Правните акти на Спасовски и Ременски поништени врз основа на Законот за Влада

Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, на седницата одржана во четврток, 14.04.2016 година, одлучи да бидат поништени противзаконските и еднострано донесени правни акти на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои се донесени во периодот од 07.04.2016 година до 14.04.2016 година. Одлучувањето на Владата е направено врз основа на Законот за Владата во законска постапка.
Потсетуваме дека на 07.04.2016 година, постапувајќи врз основа на член 30 став 2 од Законот за Владата, Владата одлучи да бидат поништени противзаконските и еднострано донесени правни акти на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои беа донесени во периодот од 11.11.2015 година до 07.04.2016 година, затоа што во законска процедура беше констатирано дека овие акти на наведените министри беа донесени спротивно од членот 46 ставовите 2 и 3, а во врска со членот 47 од Законот за Владата.
По стапувањето на сила на овие владини одлуки за поништување на противзаконските и еднострано донесени правни акти од министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, наведените министри донесоа нови незаконски и еднострано донесени правни акти кои се со идентични содржина и цел како правните акти кои Владата претходно им ги поништи и тоа во постапка која е повторно спротивна од Законот за Владата.
Битно е да се потенцира дека со овие чинови на носење на нови незаконски и еднoстрано донесени правни акти по 07.04.2016 година, кои се со иста содржина и цел како претходно поништените акти, министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика самите потврдија и признаа дека одлуките на Владата, кои беа донесени на 07.04.2016 година за поништување на нивните претходно донесени незаконски и еднострано донесени акти, се законски, донесени врз основа на закон и во законска процедура, односно дека Владата исправно, легитимно и легално дејствувала и постапувала.
Заради почитување на законитоста, и имајќи го во предвид горенаведеното, Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, на седницата одржана во четврток, 14.04.2016 година, одлучи да бидат поништени противзаконските и еднострано донесени правни акти на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои се донесени во периодот од 07.04.2016 година до 14.04.2016 година.

Согласно член 30 став 2 од Законот за Владата, Владата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните организации кој не е во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата, и врз основа на овој член Владата дејствуваше.
Врз основа на официјални информации и акти кои беа доставени и разгледувани во законска процедура на седницата одржана на 14.04.2016 година, беше констатирано дека министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, со противзаконски и еднострано донесените акти во периодот од 07.04.2016 година до 14.04.2016 година, повторно ги повредиле и работеле спротивно на членот  46 ставовите 2 и 3 од Законот за Владата, а во врска со членот 47 од Законот за Владата. При носењето на овие еднострани и противзаконски акти наведените министри повторно не ги почитувале законите, односно не ги донеле овие акти во согласност со дополнителниот заменик министер, не ги консултирале дополнителните заменици министри и на овие акти кои Владата им ги поништува нема потпис од дополнителниот заменик министер, од што произлегува дека тие акти се незаконски донесени и се спротивни на Законот за Владата и затоа Владата ги поништи овие нивни акти.
Владата повторно наложи во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика да се воспостави претходната состојба каква што била пред донесувањето на наведените противзаконски и еднострани акти, кои Владата ги поништи.
Владата на Република Македонија за спроведување на изборите смета дека сите нејзини членови, вклучително и министерот за внатрешни работи и министерот за труд и социјална политика, во рамките на своето делување треба да ги почитуваат законите и очекува во идниот период сите членови на Владата да се водат и да ги почитуваат законските начела и норми, и на тој начин да се придонесе во довербата во изборниот процес и реализација на фер, кредибилни и демократски избори на 5 јуни.