Попоски во Брисел се сретна со Даниелсон

Пред утрешната посета на Македонија на генералниот директор на директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон, денеска во Брисел со него се состана министерот за надворешни работи Никола Попоски. 

- Разговаравме околу актуелната ситуација во Република Македонија и процесот на подготовка на изборниот процес. Во овој дел очекувањата на Европската комисија се дека можеме да се надеваме на спроведување на успешни избори на 5 јуни со што ќе се отворат вратите за излегување од оној циклус на политичка криза и на определен начин да се отвори вратата кон отпочнување преговори на РМ за членство во ЕУ, изјави Попоски по средбата.

За Македонија, како што рече Попоски, најзначајно ќе биде во овој процес адресирањето на обврските поврзани со организацијата и клучните реформски приоритети кои беа наведени во претходниот Извештај.

- Од другата страна очекувањата и притисокот ќе биде на страна на земјите - членки кои не може да остават уште еден подолг временски период на недостаток на преговори на Македонија за влез во ЕУ како што тоа беше во изминатите барем седум години, вели Попоски.

Според него, очекувањата се најмногу насочени делот на градење на оценката за фер клима во однос на прочистување на Избирачкиот список каде што активностите се одвиваат и главниот збор го имаат Државната изборна комисија (ДИК) и Министерството за внатрешни работи (МВР), во вториот дел медиумската атмосфера за која и во ЕК имаат забележано дека има придвижувања во вистинска насока.

- Очекуваме дека во следниот период со стапување во сила на Изборниот законик ќе можеме да ги испочитуваме оние правила кои беа претходно договорени од сите позначајни политички субјекти во државава, рече Попоски.

Во делот на политичкиот договор кој беше постигнат помеѓу најголемите партии во Република Македонија, истакна министерот, значаен дел се изборите. Во однос на изборите, според Попоски, голем број работи се исполнети и останува завршната фаза на прочистување на Избирачниот список односно оние одговорности кои подлежат под ДИК и под МВР.

- Во другиот дел на исполнувањето, односно реформските цели имаме повеќе законски текстови кои беа прифатени во изминатиот период, вклучително и организацијата на Владата со што, би рекол, чиста е ситуацијата околу создавањето на услови за имање на избори и потоа спроведување на останатите реформски приоритети кои се дел од нашата агенда за водење на преговори со ЕУ, рече Попоски.