Се набавува опрема за Владиниот прес-центар

Владата на Република Македонија започна со постапка за набавка на нова аудио визуелна опрема за потребите на владиниот прес-центар. Со ваквата набавка на техничката опрема првенствено ќе се излезе во пресрет на потребите на новинарите и квалитативно унапредување на условите за работа, запазувајќи ги високите стандарди на оперативност и функционалност.

Тоа ќе овозможи подобри услови за презентација на владините политики и проекти, за инклузија на поголем број мислења во креирањето на истите, како и поголеми можности за дебата и подобра информираност на граѓаните и субјектите за можностите кои се обезбедуваат и ќе продолжат да се обезбедуваат преку реформите.

Во набавката освен предметната опрема е вклучена нејзина монтажа, и ставањето во функција. Дополнително со ваквата набавка ќе се опремат и три сали за состаноци. Значајно е да се истакне дека запазени се сите законски процедури, и избрана е најповолната и најевтината понуда која одговара на пропишаните критериуми, притоа со одличен квалитет. Постапката е спроведена низ транспарентна процедура запазувајќи ги пропишаните правила во Законот за јавни набавки.

Владата на Република Македонија ќе продолжи да придонесува за создавање на поквалитетни услови за работа на новинарите, целосно почитувајќи ја значајноста на нивната работа и придонес, и во таа насока сме отворени за сугестии од секоја заинтересирана страна. Ќе продолжиме и со реформите и проектите затоа што тоа се реални приоритети на секој граѓанин.