Миновски: Одобрените средства од СБ позитивен импулс за инвестициската активност

Одлуката на Светска банка да и стави на располагање на Република Македонија 25 милиони евра средства наменети за капитални инвестиции во општините пред изборите е уште една добра вест и верификација на економските политики на Владата, вели министерот за финансии Кирил Миновски.

- Владата одржува постојано добри односи со речиси сите меѓународни финансиски институции вклучително и со СБ. Станува збор за кредит кој има за цел подобрување на квалитетот на општинските услуги. Во периодот кога беа закажани изборите дојде до извесно одлагање на овој износ од 25 млиони евра. Со информацијата дека ни се одобрени овие средства се дава еден позитивен импулс на инвестициската активност на ниво на единици на локална самоуправа со што ќе дојде до изградба на инфаструктурни објекти, водоводи и училишта на локално ниво, изјави Миновски во интервју за ТВ „Сител“.

Тој додаде дека со првите средства од кредитот од СБ за подбрување на општинските услуги беа реализирани речиси 70 капитални проекти на локално ниво.

- По одобрувањето на овие средства ние веднаш ќе пристапиме кон објавувањето на повик на кој општините ќе можат да аплицираат со нивни проекти за користење на овие средства коишто несомнено ќе придонесат за економскиот раст во вториот квартал од 2016 година, рече Миновски.

Во однос на повлекувањето на резидентниот претставник во канцеларијата на ММФ е, вели, пред се од интерни причини.

- Државите кои што немаат кредитен аранжман со ММФ во најголем дел од нив нема резидентен претставник. Но, тоа не значи дека канцеларијата на ММФ е затворена, вели министерот за финансии Миновски.

Миновски:Однесувањето на опозицијата прави штета на угледот на Македонија на финансиските пазари

Обвинувањата од страна на опозицијата во однос на издавањето на еврообврзницата се целосно невистинити. Доколку се погледнат информациите на Ројтерс и Блумберг и внимателно се следат информациите кои се објавуваат ќе видиме дека нашите тврдења се вистините, истакнува министерот за финансии Кирил Миноски. 

Во моментот кога е донесена одлуката, посочува тој, во членовите кои ги цитира опозицијата се говори дека е неопходна согласност од помошникот министер за финансии.

- Ние во моментот на носењето на одлуката немаме техничка влада за спроведување на избори од причина што не е утврден датум за одржување на изборите. Во моментот се во тек преговорите за утврдување на иден датум за избори. Оваа теза на СДСМ е невалидна, посочи во интервју за Сител министерот Миновски.

Министерот за финансии нагласи дека средствата од еврообврзницата се неопходни за буџетската 2016-2017 година.

Според него, дел од овие средства, околу 200 милиони ќе бидат искористени за отплата на претходно искористени кредити односно враќање на претходно земени обврски.

- Она што е преседан е однесувањето на опозицијата. Со тоа се нанесува огромна штета на меѓународниот углед на Македонија на финансиските пазари. Се прави преседан кој значи дека секоја идна опозиција може да го користи при евентуално издавање на некоја нова еврообврзница. Тоа влијае негативно на интересот на инвеститорите, рече Миновски.

Доколку ги следиме макроекономските параметри на Македонија, појасни, ќе видиме дека тие се на ниво подобро од соседите и меѓу подобрите во Европа, меѓутоа заради политичкиот ризик од почнувањето на кризата до сега ние плаќаме каматна стапка речиси за 1,7 пати повисока од онаа која реално би требало да ја плаќаме. Тоа значи милионски штети кои нанесуваат на граѓаните и буџетот на Република Македонија.

- Интенцијата на СДСМ е јасна, да се оневозможи да се обезбедат овие средства, затоа што истите ќе значат непречено функционирање во наредниот временски период, ќе дадат дополнителна сигурност во турбулентни геополитички околности, истакна Миноски.

Тој уште еднаш повтори дека со ребалансот на буџетот не доаѓа до кратење на капиталните проекти.

- Доколку ги споредиме податоците од 2006 во однос на оние од 2016 година, ќе видиме дека износот наменет за капитални инвестиции е речиси пет пати поголем. Обезбедени се дополнителни средства за оние капитални проекти кај кои врз основа на проценетата динамика на реализирање на активностите постои простор да се потрошат тие средства, тоа е пред се изградбата на автопатот од Коридорот 10 Демир Капија-Смоквица, понатаму обезбедени се средства за гасификаци, вели меѓу другото Миноски.

Извор: „ТВ Сител“

 

Категорија: