Владата ги отфрла обвинувањата на СДСМ за договор за двојно оданочување со Џерси

Владата енергично и во целост ги отфрла сите обвинувања, дезинформации и манипулации истакнати во соопштението од страна на политичката партија СДСМ, а во врска со постапките за разгледување на можностите за склучување на договори за одбегнување на двојно оданочување помеѓу Република Македонија и останати земји и субјекти.

На минатата седница Владата, и тоа како материјал за информирање а не како материјал за одлучување, го разгледуваше процесот на можноста за склучување на ваков вид договор со островот Џерси, како што тековно се разгледуваат ваквиот вид можности и за други земји и субјекти од светот, и тоа во функција на градење на економски односи.

Самиот факт што материјалот е разгледуван на седница на која присуствуваат, или имаат можност да присуствуваат техничките министри од СДСМ, докажува дека ништо во врска со оваа точка на дневниот ред не е тајно нити пак спорно.

Владата нема донесено одлука за склучување на договор за одбегнување на двојно оданочување со островот Џерси, иако и да донесе таква одлука тоа нема да биде воопшто спорно нити противзаконски, затоа што островот Џерси има склучено договори за одбегнување на двојно оданочување со Велика Британија, Естонија, Хонг Конг, Сингапур, Луксембург и други земји и субјекти во светот.

Република Македонија досега има склучено договори за одбегнување на двојно оданочување со 47 земји и субјекти во светот, и легитимна и продуктивна цел е да се има интенција за склучување на што поголем број на ваков вид на договори.

Апелираме СДСМ да се воздржи од вакви некреативни и непринципиелни обиди за манипулации и пласирање на невистини.