Зголемен бројот на термини и на прегледи

Бројот на термини за преглед овој месец е зголемен за 12 проценти споредено со истиот период минатата година. Поконкретно, во мај 2015 година во системот се евидентирани 380.784 термини, додека овој месец 425.979 термини. За 16 проценти, пак, е зголемен бројот на прегледи.

Ова го покажуваат податоците од Национален систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, кои денеска на прес-конференција ги презентираше министерот за здравство Никола Тодоров. Eдна од реформите, која доби меѓународни признанија и е меѓународно призната, нагласи, е реформата „Мој термин“.

- Наша постојана битка е да го зголемуваме бројот на термини и на тој начин да се намалува времето на чекање и здравствените услуги да бидат што е можно подостапни за оние на кои им се потребни. Процентуално најголемо зголемување на термини има во спедните специјалности: радиотерапија, рендген снимање, компјутерска томографија и услуги од специјалностите за ревматологија, хематологија, пулмологија, респираторна алергологија, кабинет за дијабетес и друго, рече Тодоров.

Појасни дека се залагаат да се отвораат поголем број термини онаму каде тоа е најбарано и најпотребно. За сите овие здравствени услуги, потенцира, термините се зголемиле за 50 или повеќе проценти во споредба со истиот период минатата година. Според него, ова е многу значајно за пациентите имајќи предвид дека станува збор за прегледи кои се релативно чести, така што на овој начин овозможуваат граѓаните побрзо да закажат определен преглед.

- На пример за компјутерска томографија во мај 2015 година биле дефинирани 3.430 термини, додека во мај оваа година вкупниот број дефинирани термини изнесува 5.154, односно бројот на термини е зголемен за 1.720 или за 50 проценти повеќе во споредба со 2015 година. Зголемувањето на бројот на термини за 50 проценти овозможува оваа услуга побрзо да биде достапна на оние пациенти на кои тоа им е потребно, истакна Тодоров.

Нагласи дека на ниво на јавни здравствени установи најмногу зголемени се термините во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија - дури за 174 проценти. Ова, укажа министерот, е многу значајно затоа што кај онколошките болести од исклучителна важност е времето на закажување преглед и заради тоа зголемувањето на бројот на прегледи или термини е во правец на намалување на времето на чекање и побрзо достапна здравствена услуга.

На Клиниката за радиологија бројот на термините е зголемен за 127 проценти, на максилофацијална хирургија - за 124 проценти, на пулмологија и алергологија - за 78 проценти и во Здравствен дом Скопје, во Поликлиниката Драчево за 72 проценти.

- Континуираното зголемување на бројот на термини во системот „Мој термин“ резултира со зголемен број на прегледи или на прегледани пациенти и пружени здравствени услуги. Во април 2016 година бројот на прегледани пациенти е за 16 проценти поголем во споредба со истиот период минатата година. Ова значи дека со зголемувањето на бројот на термини се овозможува и поголем број пациенти во определен временски период да добијат здравствена услуга, рече Тодоров.

Појасни дека зголемувањето на бројот на термини за преглед за 12 проценти и зголемувањето на бројот на прегледи за 16 проценти ја покажува зголемената ефикасност на целиот здравствен систем.

- Јавни здравствени установи во кои најмногу се зголемил бројот на прегледани пациенти во однос на април 2015 година се Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Здравствен дом Битола, Универзитетска клиника за хематологија, Универзитетска клиника за радиологија, Специјалната болница по гинекологија и акушерство Чаир, Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија. Кај сите овие установи бројот на прегледани пациенти во април се зголемил за најмалку 55 проценти во споредба со април минатата година, рече Тодоров.

Ги наброја и докторите кои минатиот месец реализирале најмногу прегледи, а тие се: Славица Вељановска од Клиниката за радиотерапија и онкологија - со дури 757 прегледани пациенти, Љиљана Славковска од Институт за трансфузиона медицина - Куманово со 685 прегледани пациенти и Викторија Перцан од Клиниката за ендокринологија - со 635 прегледани пациенти, која и минатиот месец имала најголем број прегледи.

- Бројот на реализирани рецепти во април 2015 година и април 2016 година е речиси идентичен. Само за изминатиот месец се реализирани 1.778.552 рецепти, 2.000 повеќе од април 2015 година. Бројот на пациенти кои ги подигнале тие рецепти е 491.611. Просечната возраст на пациентите кои биле прегледани во април е 49 години додека просечната возраст на пациентите кои подигнале лек во аптека е 60,5 години, посочи Тодоров.

Според податоците од Мој термин, минатиот месец, нагласи министерот, 22 доктори доцнеле на првиот закажан преглед подолго од еден час три пати или повеќе од три пати во месецот. Според него, директорите на тие јавни здравствени установи треба да преземат сериозни мерки и да нема доктори на кои во континуитет ова им се случува.

- Јавно се обврзавме да спроведуваме кампања во два правци: првиот докторите да не доцнат на закажаниот термин и второ пациентите да доаѓаат на закажаниот термин. Минатиот месец 42.456 пациенти не се појавиле на закажан термин и претходно не го откажале. Станува збор за 15 проценти од вкупниот број на закажани прегледи. Апелираме докторите да не доцнат на закажаниот термин за преглед и пациентите ако не доаѓаат задолжително да го откажат закажаниот преглед, додаде Тодоров.

Според Милан Аризанковски, директор на Управата за електронско здравство „Мој термин“, кај одредени специјалности постои драстично е намалување на времето на чекање.

- Кај други специјалности со зголемувањето на термините ние сме ги ставиле тие услуги уште подостапни на граѓаните, додаде Аризанковски.

Категорија: