Финансиска поддршка за практична работа за 500 млади лица

Сите заинтересирани млади лица до 29 години кои имаат завршено средно или високо образование од денеска може да се пријавуваат на јавниот повик за мерката практиканство преку која ќе се стекнат со прво работно искуство. На огласот може да се пријавуваат и заинтересираните компании кои сакаат да примат млади лица на практична работа. За годинава се обезбедени средства за финансирање практиканство за 500 млади лица.

- Станува збор за мерка која ја реализираме изминатите неколку години и е насочена за создавање прво работно искуство за младите лица до 29 години со завршено средно и високо образование. Ова е одлична можност и за приватниот сектор под поволни услови да ангажира млади невработени лица и да ги обучи за да се стекнат со прво работно искуство, а оние кои ќе покажат најдобар квалитет и најголема посветеност можат и натаму да ги задржат на работа, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој истакна дека мерката која се спроведува изминатите години дава добри резултати и оти за тоа говорат и бројките.

- За неколку години преку мерката со практично искуство се стекнале 2.500 лица од кои 1.590 се веќе во работен однос. Тоа покажува дека оваа мерка не само што им помага на младите лица да стекнат работно искуство, туку над 60 проценти потоа да се вработат кај компаниите каде го стекнале првото работно искуство, истакна министерот за Спасов.

Информира дека за мерката за годинава се обезбедени 9 милиони и 450 илјади денари, за вкупно финансирање практиканство за 500 млади лица.

Директорот на Агенцијата за вработување на РМ Влатко Поповски истакна дека работното искуство е многу важно за натамошата работа на младите лица. Многупати, рече, доаѓаат млади лица кои имаат добро теориско знаење, но немаат практично искуство како да го применат тоа.

- Ова е можност преку тримесечна практична работа која е платена од страна на АВРМ да створат работно искуство и дел од нив се надеваме дека по трите месеци ќе добијат и понуда за вработување кај истите работодавачи каде ќе бидат на обука или пак други кои се занимаваат со слична или иста сродна дејност, рече Поповски.

Додаде дека огласот ќе трае наредните 20 дена, по што, како што рече, ќе се направи пресек и доколку нема доволно кандидати ќе се продолжи се до исполнување на бројката.

Поповски рече дека мерката во голем дел ја користат компаниите од финансискиот сектор, како што се банките, но додаде дека има производствени и услужни претпријатија.