруари 2016 година), оствари средба со министерот за надворешни работи на Чешката Република, г-дин Лубомир Заоралек.

На средбата беа поздравени одличните билатерални односи помеѓу двете земји, кои се карактеризираат со континуиран дијалог на највисоко ниво и нагорен тренд на соработка во сите сфери од взаемен интерес.

Беше истакната заедничката заложба за унапредување на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

Двете страни ја истакнаа и потребата и заложбата за интеграција на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Премиерот за спроведување на изборите Димитриев истакна благодарност за континуираната поддршка која Чешката Република ја дава на нашата земја во процесот на европските и евро-атлантските интеграции и посочи дека и покрај специфичната политичка состојба Република Македонија продолжува со спроведување на владината реформска агенда за интеграциските процеси.

Соговорниците разговараа и за предизвиците во врска со менаџирањето на мигрантската криза и можностите за нивно надминување, при што ја истакнаа потребата од координирани активности на меѓународната заедница особено на земјите кои се засегнати од истата.

Чешкиот министер Заоралек ја истакна значајната улога на нашата земја во овој процес и ја истакна подготвеноста на Чешката Република за понатамошна соработка на ова поле.

Двете страни се согласија дека е потребно што побрзо надминување на актуелната политичка состојба во земјата, и организирање и спроведување на фер, кредибилни и демократски избори кои ќе обезбедат стабилна влада која ќе продолжи со реформите кои се значајни за понатамошниот напредок.

Претседателот на Владата за спроведување на изборите Димитриев го запозна својот соговорник со активностите и мерките на Владата кои се во насока на организацијата на претстојните избори на 24 април, и изрази уверување дека сите институции ќе го дадат својот максимум во реализацијата на сите неопходни мерки за нивно успешно спроведување.